Македонија
(Видео) Како салама ве сечкаат, пуштете ги уставните измени на гласање за да видите како ви пропаѓа насилството, порача Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ
Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, на Комисијата за уставни прашања рече дека власта нема да добие поддршка за измена на Уставот под, како што рече, бугарски диктат. Тој е дециден дека ако ваквите уставни измени поминат, се крши суверенитетот на Македонија. За францускиот предлог, Мицевски рече дека е бугарски предлог.
„Уставни измени под диктат, притисок и наметнувања се невозможни и никогаш нема да ги поддржиме. Тоа е кршење на суверенитетот на една земја. Суверенитетот произлегува од народот, а од 80 отсто велат не на ваков чин на насилство од страна на власта. Ние имаме глува и слепа власт, која за ден повеќе во фотелја, за комшијата да им подарува луксузни автомобили, фарми за канабис, фотоволтаици или бесплатни трговски центри е спремна да прави отстапки до целосно рушење на националните и државни интереси“, порача Мицевски.
Според него, Владата сака да води инает со опозицијата, народот, експертите, е немаат абер од градење консензус за националните прашања. Измените за него не се шанса за Македонија, туку за цедење на македонската земја.
„Сите работи ги води до степен на свршен чин, презема штетни договори и обврски. Тоа е недозволиво, губитничка политика без бенефит. Носи трајни катастрофални последици. Како салама ги сечкаат, а тоа ни го прикажуваат како успех. И во 2017 година и целото време како партија предупредувавме дека договорот за добрососедство е брзоплето решение, кое носи отровни плодови, кои сега ги гледаме. Но, и тогаш оваа самобендисана власт на СДС и ДУИ одбива да се соочи со реалноста. Политиките донесоа ескалација на омразата и негирање на историјата на Македонија пред 1945 година“, додаде Мицевски.
Рече дека само македонскиот народ е дискриминиран во Македонија.
„Ако одлуките се тешки, не мора или не значи дека секогаш се добри. Сите што се кријат дека носеле тешки одлуки треба да се засрамат и да ја наведнат главата. Не е храброст да прифатиш без приговор сè што тој од спроти тебе ќе побара“, му порача Мицевски на Ковачевски.
Тој им рече: „Жално е да ве гледа човек како прифаќате Македонија да е доведена до свршен чин?“
„Најдоа село без кучиња и удрија до максимум со нивните барања. Сменија три запирки во првиот предлог и го нарекоа втор. Вие дојдовте тука громогласно, насилнички да се фалите дека сте ги зачувале македонските национални интереси додека ја распродававте државата преку вашите фирми. А во Софија славеа. А како и не би славеле кога наидоа на поданици“, додаде тој.
Беа споменети и учебниците и бугарското мешање во нивната измена.
„Расправата ви е осудена на пропаст. Немате пратеници, ниту народ за оваа работа. По ова излагање, нема што повеќе да ви кажеме на темава, нема да има наши дискутанти и дискусии, пуштете го на пленарна седница предлогот и ставете го веднаш на гласање, па да видите како ви пропаѓа срамното насилство врз Уставот“, додаде Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) По ерата на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија што добива сопствено модерно кино
Општина Кисела Вода вчера вечер официјално го отвори новото кино во Домот на културата во Драчево. Проектот, реализиран во партнерство со „Киноверзум“, претставува втора филмска сцена на територијата на оваа општина и вкупно петта во мрежата на оваа групација во Македонија.

Свеченото отворање се одржа пред преполна сала, во присуство на претставници на Владата, Собранието, како и голем број уметници и културни работници. Настанот го водеше актерот Рубенс Муратовски, а вечерта беше заокружена со проекција на меѓународно наградуваниот документарен филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат за „Оскар”.

– Ова е историски чекор, бидејќи по времето на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија кое добива свое модерно кино. Со овој чекор потврдуваме дека културата не смее да биде привилегија на центарот, туку право на секој граѓанин. Нашата визија е јасна- ја носиме уметноста таму каде што е домот на луѓето. Сакаме врвните филмски остварувања да бидат на само неколку чекори од вашиот праг-истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Таа додаде дека ова е второ заедничко кино со „Киноверзум“ и е доказ дека со јасна заедничка визија се постигнуваат видливи и трајни резултати.

Посебно признание на настанот им беше оддадено на гостите, режисерката Тамара Котевска и продуцентот Јорданчо Петковски. Нивниот филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат во трката за „Оскар“, кој е откупен од „National Geographic“ и добитник на бројни награди на реномирани светски филмски фестивали, беше симболично избран за првата проекција на новото филмско платно во Драчево. За жителите на Драчево ова имаше и емотивна вредност, со оглед на тоа што продуцентот Петковски потекнува токму од ова место.

– Ова е седма година од постоењето на „Киноверзум” и горди сме што вечерва го отвораме нашето петто кино. По Штип, Велес, Свети Николе и првото кино во Кисела Вода, сега и Драчево добива филмска сцена со најсовремени технички услови. Опремено со ласерски кино-проектор и врвен систем за звук, на посетителите им ги нудиме најактуелните светски филмски хитови по најпристапни цени. Веќе од утре, на редовниот репертоар во Драчево се филмовите „Свадба” и „Оркански височини“, изјави Михаела Ѓорчева, основач на „Киноверзум“.

Овој проект е вистински пример за континуитет во спроведувањето на добрите идеи и плодна соработка, со оглед на тоа што иницијативата за негово отворање започна уште во мандатот на претходникот на Стаменкоска Трајкоска, сегашниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Со оваа реализација, Општина Кисела Вода ја потврдува својата посветеност на културната инфраструктура, правејќи ги Драчево и Кисела Вода нови културни епицентри достапни за сите жители.






Македонија
Врнежи од слаб снег на неколку патни правци, патот кон село Герман е блокиран од паднато дрво
Од синоќа е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар. Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино, извести АМСМ.
Патот кон село Герман е блокиран кај село Станча, од паднато дрво и не е прооден.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Врнежи од слаб снег има во Крива Паланка – г.п Деве Баир, г.п Делчево, Страцин, и на Пониква, но во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообракајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.

