Македонија
Претседателот на Судскиот совет без коментар за снимките за местењето на судии
Новоизбраниот претседател на Судскиот совет, Бранко Ушковски не ги коментира снимките коишто ги објави опозицијата, а во кои наводно власта договара избор на судии, пресуди.
„Не би коментирал. Има многу прашања кои вие медиумите ги поставувате за некои содржини кои јас не би ги коментирал, дали истите се автентични или се нерелевантни. Не би ги коментирал сè со цел да се почитува пресумпцијата на невиност, а во исто време за истите наводи и евентуални повреди на законот нема правна завршница. Ве известувам и ве уверувам дека ние во Судскиот совет нема да подлегнеме на никакви политички предизвици кои се наметнуваат дали за дневно политички потреби или по различни поводи и цели и се надевам дека вие новинарите ги препознавате таквите цели. Ние нема да дозволиме да влијаат во работата на судството“, рече Ушковски.Ушковски се осврна и на коментарите во јавноста по неговиот избор дека тој нема ниту еден ден работно искуство како судија и се пофали дека е еден од авторите на првиот прирачник за правосуден испит во Македонија.„Имајте во предвид дека Судскиот совет има друга надлежност за разлика од судовите. После претходниот претседател имам најголемо искуство како член на Судскиот совет. Во 1997 година јас сум еден од авторите на првиот македонски прирачник за полагање на правосуден испит кој поради голема побарувачка имаше и дополнително издание“, рече Ушковски.И покрај снимките коишто ги слушна јавноста, тој останува на неговиот став дека најголемиот дел од судиите професионално, чесно и одговорно ја извршуваат својата функција, а тоа се покажало и со денешниот извештај за работата на судовите во 2014 година којшто беше на дневен ред на седницата на Судскиот совет. „Патот на членовите на Судскиот совет во законско имплементирање на оваа област не е ниту краток , не е ниту лесен, ниту брз. Истиот е долг, тежок и исполнет со многу предизвици. Бевме и сме изложени на многу критики, дел се добронамерни, незаслужни, меѓутоа секогаш ни даваат верба дека сме на правиот пат“, рече Ушковски.Во изминатите години се отстранувале сите недоследности кои се јавувале во судската власт. Тој наброја некои од законските решенија кои ги презеле за отстранување на недостатоците во судството. Според него, за да се обезбеди непристрасност и влијание во доделувањето на предметите, од пред пет години предметите се доделуваат автоматски. Тој го спомена и тонското снимање на рочиштата, иако речиси за сите рочишта во судовите нема услови за тонско и визуелно снимање. Ушковски објасни дека за судија во Основен суд може да биде избран судија со најмалку две години искуство и завршена обука на Академијата на судии и јавни обвинители. За Судија во Апелациониот суд може да биде избран судија со четири години искуство, а во Врховниот суд се избираат судии со шест години работно искуство.„Нема никакви политички влијанија и ние никогаш нема да дозволиме да има“, тврди Ушковски.Но во разговорите кои што ги презентираше опозицијата, наводно досегашната претседателка на Судскиот совет, Александра Зафировска договара избор на судии по партиска линија, и се јавува на секретарката на премиерот Никола Груевски за да го извести дека распишале оглас за избор на судии. Во друг разговор наводно директорот на УБК, Сашо Мијалков и се јавува на судијката Софија Лаличиќ и на Светлана Костовска и ги известува дека се избрани за судии, а поранешниот републички јавен обвинител, Љупчо Шврговски наводно бара да се вработи синот на претседателката на Апелација, Љупка Арсениевска во Обвинителство. Опозицијата обвини дека Никола Груевски, Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска диригирале со одлуките кој ќе биде назначен за судија, за обвинител, како да се среди некоја пресуда. /крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.
Македонија
Љубов или вино: што навистина славиме на 14 февруари?
Секој 14 февруари, истата ситуација – некои го препознаваат само Свети Трифун, додека други го сметаат Свети Валентин, или Денот на вљубените, за поинтересен. За други, единственото нешто што е важно е да се забавуваат на тој ден.
Најмногу профитираат трговците и угостителите, на кои не им требаше многу за да ја спојат романтиката со добро вино и да најдат начин да заработат добри пари на тој празник. Сепак, повеќето луѓе всушност знаат малку за светците кои ја предизвикале целата расправија, како и за тоа како дошло до тоа Денот на вљубените и Фестивалот на виното да „паѓаат“ на ист ден.На тој 14 февруари, има двајца светци – едниот кој има многу долга традиција и е почитуван со векови, а другиот, понов кој, преку медиумите, стана глобален феномен надвор од христијанските земји.
Може ли Свети Трифун да се заљуби, а Свети Валентин да се опие?
Прво, зборуваме за два сосема различни светци кои ги почитуваат и православната и католичката црква. Свети Трифун, како светец-заштитник на лозарите и винарите, не може да биде замена за Свети Валентин, ниту обратно. Католичката црква го слави Свети Трифун, но на 10 ноември. Од друга страна, православната црква на Свети Валентин се сеќава на 12 август. Сепак, никој тогаш дури и не помислува на Денот на вљубените, бидејќи Денот на вљубените на 14 февруари стана глобален феномен.Свети Трифун живеел во 3 век од н.е. во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудотворен дар за лекување и дека успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зол дух“. Тој ги делел богатите кралски подароци на сиромашните и живеел како скромен чувар на гуски до крајот на својот живот. За време на големиот прогон, тој одбил да се откаже од Христос, поради што бил убиен во 250 година од н.е. на овој ден. Свети Валентин живеел некаде околу тоа време. Тој го посветил својот живот на тајно женење на војници, на кои им било забрането да основаат семејство, со нивните избрани жени. Поради оваа помош на заљубените парови, Валентин бил обезглавен во 269 година.
И што да се слави денес?
Благодарение на Холивуд и добриот маркетинг, Денот на вљубените стана глобален феномен, а подарувањето бомбони, срца и други посебни подароци на саканата личност на крајот се прошири и во Србија. Сепак, има и такви кои сè уште го „препознаваат“ само Свети Трифун како празник. На која било група да припаѓате, имаме совет за вас – Прегрнете некого што го сакате… Отворете шише добро вино… И уживајте во животот.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

