Македонија
Во Битола спроведени акции за чистење во кои вклучено е и локалното население
По повод Светскиот ден на чистењето, Општина Битола се вклучи во акциите на чистење, чијшто носител е ЈП „Комуналец“, а во вклучени се и јавните претпријатија „Нискоградба“ и „Водовод“, како и дел од локалното население.
Од Општината информираат дека пред две недели започнало расчистувањето на бараките на поранешната УЈП, локација која во центарот на градот претставувала депонија и место за девијантни појави. Просторот е целосно исчистен, а во акцијата се вклучи и локалното население, велат од Општината.
„Ова е класичен пример како може да изгледа еден простор ако се отвори и исчисти. Долго време беше надвор од функција. Голема благодарност и до преставниците од месната заедница кои се вклучија во активностите на јавните претпријатија. Со нив разговаравме што да се направи во иднина со овој простор. Останува овој есенски период тоа да го дефинираме и следната пролет да изникне нова слика и просторот целосно да се стави во функција на граѓаните“, изјави градоначалничката Наташа Петровска.
По чистењето, локацијата била измиена за да не се создава прашина. Директорот на ЈП „Комуналец“ Панде Богоевски најави дека акциите за чистење ќе продолжат и наредната недела.
„Следната недела ќе биде недела на чистењето во Битола. Ќе чистиме на повеќе локации каде се лоцирани депонии и кон крајот на следната недела ќе направиме една масовна акција. Од друга страна апелирам до граѓаните за малку посовесно однесување, да не се создаваат депонии идејќи и да сакаме не можеме постојано да излеземе во пресрет за чистење на тие локации“, посочи Богоевски.
Покрај локацијата кај старите бараки на УЈП, денес се спроведоа акции за чистење пред паркот на основното училиште „Тодор Ангелески“, на улиците „Наум Наумовски-Борче“ и „Илинденска“, како и во населбата „Ушици“ .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.
Македонија
Жичницата на Водно не работи поради силен ветер
Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје преку својата фејсбук страница информира дека жичницата на Водно денеска нема да биде во функција поради засилен ветер.
Јачината на ветерот ги надминува дозволените граници како објектот би функционирал непречено и безбедно., велат од ЈСП.
„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни временски услови за работа, жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“, велат од претпријатието.

