Македонија
(Видео) Стојаноски: Потонаа сите лаги на Груби и Ковачевски за странски експерти при надзорот
Потонаа сите лаги на Артан Груби и Димитар Ковачевски за странски експерти при надзорот на градбата на коридорите 8 и 10Д. ИРД е само носител на конзорциумот на хартија, а најголемиот дел од парите оди кај „Електра солушн“, која вади лиценца среде јавен повик, и кај „Евроконсалтинг“, на бараниот со меѓународна потерница за криминал, Бранимир Димитриевиќ, истакнува пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
„’Електра солушн’, која поднесува барање за издавање лиценца за надзор по отворање на повикот за прибирање понуди и добива во ек на огласот, и ‘Евроконсалтинг’ на криминалецот баран со меѓународна потерница, Бранимир Димитриевиќ, ќе поделат 70 % од парите за надзорот на изградбата на коридорите 8 и 10Д. Толку од меѓународните експерти на Груби и Ковачевски.
Уште пофрапантно е што „Електра солушн“ не само што нема искуство во вршење надзор туку нема и искуство во оваа дејност бидејќи, верувале или не, порано работела со производство на долна облека. Да, добро слушате, оваа фирма со искуство во производство на долна облека ќе го врши надзорот на изградбата на коридорите 8 и 10Д.
Уште потрагично е што истата оваа фирма своето учество во тендерот го брани со тоа што била контактирана од меѓународни компании да учествуваат заедно на тендерот. Кои меѓународни компании ќе бараат фирма што се занимавала со производство на долна облека за учество на најголемиот тендер за надзор во Македонија? И како ја барале таа компанија, која нема лиценца, а не барале фирми со децениско искуство?“, прашува Стојаноски.
Оваа фирма „Електра солушн“, како што додава, ќе земе 8,2 милиони евра од тендерот од 22 милиона евра, а фирмата на криминалецот баран со меѓународна потерница, Бранимир Димитриевиќ, ќе наплати 7,1 милиони евра. Вкупно овие две македонски фирми ќе наплатат 70 % од сумата предвидена за надзорот.
Според него, преостанатите 30 %, 4,1 милиони, одат кај ИРД од Италија, а услугите на локалната канцеларија на ИРД во Скопје ќе чинат околу 2,4 милиона евра.
Оценува дека носителот на конзорциумот, ИРД, ќе наплати помалку пари од фирмата со искуство во производство на долна облека и фирмата на криминалецот баран со меѓународна потерница.
„Кинеската „Ептиса“ од овој тендер ќе наплати само 400.000 евра, па се поставува прашањето зошто таа е дел од конзорциумот или има цел само да врши увид над техниката и технологијата на американската „Бехтел“? Вкупно само пет лица ангажирани од фирмите се странци, и тоа адвокат од Хрватска, двајца инженери од Србија и еден од Црна Гора, како и директорот на ИРД, кој го потпишал договорот. Толку од странци. И повеќето од нив се ангажирани за преговарање, а не за надзор, за што ќе наплатат 300.000 евра поединечно. А директорот на ИРД ќе си наплати хонорар 1,3 милион евра. Напумпаните 22 милиона евра ќе се трошат на тешки награди и хонорари, а не на реални работи“, дециден е пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Додава дека никакви меѓународни експерти не се во игра, туку шема што смрди на корупција.
Ги повика Јавното обвинителство додека не е доцна, додека Груби и Ковачевски во целост не ја посрамотиле Република Македонија да отворат истрага и да побараат прекин на работата на надзорот. Секое недејствување или задоцнето дејствување ја чини државата пари и образ, истакнува Стојаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

