Македонија
Претседателот Иванов на состанокот на „Брдо-Бриони процесот“

Претседателот Ѓорге Иванов, во сабота и во недела, ќе престојува во работна посета на Босна и Херцеговина, каде ќе учествува на состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот“ и на регионалната бизнис иницијатива „Самит 100“.
Во сабота, во Сараево, претседателот Иванов ќе учествува на „Самит 100“, заедно со претседавачот и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, Младен Иваниќ и Драган Човиќ, претседателот на Република Хрватска, Колинда Грабар- Китаровиќ, претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, претседателот на Република Србија, Томислав Николиќ, претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани и претседателот на Република Косово, Хашим Тачи. На годинешниот „Самит 100“, насловен „Нов договор за ново време“, ќе учествуваат и бизнис лидерите и истакнати претприемачи и стопанственици од Југоисточна Европа, а главни теми на дискусија ќе бидат одржливото снабдување со енергија, моделот на циркуларна економија, брендирање на регионот, транспорт и инфраструктура, создавање работна сила на иднината и кластер на автомобилската индустрија. На „Самит 100“, претседателот Иванов ќе биде придружуван од министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, Џери Наумоф. Во недела, во Сараево, претседателот Иванов ќе учествува на состанок на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот“. На состанокот ќе учествуваат сите претседатели од регионов, а специјален гостин на состанокот е претседателот на Италија, Серџо Матарела. На состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот“ во Сараево, претседателите ќе разговараат за актуелните состојби во регионот, евроинтеграциите и проширувањето на Европската унија, како и за унапредување на регионалната соработка./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Влада: Ја зголемуваме енергетската ефикасност преку обновливи извори на енергија

„На 50 училишта на територија на Македонија во текот на летниот период ќе се постават фотоволтаични панели. Неповратен грант од 1.1 милион евра за инвестирање во обновливи извори за енергија, склучи Министерството за образование и наука со Банка за развој при Совет на Европа“, велат од Владата.
„Со ова не само што заштедуваме финансиски трошоци, туку и добиваме можност средствата да ги реинвестираме во други инфраструктурни проекти, дигитални помагала за учениците во училиштата, како и за учебници.
Нашата заложба како Влада е да ја зголемиме енергетската ефикасност преку искористување на обновливи извори на енергија.
Со конкретни чекори, мерки и проекти, не само што заштедуваме буџетски средства, туку и придонесуваме за намалување на загаденоста на животната средина.
Владата работи со визија и цел, а тоа е подобрување и унапредување на образовниот систем“, соопштуваат од Владата.
Македонија
На Богородица се чека околу 30 минути на македонска страна

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути. На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Аеродром и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците во околината на објектот ЕКВИЛИБРИУМ на улица Руди Чајевац, општина Аеродром;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од дел од улица Ванчо Мицков, општина Карпош;
· од 10:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улица Кнез Трпимир и населбата Трнодол, општина Карпош.