Македонија
Ременски побара оставка од Диме Спасов
Итна оставка од дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика Диме Спасов, по саботниот инцидент во кој тој со возило на Агенцијата за вработување предизвика две сообраќајни несреќи, побара во понеделник министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски.
Таа рече дека Спасов имал на користење дури пет службени возила.„Тој постапил неодоговорно за функцијата што ја извршува. За приватни цели и интереси, незаконски користел возило на АВРМ, а не смеел ниту законски. Ја загрозил безбедноста на патниците и направил материјална штета, а трошел пари од МТСП за возилото кое не е наше. И избегал на полицијата и ја спречил полицијата за утврдување на неговата психофизичка состојба, а потоа поттикнал друго лице, вработено во МТСП, но не како негов возач, да ја преземе одговорноста. Очекувам МВР да го расветли инцидентот со што ќе се покаже еднаквост пред законот“, рече Ременски.Според Ременски, „Туарегот“ со кој заменик-министерот направил сообраќајни прекршоци е во сопственост на Агенцијата за вработување и не е единственото возило кој тој го користел надвор од работното време. Како што вели таа, Спасов противзаконски, освен со Туарегот, располагал и со уште други три возила кои од страна на Владата на Република Македонија, на 12 август 2015 година се дадени на трајно користење на Агенцијата за вработување.„И директорот на Агенцијата незаконски овозможил нивни возила да им се дадат на други лица. До Владата ќе доставам пријава за директорот на Агенцијата, кој спротивно на закон два пати е именуван за в.д. директор. Канцеларијата на ЕУ утврдила несоодветно располагање со сретства, односно за 30 возила кои преку ИПА програмите се купени за Агенцијата, тој побарал поврат на ДДВ од 27.000 евра. Во МТСП е започната постапка за возачот кој не е на Спасов. Барам Диме Спасов да преземе одговорност и да се повлече од функцијата“, рече Ременски.Притоа додаде дека четири возила користел Спасов откако дошол на функцијата во МТСП, а возачот кој ја презел одговорноста е вработен во август годинава во МТСП и без налог користел службено возило.„Првичната истрага во МТСП откри дека Спасов должел две службени возила од Министерството за труд и социјална политика, а со службена картичка го полнел со гориво „туарегот“ многу пати. Ќе се поднесе пријава и кон тие што требало да ги контролираат срествата“, рече Ременски.Министерката рече дека службената картичка на Спасов не била блокирана и дека тој ја користел за сопствени потреби исто како и возилата од Агенцијата за вработување.
Инаку, како што претходно пишувавме, теренско возило „туарег“ со скопски регистерски таблички ноќта кон саботата во скопската населба Тафталиџе удрил во неколку возила, според полициски извори станува збор за заменик-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој до 2 часот не бил пронајден, а според очевидци тој наводно бил во алкохолизирана состојба. Според првичните информации, Спасов управувајќи со џип „туарег“, во сопственост на Агенцијата за вработување, откако претходно престојувал во хотел во близна на скопскиот Градски парк, удрил во две паркирани возила, по што, наместо да даде изјава на увидната екипа, тој со друго возило побегнал. Подоцна полицијата кај Спасов извршила тестирање за евентуално присуство на алкохол и психотропни супстанци, а резултатите би требало да бидат објавени во текот на денот.Како што изјавија очевидци, веднаш по несреќата на местото на настанот дошло трето лице кое дало изјава дека тој возел со автомобилот.Со тоа, пак, дополнително, во целиот инцидент се направени неколку кривични дела, од предизвикување на општа опасност во сообраќајот, до давање на лажен исказ, напуштање на местото на настанот…/крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Темелно се реконструира месната заедница во Драчево
Започнати се градежните работи за темелна реконструкција на објектот на месната заедница во населба Драчево. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на кровот и обнова на фасадата, што ќе придонесе за унапредување на енергетската ефикасност.
Предвидена е комплетна замена на електричната инсталација, водоводната и канализационата мрежа, а греењето и ладењето во новиот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи.
Покрај надворешната обнова, објектот ќе добие и целосно нова функционална внатрешност, прилагодена на современите потреби на граѓаните.
„Со реконструкцијата се подобруваат и конструктивните и функционалните својства на објектот, кој подолг период беше во лоша состојба. Новата месна заедница ќе обезбеди модерен, безбеден и квалитетен простор за одржување на состаноци, активности и услуги за жителите на Драчево“, велат од Општина Кисела Вода.
Проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит, и претставува дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите населени места во Општина Кисела Вода.
Македонија
Муцунски на проштална средба со амбасадорката Агелер
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски информираше дека денеска остварил проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер.
Како што наведе Муцунски, на средбата изразил благодарност за нејзиниот севкупен ангажман и значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.
На средбата било изразено заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес.
Муцунски информираше дека биле разменети и мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици, при што била потврдена заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО.
Македонија
Како членка на НАТО, не ни прилегаат технички влади, а предвремените избори носат нестабилност, рече Гаши
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека е поборник на идејата за одржување редовни избори, оценувајќи дека честите предвремени избори создаваат политичка и економска нестабилност.
На брифинг со новинарите, Гаши посочи дека мандатите треба да се завршуваат до крај, а граѓаните да ги оценуваат политичките субјекти според реализираните ветувања. Тој нагласи дека одлуката за избори ја носат пратениците, односно политичката волја на 61 пратеник.
Во однос на Пржинската влада, Гаши оцени дека, како стабилна држава и членка на НАТО, Северна Македонија нема потреба од технички влади за организирање избори, посочувајќи дека изборните процеси во последниот период поминуваат без сериозни забелешки.
Гаши информира дека на координацијата со координаторите на пратеничките групи повикал на усогласување за изборот на Народниот правобранител, нагласувајќи дека постапката е доведена до пленарна седница и дека таа ќе биде свикана штом ќе има политички договор.
Тој соопшти и дека Собранието чека допис од министерот за правда Игор Филков за формирање работна група за Изборниот законик.
Во однос на наводите од СДСМ дека не бил испратен допис за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, Гаши рече дека тоа не е точно и дека пратеничките групи треба да ги достават своите предлози до Комисијата за избори и именувања.

