Македонија
(Видео) Беше против, а сега за Заев не е непотизам роднините на функционерите да се вработат
Премиерот Зоран Заев за вработувањата на роднините на функционерите го смени мислењето. Пред една недела тој повика на морална одговорност, најави дека ќе се прават анализи дали имало партиски протекции при вработувањето на роднините на функционерите од СДСМ и ДУИ, но сега го омекна ставот. Тој сега вели дека и роднините на функционерите биле граѓани на оваа држава и имале право на еднаков пристап до вработување.
„Мора да бидеме чесни кон граѓаните и да ги слушаме сите реакции, но да не претеруваме. Сите граѓани во оваа држава имаат право на работен однос во неа. Ако стане презаситено и прегорко чувството, да закочиме и да се коригираме. Но, тоа не значи дека членовите на семејствата на функционерите да не бараат работа. Тоа треба да биде по пат на транспарентност и компетитивност“, изјави Заев.
Пред да дојде на власт главниот адут на СДСМ беше крај на партиските вработувања. Тој ветуваше дека граѓаните ќе се вработуваат по стручност, а не по партиски клуч.
„Едноставно е. Главен критериум за вработување нема да биде партиската книшка, туку стручноста и работното искуство. Ова е една од мерките со која ќе се обидеме да ги вратиме заминатите граѓани од Македонија и да спречиме натамошни заминувања. Останавме земја без луѓе! Мора нешто да се смени. Нашата цел е државата и институциите да ги вратиме во владение на граѓаните“, изјави Заев во 2016 година.
На една партиска прес-конференција, кога СДСМ беше опозиција, јавно го прозва тогашниот премиер Груевски за непотизам кога за шеф на УБК беше поставен неговиот братучед Сашо Мијалков.
„Дали е непотизам назначувањето на вашиот прв братучед Сашо Мијалков за директор на УБК? Дали со ваквата поставеност на Мијалков му дозволивте да има неконтролирана моќ, да сее страв и трепет во целата држава? Дали Сашо Мијалков е создавачот на вашата криминална олигархија од фантастична една милијарда евра“, праша Заев од партиска прес-конференција додека беше во опозиција.
Наспроти ветувањата и обвинувањата на претходната власт, луѓе блиски до Зоран Заев станаа негови советници, со високи плати, а не останаа запоставени и коалициските партнери и функционерите на СДСМ. Сестри, браќа, братучеди, па дури и снаи и шуревци на функционери од првиот ешалон на СДСМ се вработија во јавни претпријатија. Кога Заев седна во премиерската фотелја, рече дека нема да толерира вакви појави, односно ветуваше нулта толеранција за корупцијата.
„Со ова јасно укажувам дека никој нема да биде изземен од одговорност. Само така, заедно и пркосно, ќе креираме успешни политики и ќе поставиме темели за постабилна, економска и правична иднина за сите граѓани на Република Македонија. Од успехот на борбата против корупцијата зависи и успехот на нашата држава“, изјави Зоран Заев во декември 2017 година.
По повикот на Заев за етичка одговорност, некои од функционерите ги повлекоа роднините, но други воопшто не чувствуваа одговорност. По ова, Заев се премисли и ја смени изјавата, при што тврдеше дека луѓето се вработени законски. Но, тоа не беше дилема во јавноста, дилемата беше зошто токму роднините на функционерите поминале на конкурсот како најдобри кадри, а останува нејасно дали воопшто имало и други пријавени кандидати за високоплатените позиции во ЕЛЕМ, МЕПСО и во Владата. Министерот Манчевски дури тврдеше дека некои од роднините биле дефицитарен кадар. Според него, два-три случаи не значеле непотизам, а тврдеше и дека членови на неговата партија 10 години биле најдискриминирани, па така го оправда нивното вработување во јавниот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

