Македонија
Предлози, идеи и размена на мислења – Иванов на средби со граѓаните
Триесетина граѓани и претставници од повеќе граѓански здруженија, во средата во Народната канцеларија во Скопје имаа можност да се сретнат со претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов, да ги изнесат своите ставови и мислења за актуелните општествени состојби, и да го запознаат претседателот со проблемите со кои се соочуваат во секојдневниот живот, можностите за нивно решавање, како и за начинот на кој бараат заштита, или остварување на одредени права и интереси.
Во фокусот на денешните разговори со македонскиот претседател беа прашања поврзани со судството, актуелната политичка состојба, економијата, теми поврзани со зачувување и промовирање на македонската култура и традиција, како и предлози со цел унапредување на земјоделието. Дел од темите на разговор беа и перспективите на младите талентирани студенти и дипломци кои својата кариера сакаат да ја усовршат во својата родна земја.
Јулија Богатинова-Костовска од Здружението за развој и населување на селските средини ЕКО заедница Родина-Скопје го запозна претседателот Иванов со идејата за населување и развој на селските средини со што ќе се развие еден нов поинаков концепт за ревитализација на селата чија содржина предвидува користење на земјиште без надоместок за истиот за обработка, кое ќе биде само со право на користење. Членовите на ова здружение запознавајќи го претседателот Иванов со оваа идеја потенцираа дека со остварување на истата ќе се добијат повеќе бенефити, меѓу кои и намалување на стапката на невработеност , привлекување на иселениците да се вратат во родната земја и спречување на иселувањето на млади лица од земјава.
Дел од членовите на поетската манифестација „Ѕвездено небо„ која веќе пет години се одржува во општина Центар, денешната средба со претседателот Иванов ја искористија накусо да го запознаат со своите досегашни и идни активности и да му заблагодарат за неговата поддршка во зачувување на културното богатство на земјава.
„Ми претставува голема чест што денес имав можност лично да се запознаам со Претседателот и да поразговарам со него. Ова е одлична можност и за граѓаните, и за Претседателот да ги слушне нашите ставови, “рече еден од присутните граѓани, Мирослав Нестор.
За филателистичкото друштво „Марка“ средбата со претседателот Иванов беше можност да го запознаат со својата идеја во текот на наредната година да организираат прва меѓународна филателистичка изложба во земјава, на која ќе се претстават специјални албуми со марки.
Иванов им заблагодари на граѓаните за нивното денешно присуство, како и за нивните предлози и сугестии во насока на решавање на одредени прашања и унапредување на севкупниот живот во Република Македонија. Воедно, претседателот посочи дека можностите и механизмите кои се во негова надлежност ќе бидат искористени со цел поуспешно надминување на предизвиците со кои се соочуваат граѓаните.
„Сите што сме избрани од граѓаните сме во функција на остварување на интересите на граѓаните. Сите овие средби се на некој начин и проверка на тоа што го работиме и остваруваме и колку е тоа во интерес на граѓаните,“ рече претседателот Иванов.
Средбата со граѓани е една од редовните активности на претседателот Иванов, со оглед на неговите заложби за блискост и постојан контакт со граѓаните, а како еден од основните предуслови за креирање и спроведување на успешни и функционални политики.
Согласно ветувањата во предизборната кампања, и водејќи се од ставот дека предлозите на граѓаните за конкретни проблеми се глас на демократската јавност, претседателот Иванов го иницираше проектот „Глас на граѓаните“, што претставува можност граѓаните своите идеи и предлози, покрај преку Народните канцеларии, да ги доставуваат и преку електронска адреса на веб страницата на Претседателот, врз основа на чија анализа ќе произлезат заклучоци./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски со претставници на Европската Комисија: бара изнаоѓање на долгорочни решенија за превозниците
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со министерот за внатреши работи, Панче Тошковски и заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков, денеска одржаа конференциски состанок со претставници на Европската Комисија како и директорката на Директоратот за проширување, Валентина Суперти. Исто така на состанокот беа вклучени и ресорните министри за транспорт, внатрешни работи и евроинтеграции од земјите од Западен Блакан, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија.
На состанок се разговараше за надминување на проблемите со кои се соочуваат транспортерите во земјите на Шенген зоната како и изнаоѓање на долгорочни решенија за превозниците.
Николоски ја поздрави иницијативата на ЕК за надминување на проблемот и преку аргументирани факти го истакна ставот на Владата преку кој се бара соодветно решение за овие категории на работници поради потребата од извршување на работните обврски во рамки на земјите од Шенген зоната.
Во очекување на трајно решение, Николоски додаде дека е потребно Европската Комисија реално да го идентифицира проблемот со транспортниот сектор и непречениот транспортен тек и во најскоро време да импелментира соодветни мерки кои ќе обезбедат предвидливост и непречена работа на транспортните компании кои работат во меѓународниот патен сообраќај.
Претставниците на Европската Комисија ја потврдија новата визна стратегија на ЕУ во која превозниците се прифатени како професионалци и беше истакнато дека ја разгледуваат можноста оваа категорија на работници да биде третирана исто како и пилотите и машиновозачите.
На состанокот беше потврдено дека биометриската евиденција преку електронскиот систем за влез и излез од/во земјите од Шенген зоната, наместо од почетокот од април, се одложува до септември оваа година.
Во меѓувреме се формира работна група на експертско ниво која веќе следната недела треба да се состане и да ги материјализира заклучоците од денешниот состанок на високо ниво.
На состанокот ЕК ја потенцираа важноста на транспортниот сектор и влијанието врз целокупната економија и најавија целосна посветеност во изнаоѓање на трајно прифатливо решенија кое е во интерес на сите засегнати страни.
Исто така на состанокот беше потенцирано дека ова е многу важна тема за Европската Унија и во наредниот период ќе се продолжи комуникацијата меѓу сите засегнати страни.
Од министерството информираат дека Владата веќе изрази целосна подршка на превозниците и во насока на изнаоѓање на прифатливо решение за истите ги презема сите мерки што и стојат на располагање со цел да се овозможи непречена работа во рамки на меѓународниот патен сообраќај.
Македонија
Секој живот е приказна: Mozzart верна поддршка на кампањата за ретки болести
Февруари е месецот на ретките болести – месец во кој се потсетуваме дека секој живот е вреден и секоја приказна заслужува да биде слушната.
Годинава, кампањата „Запознајте ги ретките болести“ во организација на Здружението „Ретко е да си редок“ се реализира по осми пат. И повторно, зад неа стои поддршката на компанијата Mozzart, која со својата општествена одговорност покажува дека добрината не е ретка – туку секогаш присутна кога е најпотребна.

Претседателката на Здружението, Гордана Лолеска истакна: Вистинското партнерство се мери со годините на лојалност и подготвеноста да се подаде рака таму каде што е најпотребно. Упатуваме огромна благодарност до компанијата Mozzart што препознаа вредност во нашата кауза и што продолжуваат да бидат нашиот ветар во грб. Заедно, го правиме светот малку подобро место за оние на кои поддршката им е најнеопходна. Ви благодариме што не ги заборавате ретките“.

Првиот Ден на ретки болести беше одбележан во 2008 година, на 29 февруари – ден кој сам по себе е редок. Од тогаш, секоја година на последниот ден од февруари светот се обединува во поддршка и солидарност.
„Трета година сме со Здружението “Ретко е да си редок” и со кампањата “Запознајте ги ретките болести”. Успешната соработка, со радост ја продолжуваме и оваа година. Заедно ќе придонесеме да се слушне гласот на лицата со ретки болести и да се запознаат нивните приказни,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.

Она што навистина не е ретко – се добрите дела. Mozzart, препознатлив како компанија со најголема општествена одговорност, повторно ја докажува својата мисија: да подава рака, да помага и да биде таму каде што поддршката е најпотребна.
ПР
Македонија
Eвроинтеграцијата на Балканот e стратешка потреба за безбедноста на Европа, рече Давкова на средбата со претседателот на Естонија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на учеството на Светскиот самит на Владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Република Естонија, Алар Карис, на којашто беа потврдени пријателските односи и естонската поддршка за македонските евроинтеграции.
Сиљановска-Давкова се заблагодари за активната улога на Естонија во групата „Пријатели на проширувањето“ и искажа интерес за јакнење на билатералната соработка со балтичката земја и склучување договори во областите од заемен интерес.
Претседателката нагласи дека остануваме целосно посветени на членството во ЕУ и стопроцентно усогласени со заедничката безбедносна и надворешна политика на Унијата. Таа го реафирмираше ставот дека евроинтеграцијата на Балканот e стратешка потреба за стабилноста и безбедноста на Европа.
На средбата, беше поздравена соработката во областа на дигитализацијата, реализирана во партнерство со Центарот за меѓународен развој на Естонија, соработката со Балтичкиот колеџ за одбрана во Тарту, како и со Центарот за сајбер одбрана на НАТО во Талин.
Укажувајќи дека постојат неискористени потенцијали во економијата, Сиљановска-Давкова изрази очекување за развој на нови заеднички проекти и поголемо присуство на естонските инвеститори во земјава.
Соговорниците разменија мислења за актуелните глобални предизвици.

