Политика
Иванов: ДУИ нека одговори зошто нема член во Советот за безбедност
ДУИ треба да и одговори на јавноста зошто цели пет месеци не пројавиле никаков интерес да делегираат свој човек во Советот за безбедност на Република Македонија, изјави претседателот Ѓорге Иванов во интервју за Сител.
„Имаа доволно време да размислат и да решат, не сторија ништо, така што тие треба да дадат одговор на јавноста зошто немаат свој член“, изјави Иванов, кој смета дека Флора Кадриу од ДПА ги исполнува сите неопходни услови, почнувајќи од безбедносни сертификати, образование, политичко искуство и етничка припадност.
Осврнувајќи се на својот говори на Генералото Собрание на Обединетите нации (ОН), Иванов изјави дека Македонија била единствена пријавена земја од регионот на отворената седница на Советот за безбедност на Обединетите нации и затоа тој ја искористил можноста да зборува за сите предизвици со кои се соочува Балканот, кој е изолиран од картата на ЕУ и членството во НАТО.
„Тоа беше единствената можност каде што можеше јасно и гласно да се каже дека Советот за безбедност мора да ја почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата која е во корист на Македонија за името, бидејќи Советот е основач на тој Суд, изјави Иванов во интервјуто за Дневникот на телевизија Сител.
Иванов рече дека главната тема од Генералното Собрание на ОН се наметнала и како тема на седницата на Советот за безбедност на Република Македонија, бидејќи целиот свет презема мерки за заштита од радикалниот ислам.
„Не треба да останеме слепи на случувањата во регионот и во Сирија. Мора да бидеме подготвени да се справивме со таа опасност, бидејќи гледате што им се случува на тие луѓе таму. Мора да имаме подготвени мерки за ресоцијализација на сите повратници од борбените зони, бидејќи тие се закана за мирот и безбедноста на било која држава во светот“, изјави Иванов./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски од Чаир: На Македонија ѝ треба обединување и единство, а не поделби, владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе вложи 1 милијарда евра за проекти во сите општини
Се чувствува победничка атмосфера и енергија, тоа е важно за сите нас и ни дава мотив да продолжиме посилно да се бориме. Овие денови кои ни преостануваат треба максимално да се мобилизираме, а најновите анкети кои ги добив утрово велат дека ќе биде голема победата и на 24 април и на 8 мај, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Чаир.
Мицкоски истакна дека сега во Македонија имаме политичка гарнитура која повеќе од две децении е на власт, тоа се ДУИ чија суштина се поделби и грабеж на народот.
– Кога ќе анализирате која е суштината на ДУИ, Али Ахмети и Артан Груби, Бујар Османи, Талат Џафери и останатите, кај нив нема ништо посебно тие само го делат народот по етничка основа и така опстојуваат. Дали некој може да се сети некоја добра работа која Али Ахмети и Артан Груби ја имаат направено, но можам да кажам десетици лоши работи, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека сега ДУИ сериозно ќе бидат изненадени на овие избори, а им се познава нервозата затоа што после 8 мај треба да одговараат за сето она што му го направија на народот, за целиот грабеж.
Мицкоски се осврна на проектите кои ги планира идната влада од ВМРО-ДПМНЕ и посочи дека се планира да се инвестира 250 милиони евра секоја година во општините, 1 милијарда во 4 годишен мандат.
– Во Чаир ќе има висока сума, еден од проектите е проширување на булеварското решение на влезот од Бит Пазар кон Чаир и тоа мора да се направи и го повикувам градоначалникот да се пријави со повеќе проекти. Тоа ќе додаде вредност во квалитетот на живеење. На Македонија и треба обединување и единство не поделба, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски додаде дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ планира да отвори нови 55.000 работни места, да функционира со владеење на правото на целата територија и нема да има територии каде ќе владејат шерифи.
Да обезбедиме пристојни услови за поголем инвестициски бран и од странство и од домашни инвеститори за да може децата да останат тука. Мораме и тие кои си отидоа да ги вратиме назад. Да обезбедиме надеж. Ве повикувам на 24 април сите да се обединиме околу број 2 и да гласаме за Гордана Силјановска Давкова, а потоа да се обединиме и заедно на 8 мај да испишеме историја за коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски.
Македонија
Доц. д-р Бобан Карапејовски: Ќе обезбедиме вработување на најдобрите 200 студенти, како и стипендии од 500 евра месечно
Носителот на листата на кандидати за пратеници во ИЕ 1, Бобан Карапејовски на денешната прес конференција рече дека во програмата на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за парламентарните избори, наречена „Проглас за достоинствена Македонија“ еден од приоритетите се образованието и науката, кои се суштински за градењето силна и просперитетна држава.
„Во Прогласот за достоинствена Македонија на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, предвидовме два сегменти: зголемување на достоинството на вработените во образованието и во науката и поставување нов систем, со кој овој сектор ќе се врати во фокусот и ќе помогне во создавањето функционално писмен и високообучен кадар, како и продлабочување на
научните истражувања“, рече Карапејовски и додаде: „Во однос на првиот постулат, достоинството на вработените во образовниот сектор, е предвидено платите на наставниците и на професорите да се зголемат до 100 % од актуелните. И, тоа е најмалку што можеме да направиме за да му го вратиме угледот на учителот и да ги привлечеме најдобрите да бидат
даскали на нашите деца“.
Тој потенцира дека за најдобрите студенти ќе се обезбедат стипендии во износ од 500 евра месечно, а за најдобрите двесте студенти вработување во научните и во институциите на системот.
„Партиските вработувања мора да запрат! Не смее партиската книшка да биде услов за вработување. На универзитетите и во државните институции треба да работат најдобрите за најдоброто за сите нас. Ни треба научен подмладок веднаш, како и
ревизија на условите и зголемување на квалитетот на акредитираните универзитети, кои се множат на секој чекор, а не даваат квалитет“, рече тој.
Карапејовски рече дека наставните програми и планови ќе се усогласат со модерните технологии и достигнувања и појасни дека ќе се изгради систем што ќе поттикнува креативно, аналитичко и логичко размислување кај учениците, но и ќе поттикнува креативност во областа на бизнисот и на финансиската едукација. Учебниците ќе бидат усогласени со новите наставни планови и програми и напишани од најдобрите автори, навреме доставени до учениците.
Тој исто така рече дека издвојувањата од буџетот за науката ќе се зголемат, а ќе има и посебни стимулации за оние што успеваат да објавуваат во најпрестижните списанија и да соработуваат со колегите од најдобрите светски универзитети, како и посебни субвенции за таканаречните национални дисциплини.
Македонија
Пендаровски: Ги знам нивните лажни анкети, ги знам и реалните анкети и реално ви кажувам дека на 8 мај победуваме!
На само неколку дена пред првиот круг на гласање, од Скопје кандидатот за претседател Стево Пендаровски искажа верување дека по повеќе од три децении независност, македонските граѓани многу добро знаат да препознаат чија програма е реална, а која е во расчекор со времето во кое живееме.
„Овој претседател и оваа политичка гарнитура никогаш не давале лажни надежи и ветувања за брза реализација на стратешките цели на државата. И денес пред вас, не велам дека Македонија за само неколку години ќе биде најразвиената држава во Европа, не ветувам дека целиот тој процес ќе трае само неколку месеци, но, говорам и повторувам секаде дека најголемиот ризик е ако на изборите им дадеме шанса на оние за кои претходно веќе видовме како владеат со луѓето цели 11 години“, истакна Пендаровски.
Пендаровски денеска повика на масовна излезност на 24 април и на 8 мај, за како што рече, да не се враќаме во режим.
„Ги знам нивните лажни анкети, ги знам и реалните анкети и реално ви кажувам дека победуваме на 8 мај. Со заокружување на бројот 1 продолжуваме кон Европа и кон развиениот свет и дефинитивно не се враќаме назад во режим и заробена држава“, рече Пендаровски.