Македонија
СДМС ја напушти собраниската седница, не гласаат за нови „партиски војници“
Опозициската СДСМ ја напушти собраниската седница, во четврток, затоа што не сакаа да гласаат за предложените точки за именувања и разрешувања функционери на собраниската седница, предложени од Комисијата за избори и именувања.
„Предлогот на опозицијата за симнување на точките од дневниот ред кои се однесуваат за именување на функционери не помина. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сакаат да продолжи да вдомува партиски војници пред изборите. Сите тие сами да си ги гласате. Соберете 62 гласа и гласајте. Од нас поддршка нема да добиете“, рече Горан Сугарески, координатор на СДСМ.Според Сугарески, со тоа што ВМРО-ДПМНЕ условува прифаќање на предлогот за распуштање на Собранието со донесување на буџетот, докажале дека бега од избори.„Сакате да избегате од избори. Предлогот на опозицијата е јасен, без никакви условувања. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го лажат народот дека со недонесување на буџетот нема да има пензии, плати и друго“, рече Сугарески.Кординаторот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски во одговорот на обвинувањата на Сугарески рече дека ниту еден човек не верува во приказните на СДСМ дека ВМРО-ДПМНЕ бега од избори.„Две години ве молиме да излезете на избори. Измислувате сѐ и сешто, цензорски тела, само за да избегате од избори. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како и коалицијата веднаш после донесување на Буџетот ќе гласа за предлогот на опозицијата за распуштање на Парламентот и тргнуваме во избори“, рече Димовски.Кординаторот на ДУИ Талат Џафери рече дека ДУИ не учествува во ујдурмата што ја направија ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за додворување на гласачите.„И едни и други си правите сметка без крчмар. Потписници на договорот од Пржино се четирите партии. Нема право ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ да ги лаже граѓаните“, рече Џафери. Тој додаде дека барањето на СДСМ за симнување од дневен ред на ратификациите на Договорот за основање на фонд за Западен Балкан, и за основање на регионална канцеларија за младинска соработка е само поради тоа што седиштето им е во Тирана.„Нека им го кажат ова на Едмонд Адеми и Мухамед Зекири, кои се членови на извршниот одбор на СДСМ. Им пративте јасна порака“, рече Џафери.Претходно координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески бараше тргање од дневен ред одлуките на Комисијата за избори и именувања и за избор на заменици на народниот правобранител, како и за ратификација на договорите за основање на Фонд за Западен Балкан и на Регионална канцеларија за младинска соработка./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова ја прими Рита Колумбиа, постојана координаторка на Обединетите Нации
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Рита Колумбиа, постојана координаторка на Обединетите Нации во земјава.
На средбата се разговараше за плановите на Обединетите Нации, врзани за реализацијата на претстојните проекти со фокус на стратешките приоритети опфатени во Рамката за соработка за одржлив развој 2026-2030 година.
Претседателката укажа на важноста на досега реализираните програми на Обединетите Нации во функција на градење институционални капацитети, унапредување на владеењето на правото и дефинирање на квалитетни јавни политики. Според претседателката, тие се во корелација со напорите за европеизација на македонското општество и исполнување на стратешката цел – интеграција во Европската Унија.
Соговорнички разменија мислења по однос на иницијативата ОН80, чија цел е поттикнување реформа и модернизација на организацијата заради поголема, ефикасност и релевантност во справувањето со глобалните предизвици.
Тие го анализираа нејзиното значење за преиспитувањето на улогата на Обединетите Нации и справувањето со безбедносните, климатски, економските и технолошките предизвици.
Претседателката посочи на неодложната потреба од длабоки реформи на ООН заради обезбедување ефикасен, координиран и одговорен систем на реалните потреби на државите и граѓаните. Таа, уште еднаш ја афирмираше својата заложба за жена генерален секретар.
Исто така, Сиљановска-Давкова посака планираните буџетски рестрикции, соодветни на иницираната рационализација на работата на ООН, да не се одразат негативно врз реализацијата на нивните програми кај нас.
Македонија
Укинување на техничка влада, криминал, корупција, Груевски, се враќаме во 2016 година, велат од СДСМ
Сѐ она што го говореше СДСМ во изминатиот период се потврдува, велат од оваа партија.
„Власта сака да ја укине техничката Влада, единствената можност за чесни и фер избори. Да се влијае на слободната волја на граѓаните а опозицијата да не види што се прават по министерствата.
Криминалот и корупцијата цветаат. 161 тендер за само една фирма, 51 тендер за омилената компанија на власта преку општините, 9 милиони евра за фирма со еден вработен, 1,2 милиони евра преку Пошта за фирма блиска до ЗНАМ, а одговорност нема.
На листата на Транспаренси интернешенал, Македонија е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија“.
Според СДСМ, повторно се враќа времето кога парите на граѓаните се трошат само за богатење кликата на Мицкоски во врвот на власта и за луксузирање.
„Мицкоски има часовници од 60 илјади евра вредни 150 минимални плати, сака да купува авион од стотици милиони евра за нови туристички патувања. Исто како Никола Груевски кој со пари на граѓаните купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра.
Паралелено, власта свесно ја води земјата кон намерна изолација за да може да течат криминалните тендери зад грбот на народот.
Се подготвува враќање на Никола Груевски. Преку дискредитација на предметите од СЈО и релативизирање на пресудите за нивно поништување. Организиран обид со помош на медиумите на Орбан кој контролира 40%, за да се избрише одговорноста за криминалот на поранешната власт и да се претстави бегалецот Груевски како жртва“.
Од опозициската партија со оценка дека се враќаме во 2016 година.
Македонија
Проданоски и Андоновски од Прилеп: Безбедниот интернет е заедничка одговорност
Во Прилеп денеска беше одбележан Меѓународниот ден на побезбеден интернет – 11 февруари, со јасна порака дека дигиталната безбедност на децата и младите мора да биде врвен приоритет. Настанот се одржа во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, во присуство на градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Активноста беше реализирана во рамки на проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет на Македонија, преку кој на учениците, родителите и наставниците им се приближуваат конкретни алатки и насоки за безбедно користење на интернетот. Фокусот е ставен на превенција, родителска контрола и создавање сигурна дигитална средина.
Настанот имаше едукативна и интерактивна содржина, со што учениците на разбирлив и прилагоден начин учеа како да препознаваат ризици во онлајн просторот и како одговорно да ги користат дигиталните содржини. Преку разговори и практични примери беше нагласено дека интернетот може да биде простор за знаење, креативност и развој, но само доколку се користи внимателно и со поддршка од возрасните.
„Безбедниот интернет не е избор, туку обврска на сите нас – институциите, училиштата, родителите и младите. Само со заеднички пристап можеме да создадеме сигурна дигитална средина“, беше пораката упатена од настанот.
Од Општина Прилеп истакнаа дека соработката со Министерството за дигитална трансформација продолжува и во наредниот период, со цел унапредување на услугите и зајакнување на дигиталната писменост кај најмладите

