Македонија
Пресуда за Алмир Дрпљанин за убиството кај ПМФ
Во Основниот суд Скопје 1 на пладне ќе биде соопштена пресудата за Алмир Дрпљанин обвинет за нападот врз патролата на припадниците на мобилната „Алфа“ единица кај Природно математичкиот факултет во Скопје во ноември 2008 година, во кој беше убиен полицаецот Африм Арифи, а двајца негови колеги за влакно ја избегнаа смртта, но останаа тешки инвалиди.
Ова е втора пресуда за овој случај против Дрпљанин кој во 2010 година во отсуство беше осуден на доживотен затвор за нападот. Триесет и петгодишниот Дрпљанин беше уапсен летото 2012 година во Урошевац, на Косово, откако косовската полиција во станот каде престојувал најде огромен арсенал оружје, односно автоматски пушки, пиштоли, снајпер, панцири и униформи, но и големо количество злато за кое се претпоставува дека потекнува од вооружените грабежи во Скопје и во Тетово.По Дрпљанин беа распишани неколку меѓународни и поголем број национални потерници за бројни тешки кривични дела извршени во Македонија.Во Македонија беше екстрадиран од косовскиот затвор Дубрава во штипскиот затвор во јануари 2015 година. Дрпљанин е осуден на осум години затвор и за разбојништвото извршено врз комбето на „Македонски пошти“ во скопската населба Чаир, кога беа украдени 900 илјади евра. Беше осомничен за уште едно разбојништво во Скопје, во кое беа украдени над 4 милиони денари и за грабеж во тетовска златарница, од каде што беше однесено злато вредно стотина илјади евра.Освен за овие дела, Дрпљанин е осуден на казни затвор од по една до две години или условни казни за кражби./крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

