Македонија
(Видео) Вие сте искубана кокошка, удавете се во септичката јама во која нѐ доведовте, ѝ рече Апасиев на власта за уставните измени
Лидерот и пратеник на Левицата, Димитар Апасиев, укажа дека тој и пратеникот Борислав Крмов нема да учествуваат во материјална расправа за измена на Уставот. Посочи дека ова е „лузерски процес“. На власта ѝ порача дека е искубана кокошка. Според него, оваа генерација нема да дочека Македонија да ја види во ЕУ. За сето ова што се прави со измените на Уставот, ќе има и правни последици. Порача дека во Македонија има Бугари колку да ги собере на концерт на групата „Рибја чорба“. Апасиев беше дециден: „Уставни измени никогаш нема да има“.
„Ова ќе биде единствено излагање по предлогот бидејќи материјална расправа е безвредна. Вие, премиере, направивте сметка без крчмар, влеговте во процесот вртоглаво без да обезбедите двотретинско мнозинство. Сè што денеска ние зборуваме е обична козметика знаејќи дека влегуваме во лузерски процес. Вие навикнавте, па сакате и нас, македонскиот народ, да нè научите на порази. Изгубивте 17:2 во овој процес. Независни германски експерти велат дека ова е чудо за бугарската дипломатија. Или што велат антимакедонските кругови во Софија, ова е смрт на македонизмот. Применуваат врз вас салама-тактика. Ве сечкаат на парчиња. Или Италијанците имаат една изрека: Кокошка се кубе пердув по пердув. Дипломатски кажано, жаргонски, вие сте искубана кокошка во споредба со византиската грчка дипломатија или бугарската дипломатија“, рече Апасиев.
Тој им посочи дека немаат гаранции дека во процесот нема да има нови вета.
„Историјата влезе како дел од преговарачката рамка. Наместо да преговараме за Копенхашките критериуми, ние ќе преговараме каков бил цар Самуил, каков бил Гоце Делчев, какво било Илинденското востание. И што е најтрагично, не обезбедивте државнички гаранции дека ќе нема нови вета. И тоа не само од Бугарија, која има 35 пати да ни стави вето. Ќе ни стават и други земји. Вие сте недоветни да водите дипломатија и тоа треба да си го прифатите. Или ќе ни стават други земји, ќе ни стави Холандија, која латентно е исламофобична и цело време за Западен Балкан става вета. Немате такви гаранции“, додаде Апасиев.
На пратениците од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија им порача да не се лутат кога ќе им се рече СДС бидејќи, според него, тоа М е забрането со преспанскиот договор.
„Вие немате право да се нарекувате Социјалдемократски сојуз на Македонија. М станува СДС-михајловистичка. Вие сте предводници на неоврховизмот заедно со бализмот во Владата. Вие нè вративте еден и пол век назад кога брат со брат се убивал, едниот се пишувал Србин, другиот Бугарин, третиот не знам што. Бугарски тајни служби ве работат, вие занемувате пред нив“, додаде Апасиев.
Зборуваше дека ова сè ќе има и правни последици.
„Ова не е само така. Ние немаме граѓански концепт на држава, туку етнички концепт, заостанат примитивен концепт. Ние сме поделени на етнички групи. Тие етнички групи имаат колективни права за разлика од Бугарија, која нема“, посочи Апасиев.
Според него, не е само Бугарија проблем во ова геополитичко прашање. Тој посочи дека нашата генерација нема да дочека да влезе во ЕУ. Апасиев е дециден дека на ЕУ не ѝ дојдено до проширување.
„Проблем се некои држави во ЕУ, кои се против Западен Балкан, кои се латентно исламофобични. Нас нè држат како во зоолошка градина. Ние сме опкружени од сите страни со ЕУ, ама не сме во ЕУ. Таму се Босна, Косово, ние, Црна Гора, Србија. ЕУ има криза на лидерство, не знае каде тера. Извесни се ветата на Холандија и Франција. Видете ги проблемите на ЕУ“, додаде Апасиев.
Ги праша пратениците колкупати треба да се голта пред ЕУ, а со оглед дека имало низа промени, кои се направени во Уставот, склучени договори, компромиси – но не и членство.
„Одродени сте. Вие сте недоквакани да водите политика. Немате политичка мудрост“, им порача Апасиев.
За чекорите што се прават со уставните измени, Апасиев порача: „Удавете се во септичката јама во која нè доведовте“.
Порача дека министерот за надворешни работи во овој историски момент не смее да биде Албанец.
„Се преговара за македонскиот идентитет, ништо не му значи македонскиот идентитет. Тој сонува за друга држава, не за нашата. Етничкото прашање мора да остане во доменот на етничкиот народ, кој е доминантен – тоа е македонскиот“, додаде Апасиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

