Македонија
Радовишанецот го убил негов братучед оти ѝ изјавувал љубов на неговата девојка
Убиениот Јашар Р., чие тело беше најдено во куќа во Радовиш, ѝ изјавувал љубов на девојката на неговиот братучед од Прилеп, и тоа било причина неговиот братучед да се налути и да го убие, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.
Прилепчанецот и неговата девојка отишле на гости кај Јашар во Радовиш. Иако планирале да престојуваат таму само еден ден, решиле да останат бидејќи биле сведоци на кавга и физичка пресметка меѓу Јашар и неговата сопруга, која си заминала од дома.Вечерта на 2-ри ноември, братучедот на Јашар излегол до продавница, а за тоа време Јашар и изјавил љубов на неговата девојка. Таа го одбила, па Јашар ја удрил во главата.Неговиот братучед, враќајќи се од продавница, ја слушнал расправијата и почнал да се кара и да се тепа со Јашар.За време на тепачката девојката излегла во ходникот и видела како Јашар паднал на земја, а неговиот братучед го удирал со клоци, а потоа и го притиснал со нога на вратот.Прилепчанецот и неговата девојка ја заклучиле вратата и заминале за Прилеп. Телото на радовишанецот го најде сопственикот на куќата, каде Јашар бил потстанар.Осомничениот за убиството е приведен и му е одреден притвор во траење од 30 дена./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Клековски и Аџигогов донираа крв: вистинската грижа за осигурениците не се исцрпува во административните и финансиските мерки, туку продолжува преку дела на човечност

По повод 25-годишниот јубилеј од самостојното функционирање на Фондот за здравствено осигурување, денеска, во соработка со Црвениот крст на РСМ и Институтот за трансфузиона медицина, се реализира традиционалната крводарителска акција „Фондовско срце“, која оваа година се одржува по осумнаесетти пат.
Со оваа акција, Фондот, велат од таму, уште еднаш ја потврдува својата основна мисија – грижата за здравјето на осигурениците и промовирањето на хуманоста како врвна општествена вредност.
„Преку овој чин на солидарност, вработените на Фондот симболично ја спојуваат професионалната посветеност со највозвишениот човечки гест – дарување живот.
Од своето формирање во 2000 година, како самостојна институција за спроведување на задолжителното здравствено осигурување, Фондот доследно ја негува културата на општествена одговорност и лична заложба за заедницата. Крводарителската акција „Фондовско срце“ е токму потврда дека вистинската грижа за осигурениците не се исцрпува во административните и финансиските мерки, туку продолжува преку вистински дела на човечност, доблест и милосрдие.
Во остварувањето на овие вредности особено значаен е личниот пример на генералните директори на Фондот, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, кои со своето активно учество ја поттикнуваат свеста кај вработените дека хуманоста е највозвишената форма на грижа за човекот.
„Дарувањето крв е дарување надеж, живот и човечка топлина. Со оваа акција, Фондот уште еднаш покажува дека зад институцијата стојат луѓе со големо срце – луѓе што живеат и работат во духот на солидарноста“, беше пораката на денешниот настан.
Фондот им упатува благодарност на сите свои вработени кои секоја година ја докажуваат својата хуманост и придонесуваат кон спасување на човечки животи.
„Оваа традиција, започната пред 18 години, продолжува како симбол на колективна совесност и институционална култура која ги поврзува вредностите на професионалноста, човечноста и општествената одговорност“.
Македонија
Секој изгубен ден во политички престрелки е изгубена можност за Скопје, в недела масовно да излеземе, повика Ѓорѓиевски

На последниот ден од изборната кампања за првиот круг на локалните избори, кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО- ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, накусо ги повтори сите ветувања што ги даде изминативе дваесет дена. Рече дека денес нема да држи политички говори, туку ќе им се заблагодари на скопјани за досегашната соработка.
„Ви благодарам за секоја подадена рака, за секој совет, за секоја критика и најмногу за огромната надеж што ја почувствував во вашите очи, надеж дека Скопје, конечно, може и мора да биде подобро“, рече Ѓорѓиевски.
Рече дека кампањата ја водел искрено и наместо со празни ветувања, пред скопјани излегол со докази оти она што го направил во Кисела Вода за него не се само бројки, туку доказ дека зборот го претвора во дело.
Рече дека зад него не стои само неговата политичка партија, туку тим од врвни експерти, професори, архитекти, уметници, но и обични и чесни луѓе, кои „о живеат и дишат овој град.
Повика в недела, масовно, референдумски, скопјани да излезат на гласање во сите општини.
„Нашиот град повеќе нема време за губење. Секој изгубен ден во политички престрелки е изгубена можност за Скопје. Затоа ве повикувам в недела масовно да излеземе и да ја донесеме одлуката. Да не дозволиме да изгубиме уште две недели во неизвесност и политички калкулации“, рече Ѓорѓиевски.
Побара силна и чиста поддршка за да може веднаш да почне со работа и по којзнае кој пат во изминатите дваесет дена повтори дека ако скопјани не го изберат во првиот круг, само ќе ги продолжат голготата и хаосот во кој градот живее со години.
„Ве повикувам да го заокружите бројот 9. Тоа не е глас само за мене, ниту глас за една политичка партија, тоа е глас за работа, за ред, за одговорност, за визија, глас за иднината на градот Скопје. Од срце ви ветувам на сите – ќе бидам градоначалник на сите скопјани. Не градоначалник што седи во канцеларија, туку човек што ќе работи, ќе слуша и ќе обединува. Човек што ќе биде на терен, меѓу вас, решавајќи ги проблемите онаму каде што настануваат. Ајде заедно да го вратиме сјајот на нашето Скопје“, повика Ѓорѓиевски.
Рече дека веќе се чувствува победнички оти верува во силна поддршка од скопјани. Нагласи дека е отворен за соработка и дека секоја добра идеја што ја нема во неговата програма ќе ја прифати и ќе ја реализира до крајот на мандатот.
Македонија
Граѓаните в недела ќе може да пријават каква било повреда на избирачкото право во канцелариите на Народниот правобранител

Во канцеларијата на Народниoт правобранител во недела ( 19 октомври ) на денот на одржувањето на првиот круг од Локалните избори во периодот од 7:00 до 19:00 часот ќе функционира беслатната телефонска линија: 0800-54321, на којашто граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право. Покрај на телефонски, граѓаните ќе може да пријават повреда на нивното избирачко право и лично во сите седум канцеларии на Народниот правобранител во: Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права. Исто така, граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се јават и на следниве телефонски броеви: Тетово: 044 344-082, Струмица: 034 329- 996, Кичево: 045 228-586, Битола: 047 242-310, Штип: 032 389-701 и Куманово: 031 431-488, се истакнува во соопштението од Народниот правобранител.
„Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање на итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права.
И во оваа пригода, народниот правобранител потенцира, дека, избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање и дека никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право, поради што не случајно повредата на слободата на определувањето на избирачите како и други повреди на избирачкото право се казниви дела. Народниот правобранител апелира до сите чинители во изборниот процес да ги почитуваат здравствените протоколи утврдени за начинот на гласање.