Македонија
Предлозите за нови уставни амандмани пред матичната собраниска Комисија
Собраниската Комисија за уставни прашања, во петок ќе ги разгледува предлозите на осумте амандмани на Уставот за коишто Собранието треба да се изјасни на седницата закажана за 20 јануари.
Меѓу предложените амандмани е и оној со којшто бракот се дефинира како животна заедница исклучиво меѓу само една жена и еден маж.
Исто така, тука е и уставниот амандман којшто се однесува на основање меѓународни финансиски зони чие работење и организација ќе се доуреди со закон.
Еден од амандманите предвидува Владата да ја утврдува фискалната политика во Македонија во рамки на утврдени фискални правила и тоа дефицитот на буџетот да не смее да надмине три отсто од БДП, а јавнот долг да не смее да надмине ниво од 60 отсто од БДП. Во овој амандман се предвидува Владата да може само во исклучителни ситуации да отстапи од утврдените фискални правила и тоа во случај на природни катастрофи и екстерни шокови кои влијаат на загрозување на националната безбедност, здравјето на луѓето или во случај на значителен пад на реалниот БДП.
Со предлог-амандманите се предвидува преименување на Народната банка на Македонија во Банка на Република Македонија, Собранието да го избира и разрешува главниот ревизор, Судскиот совет да го сочинуваат 15 члена, за одлучување по уставна тужба поднесена од физичко или правно лице, и начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство.
Последната верзија на предлог-амандманите Владата ја достави до Собранието на крајот на декември 2014 година. Предложени се осум амандмани на Уставот по постапката која започна минатата година, а се одржаа и повеќе јавни расправи и до предлагачот беа доставени и низа забелешки и мислења./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Безбедна новогодишна ноќ и позитивни резултати од „Безбеден град“ – Тошковски во работна посета на полициските служби
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на првиот работен од Новата година оствари работни посети на полицискиот објект на планинскиот врв Солунска глава, Главниот оперативен штаб на полицијата и Полициската станица Центар.
Во разговорот со полициските службеници на Солунска глава беа потврдени високата професионалност и посветеноста во извршувањето на службените задачи и одржување на телекомуникациските системи на МВР во функција со основна цел гаранција на безбедноста на мирот и безбедноста на секој граѓанин во државата.
На посетата во Главниот оперативен штаб на полицијата министерот Тошковски беше запознаен со севкупните настани и активности на полицијата ги презема во одржување на безбедноста како во празничниот така и на новогодишната вечер со заклучок дека новогодишната ноќ во најголем дел помина безбедно.
„Во периодот од 14:00 часот вчера до 05:00 часот денеска изутрина регистрирани се 31 кривично делo, како и 23 сообраќајни незгоди од кои две со тешки телесни повреди. Приведени се вкупно 49 лица по разни основи, а најмногу во врска со нелегална трговија со дрога и нарушен јавен ред и мир. Тоа се бројки кои кажуваат дека огромното мнозинство граѓани се однесуваа одговорно и со тоа придонесоа за лична и заедничка безбедност. Од друга страна зголеменото присуство на полицијата на терен придонесе да имаме мал број на настани за нарушување на јавниот ред и мир.“, истакна министерот Тошковски.
При посетата на Полициската станица Центар, министерот Тошковски од раководството на СВР Скопје беше запознаен со конкретните активности за одржување на безбедноста на граѓаните во главниот град. Министерот Тошковски ги потенцираше позитивните ефекти на системот „Безбеден град“ кој и во тест фазата значително ги има намалено бројките на сообраќајни незгоди со жртви и тешки телесни повреди.
„Вкупниот број на сообраќајни незгоди којшто е настанат на територија на СВР Скопје во изминатиот месец споредено со месец декември 2024 е намален за околу 20% а вкупниот број на повредени лица во тој период е намален за 37% проценти. Жртви како последица на сообраќајни незгоди во декември 2024 имало пет на територија на Скопје а во декември 2025 година нема ниедна и со тоа искажувам огромна благодарност на македонските граѓани што управуваат возила на жртвите што ги имаат спасено со одговорното возење и учество во сообраќајот“, потенцираше министерот Тошковски.
Македонија
(Видео) Мицкоски: И во април 2026 ќе има линеарно зголемување на пензиите, со тоа се намалува сиромаштијата кај оваа група граѓани
Во текот на денешната работна посета на општина Кавадарци, премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарските прашања се осврна на зголемувањето на пензиите во наредниот период.
„Ќе има повторно линеарно зголемување на пензиите за пензионерите во април, за мартовската пензија. Продолжуваме со таа политика. Последните статистички параметри кои што ги издаде Државниот завод за статистика за нивото на сиромаштија и „џини-коефициентот“, само дополнително ја оправдуваат политиката на Владата за линеарното зголемување на пензиите, најпрвин за 2.500 денари кои се случија во ноември за октомвриската пензија во 2024 година, па дополнителните 2.500 денари во април за мартовската пензија, оние 1.000 денари дополнително линеарно зголемување во ноември за октомвриската пензија 2025. Така ќе биде и сега во април за мартовската пензија во 2026“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека со ова се сака да се намали стапката на сиромаштија кај оваа група граѓани, а со тоа да се намали и „џини-коефициентот“ кој подразбира нееднаквост во распределбата на доходите кај различни групи на граѓани.
„Во таа насока добро се движиме, што се однесува до „џини-коефициентот“ сме најдобри во регионот и сме над европскиот просек, а борбата против сиромаштијата е една од главните цели на оваа Влада и ќе се движиме и понатака во таа насока“, додаде Мицкоски.
Македонија
Алиу во традиционална новогодишна посета на првите новороденчиња во 2026 година
На Клиниката за гинекологија и акушерство првото новороденче во 2026 година е девојче, а во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир, првите новороденчиња во 2026 година се близначиња – девојчиња.
По тој повод, министерот за здравство Азир Алиу денес ја реализираше традиционалната новогодишна посета во двете установи, придружуван од Фатмир Лимани – министер за социјална политика, демографија и млади, Орце Ѓорѓиевски – градоначалник на Град Скопје, Јовица Андоновски – заменик министер за здравство и Рози Мицкоска – сопруга на претседателот на Владата. Во посетата на Специјалната болница „Мајка Тереза“ – Чаир, присуствуваше и градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити.
Министерот упати честитки до семејствата, посакувајќи им добро здравје, среќа и безгрижно детство на новороденчињата, а воедно им изрази благодарност и признание на здравствените работници за нивната посветеност, професионалност и грижа што ја пружаат секојдневно.
„Раѓањето на првото бебе во новата година е симбол на нов почеток, надеж и живот. Нашата обврска е да обезбедиме здравствен систем во кој секоја мајка и секое дете ќе добијат сигурна, квалитетна и достоинствена здравствена грижа“, истакна министерот Алиу.
Посетите се реализираа во духот на празнична атмосфера, со порака за континуирана грижа за мајките и новороденчињата и понатамошно унапредување на условите во јавното здравство.

