Македонија
Попоски: Чашуле беше голем македонски патриот
„Со длабоко жалење се собравме денес да се поздравиме и да му оддадеме почит на Слободан Чашуле – поранешен министер за надворешни работи и амбасадор на Македонија. Иако почина како Амбасадор на Република Македонија во Кралството Шпанија, за него важи и пошироката смисла на зборот “Амбасадор” – некој кој ги брани и застапува интересите на државата и татковината, независно од функции и титули што ги имал во животот“, истакна Попоски на комеморацијата за поранешниот македонски дипломат Слободан Чашуле.
„Токму затоа, Слободан Чашуле е амбасадор на Република Македонија уште пред да постои независна Република Македонија: како дописник за Танјуг во Латинска Америка, како главен уредник на Танјуг во Македонија; како прв и во тоа време единствен дописник на Associated Press во Македонија; како еден од основачите на ТВ Скопје; како и како директор на „Нова Македонија“ и главен уредник на неделникот „Форум.“ Може лесно да се види од сите овие одговорни места дека, колку што беше амбасадор на Македонија во светот, тој беше и амбасадор на светот во Македонија. Со силна демократска насоченост, во секое негово дејствије можеше да се почуствува моќта на објективноста и рационалноста, обвиена во убав збор“, рече Попоски во своето обраќање.
„Секогаш присутен во јавниот живот, тој влезе во политиката и беше домаќин токму на овој дом како министер за надворешни работи во тежок период после конфликтот во 2001. Беше во тоа време луциден говорник и бранител на македонските интереси надвор. Министерот Чашуле остави траен белег при изградбата на младата македонска дипломатија. Исто така продолжи и како пратеник во македонското Собрание. Чашуле беше голем македонски патриот. Ја сакаше својата земја и сакаше таа да успее и да се етаблира во глобалното семејство на народи како горд и конструктивен чинител. Тој градеше мостови со други земји, што може да се препознае и во ордените изложени тука денес: Витешки крст на орденот за заслуги на Република Полска; како и највисокото признание кое го доделува Шпанија на странски државјани, Орденот на Изабела Католика“, рече македонскиот министер.
„Таткото на Слободан, Коле Чашуле има кажано на неколку наврати дека, “да се пишува на македонски е да се војува (за Македонија).” Одтаму, сигурно, Слободан Чашуле беше моќен воин: елоквентен, луциден, разорен. Особено со новинарското перо. Слободан Чашуле – министер, новинар, публицист, политичар, дипломат, полиглот (зборуваше добро пет јазици) и обичен човек, — често во текот на неговиот живот беше мотив за другите внимателно да го послушаат, да ја прочитаат неговата колумна или коментар, да го следат неговиот јавен настап. Едноставно, со својот молскавичен интелект, знаење и човечки квалитети, проткаени со љубов кон семејството, пријателите, колегите и татковината, восхитуваше многу луѓе, кои токму во неговите секојдневни дела и зборови ги наоѓаа мотивите за нивните постапки. Ќе ни недостасува и ќе и недостасува на Македонија“, порача шефот на дипломатијата./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

