Македонија
Измените на Законот за високо образование на второ читање
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование, во петок е пред собраниската Комисија за образование и наука на второ читање и покрај барањето на Професорскиот и Студентскиот пленум за негово повлекување.
Членовите на двата пленума знаат дека во Собранието ќе поминат предложените законски измени, но велат дека тоа нема да ги спречи да се противат на овие реформи, за кои се тврди дека во целост ја нарушуваат автономијата на универзитетите и не придонесуваат кон зголемување на квалитетот на високото образование.
Од Професорскиот пленум, во четврток испратија писмо до еврокомесарите за образование и за проширување, Тибор Наврачич и Јоханес Хан, како и до евроамбасадорот Аиво Орав во кое се образлагаат аргументите за неусогласеност на законските измени со европскиот образовен систем.
Тие се спротивставуваат на предложената мерка за државен испит на студентите и велат во писмото: „Оваа мерка најмногу ги погодува студентите бидејќи ги демотивира, ги исклучува од образовниот процес и ги сведува на објекти, кои доколку не успеат да го положат т.н. „државен испит“ може и да го изгубат правото на студирање. Потсетуваме дека оваа мерка е целосно спротивна на Препораките на Високата група за високо образование од јуни 2013 година, во кои се нагласува дека студентите треба да се партнери во дизајнот на наставните програми и во процесот на наставата и учењето“.
Потсетуваат дека Македонија, со Европското партнерство, презеде сериозни обврски во поглед на натамошното спроведување на Болоњскиот процес и унапредувањето на квалитетот на високото образование. „Уште еднаш сакаме да нагласиме дека ова што се предлага со пакетот закони е отстапување од преземените обврски, отстапување од главните принципи на Болоњската декларација и од Стратегијата на ЕУ за модернизација на високото образование. Нагласуваме дека властите дури и јавно се изјаснија дека предложените реформи значат напуштање на Болоњскиот процес. Ако ова се случи, тогаш ќе се направи и првиот чекор кон формално напуштање на Европскиот академски простор, но и на самата идеја за eвроинтеграциите“.
На дебатата со ректорите на Универзитетите и десетина професори кои ги поддржуваат и кое се против реформите, во понеделникот во Собранието, неколкупати беше спомнато дека де факто Болоњскиот систем е веќе напуштен.
Истиот ден на дебата беа поканети и професорите од Професорксиот пленум, кои одбија да учествуваат поради местото на одржување, хотелот „Александар Палас“, но на предлог на премиерот Никола Груевски, прифатија да дебатираат во Собранието. Сепак, тие не влегоа на дебатата, затоа што била нарушена законската процедура и дека премиери не повикуваат на дебата туку претседателот на соодветната собраниска комисија.
Двата пленума бараат да се повлечат веднаш предложените законски измени. Професорскиот пленум ќе побара од претседателот Ѓорге Иванов лично да му ги образложат причините зошто е неопходно негово вето на ваквото законско решени. Преку петиција која веќе има 2.000 потписници, се повикува претседателот Иванов да застане зад своите студенти и зад професорите, а од власта се бара итно да ги повлече спорните законски измени.
Владата и Министерството за образование прифатиле неколку предлози од Универзитетите коишто се однесуваат на предлог-законот за високо образование, по дебата што се одржа во Собранието со дел од професорите.
Прифатен бил предлогот на Универзитетот на Југоисточна Европа за воведување на јавен регистар на автори на трудови објавени во меѓународни научни списанија кои се дел од базата “Web of science“. Предлогот на Универзитетот “Гоце Делчев“ – Штип, кој се однесува на можноста за студентите да полагаат една половина од предметите во третата студиска година, независно од тоа дали го положиле или не го положиле првиот дел од државниот испит на крајот од втората студиска година; Предлогот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Државниот универзитет во Тетово, кој се однесува на промена на просекот за упис на високообразовните установи за образование на наставници од областа на спортот, од 4.00 на 3.00; Предлогот на Универзитетот на Југоисточна Европа за унапредување на административните капацитети на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, преку ангажман на дополнителен стручен кадар кој ќе работи во Одборот со полно работно време;
Во однос на студиите од втор циклус, односно постдипломските студии, на предлог на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје ќе можат да се акредитираат во траење од една или две години;
Прифатен е и предлогот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот “Св. Климент Охридски“ – Битола и Факултетот за општествени науки за студиските програми од областа на националната историја, лингвистика и уметностите, да не важат одредбите од законот во делот на усогласување на нивната содржина со содржината на исти или слични студиски програми на некој од првите 50 рангирани универзитети од соодветните области, согласно Шангајската листа, имајќи ја во предвид нивната национална специфика;
Со новиот предлог закон за измена и дополнување на Законот за високото образование, на предлог на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Факултетот за општествени науки, ќе се регулира звањето – магистер на уметности./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.