Македонија
Руската претседателска академија ги отвара вратите за студентите од Македонија
Со цел промоција на можностите за студирање во Русија, престижната Руска претседателска Академија за национална економија и јавна администрација, потпомогната од македонскиот интернет портал за образование и наука, факултети.мк, ќе реализираат активности со кои на потенцијалните студенти ќе им ги доближи можностите за едукација на еден од водечките универзитети во Русија, и во светот.
Преку различни информации кои ќе бидат објавени на образовниот портал http://www.fakulteti.mk/ потенцијалните студенти од Македонија и Балканот ќе можат да се информираат за можностите за студирање на овој реномиран универзитет, кој не само што ќе им отвори нови можности за вработување и напредок во кариерата, туку пред се влијае на поттикнување на индивидуалните таленти на секој поединец.
За студентите од Македонија, за академската 2015/2016 година подготвени се и специјални промотивни пакети за Мастер студии, на кои наставата ќе се одржува на англиски јазик. Наставата ќе се одвива според најдобрите руски и европски пракси, кои во фокусот го имаат развојот на индивидуалните таленти создавајќи врвни експерти по ефективен менаџмент.
„Рускиот образовен систем важи за еден од најдобрите во светот, со илјада годишна богата традиција, од таму потекнуваа многу врвни истражувачи, светски познати јавни личности кои оставиле трага во светската историја. ’’Факултети.мк отсекогаш се трудел да биде вистинското место за информации, за секој кој сака да се едуцира, надградува и да биде во тек со светските научни и образовни тенденции. Имаме соработка со голем број на домашни и светски признати универзитети, пласираме објективни и интересни информации, што е причина за големиот број на посетители на дневно ниво. И понатаму ќе се трудиме да бидеме образовна порта кон светот за многу млади луѓе, но и за сите оние кои сакаат да се надградуваат. Ова го препозна и Руската претседателска Академија за национална економија и јавна администрација, која важи за една од најдобрите академии во светот”, изјавија од Факултети.мк
Илјадагодишното искуство на богатата руска историја каде се вкрстувале специфичностите на над 200 различни народи, на најдобрите руски и европски пракси, кои севкупно треба да овозможат развивање на таленти за имплементација на ефективен менаџмент.
Руска претседателска Академија за национална економија и јавна администрација- RANEPA, е под покровителство на Претседателот на Руската Федерација и важи за лидер меѓу универзитетите во Русија, кога станува збор за едукација во области како јавна политика, економија, јавна администрација, бизнис администрација и менаџмент.
Претставува прва академија во Русија која ја воведува МБА програмата и која добива интернационална МБА акредитација, каде и се образувале најголем дел од официјалните владини претставници. Предавања држат топ менаџери и извршни директори на најголемите руски компании, како и професори од неколку од најпрестижните универзитети во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.
Македонија
Минчев – Рокас: Остануваме доследни во заложбата за создавање професионална и ефикасна администрација, целосно департизирана
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Михалис Рокас, Амбасадор на Европската Унија, посветена на тековните реформски процеси во јавната администрација и нивното понатамошно усогласување со европските стандарди и принципи на добро управување.
Во рамки на разговорите беа разгледани повеќе системски закони од клучно значење за функционирањето на администрацијата: Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, со осврт на доставените мислења и препораки од СИГМА, Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и Законот за Влада.
На средбата беа разменети ставови околу потребата од јасна, предвидлива и долгорочно одржлива нормативна рамка што ќе обезбеди професионализација, стабилност и институционална одговорност.
Посебен акцент беше ставен на јакнењето на мерит-системот, транспарентноста и отчетноста во институциите, како и на значењето на експертската поддршка во процесот на креирање квалитетни законски решенија.
Министерот Минчев ја нагласи определбата за континуиран и конструктивен дијалог со Европската Унија во насока на продлабочување на реформите.
„Остануваме доследни во нашата заложба за создавање професионална и ефикасна администрација, целосно департизирана и темелена врз јасни правила, стручност и одговорност. Поддршката и експертските ставови од Европската Унија претставуваат значаен чекор кон креирање решенија што ќе обезбедат долгорочна одржливост и зголемена доверба во институциите“ нагласи министерот Минчев.

