Македонија
Протест: Помалиот буџет за ХИВ ќе значи нови инфекции и поголем број на смртни случаи
Граѓанските организации кои спроведуваат активности за превенција и рано откривање на ХИВ помеѓу групите изложени на најголем ризик протестираа пред Собрание и побараа од пратениците, Владата, Министерството за финансии и Министерството за здравство да го коригираат скратениот буџет за заштита на населението од ХИВ – во согласност со препораките на експертите, со што би се спречила појава на епидемија на ХИВ и ќе го заштити здравјето на сите граѓани.
Според организациите, во националната програма за ХИВ за 2017 година се неопходни најмалку 65 милиони денари од буџетот, според проценките на домашни експерти што ги ангажираше Министерството за здравство. „Наместо тоа, предлог-Буџетот за 2017 година предвидува само 27 милиони денари, износ кој не е доволен да ги покрие ниту потребите за животоспасувачка терапија за една година. Според експертите, за лекување на пациентите за една година неопходни се 32 милиони, додека 33 милиони денари се потребни за покривање на превентивните програми за половина година. За првите 6 месеци од 2017 година Република Македонија сѐ уште се надева дека Глобалниот фонд за ХИВ и туберкулоза ќе одобри да се искористат заштедените средства од грантот за да се покријат превентивните програми“, велат од организациите.Со тоа во превентивната програма воопшто нема да останат средства за превенција и тоа ќе значи зголемен број на нови инфекции и зголемен број на смртни случаи од ХИВ поради задоцнето откривање. Исто така, на долг рок ќе се зголемат трошоците за лекување поради долги хоспитализации и скапи терапии, кои со помош на превентивните програми може да се избегнат, реагираат граѓанските здруженија.„Доколку не се обезбедат средства за да се одржат програмите за превенција ќе се затворат сите теренски и стационарни сервиси за ХИВ за групите под најголем ризик од ХИВ кои функционираат во повеќе од 14 градови ширум земјата. Најмалку 15.000 припадници на ранливи категории на граѓани, како и нивните семејства, ќе останат без пристап до бесплатни средства за превенција и брзи скрининг тестови за рано откривање на ХИВ. Доколку се одржи досегашното ниво на финансирање за ХИВ и оптимално се распредели на програмите за превенција помеѓу групите изложени на најголем ризик и зголемување на бројот на лица кои ќе бидат на терапија, може да се спречат дополнителни 860 нови случаи на ХИВ до 2030 година и дури 290 смртни случаи“, се вели во апелот до пратениците. Во изминатите 13 години Глобалниот фонд даваше значителна финансиска поддршка за националната програма за ХИВ. Како земја со висок среден приход и ниска стапка на ХИВ-инфекција, Република Македонија веќе не може да аплицира за средства од оваа меѓународната организација. Со потпишувањето на досегашните грантови Министерството за здравство се обврза да го преземе финансирањето на националната програма за ХИВ по завршувањето на грантовите. Покрај тоа, Министерството за здравство јавно се обврза дека ќе ги одржи програмите за превенција преку мрежата на граѓанските организации на јавната расправа во Комисијата за здравство при Собранието на Република Македонија на 11 декември 2015 година. Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ ја сочинуваат 16 граѓански организации од девет града низ Република Македонија./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

