Македонија
Премиерот Димитриев со честитка по повод почетокот на рамазанските пости

Премиерот Емил Димитриев во понеделник упати честитка по повод почетокот на рамазанските пости до поглаварот на ИВЗ, на членовите на Ријасетот и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија.
„Светиот месец Рамазан и почетокот на рамазанските пости отсекогаш биле познати како денови на добрата мисла и време кога треба да се има милост и разбирање за другите луѓе. Севкупно, рамазанските пости се време за духовно прочистување и возвишување на верниците од исламската вероисповед. Вредностите кои ги красат овие пости нека Ви бидат водилка во деновите кои претстојат, нека донесат многу радост и среќа во семејствата на верниците и севкупно во Република Македонија и нека ја промовираат соработката со Вашите роднини, пријатели и сограѓани“, се вели во честитката.Понатаму се вели „добрата мисла да придонесе сите ние, граѓаните на нашата земја, да работиме заедно за создавање на заеднички добра, за економски раст и подобар стандард на граѓаните, за поголем број можности за културен, образовен и општествен напредок во насока на изградба на силна и модерна Република Македонија“. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгореа викендичка и овоштарник во Идризово

Викендица и овоштарник во село Идризово се опожарени вчера. Интервенирано е со три противпожарни возила и осум пожарникари, а се утврдува материјалната штета.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека пожарникарите на Град Скопје имале уште две интервенции во текот на вчерашниот ден и тоа на стрниште на површина од 1.200 m2 во село Буковиќ и на уште една помала интервенција.
Според информациите на ЦУК, во текот на изминатото деноноќие имало вкупно 12 пожари на отворено на територија на цела држава.
Македонија
Митко и Катерина Дрвошанови се избрани за принц и принцеза на Струмичкиот карневал

Митко и Катерина Дрвошанови се избрани за принц и принцеза на Струмичкиот карневал на синоќешниот маскенбал што се одржа во хотелот „Сириус“ во Струмица. Тие, вечерва во 18:30 часот ќе го предводат карневалското дефиле на Интернационалната карневалска вечер низ улиците на Струмица.
На маскенбалот учествуваа голем број гости од земјава и странство, а една од највпечатливите маски беше на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој заедно со неговата партнерка беа маскирани како Викинзи.
– Маските, изработени со посебен напор и љубов, носат уникатна убавина на вечерта, а маскенбалот ветува нова незаборавна карневалска авантура. Со секој детал, со секој изглед, се чувствува духот на традицијата, но и современата креативност која го прави нашиот карневал уште поспецифичен. Струмица, срце на карневалската традиција, продолжува да блеска со секоја нова година, објави струмичкиот градоначалник на неговиот фејсбук профил.
Карневалот продолжува утре, на Прочка, кога се одржува традиционалниот детски карневал, на кој младите струмичани ќе продефилираат со своите маски.
Македонија
За верниците од исламска вероисповед денес започнува Светиот месец “Рамазан“

За верниците од исламска вероисповед од денеска започнува Светиот месец – „Рамазан“, месец на пости и религиозна посветеност. Во наредните 30 дена муслиманските верници ќе постат од изгрејсонце до зајдисонце.
Рамазан е деветти месец од лунарниот календар, кој се смета по Месечината, а не по Сонцето. Тоа значи дека секоја година постот почнува 10 или за престапната година, 11 денови порано.
Според исламската религија, постот, кој е еден од исламските столбови е задолжителен за сите верници за нивно физичко и душевно прочистување. Истовремено, верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување.
Во постот се поштедени болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа. По едномесечниот пост, првиот ден на празникот Рамазан Бајрам е на 30 март. Овој голем муслимански празник се слави три дена.