Македонија
СДСМ има план како младите да останат во Македонија
Мора да се запре масовното иселување на младите, порача Радмила Шекеринска носител на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во И.Е. 5, во вторник пред битолчани.
„Имаме План како младите да останат тука во Македонија, тука да формираат семејство, тука да најдат работа, тука да ја градат својата иднина. ВМРО-ДПМНЕ и Груевски имаа десет години да го сторат тоа. Да понудат пристоен живот и еднaкви шанси за сите, но тоа не го сторија. Тие сметаат дека најважно од сѐ е да ги полнат своите џебови и сметки низ рајските острови“, рече Шекеринска.
Појасни дека имаат план со кој минималната плата ќе ја зголемуваат секоја година до 16.000 денари, и тоа ќе важи за сите, и за оние од текстилната, и за оние од кожарската индустрија.
„Ќе обезбедиме финансиска помош од буџетот на Република Македонија да им помогнеме и на фирмите да обезбедат егзистенција за своите вработени. Целта на сево ова ни е просечната плата во нашата држава да изнесува 30.000 денари, а младите да добијат директна поддршка од државата, преку 10.000 евра неповратни сретства за да почнат бизнис и 2 години можност, тој бизнис да го водат во старт-ап центрите низ Република Македонија, каде што ќе имаат бесплатно сместување, нема да плаќаат за комуналии, нема да плаќаат за сметководство и сите пари ќе останат кај нив и нивните шанси за создавање бизнис ќе се зголемат“, рече Шекеринска./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска, 06 февруари, започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец јануари 2026 година.
Kорисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство.
Исто така, и корисниците кои не користат картички од денеска ќе можат да ги подигнат своите средства во сите отворени филијали и експозитури на банките.
Македонија
Нови простории на Институтот за трансфузиона медицина во Тетово
Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска ги посетија новите простории на Институтот за трансфузиона медицина во Тетово.
„Со денешната промоција целосно го заокружуваме процесот на реконструкција на новите просторни капацитети за Институтот за трансфузиона медицина во Тетово. За таа цел, од Институтот се инвестирани околу 8,3 милиони денари. Регионалниот центар за трансфузија во Тетово, како составен дел на Институтот, опфаќа и три помали центри: во Гостивар, Кичево и Струга. Овој регионален центар ја обработува крвта собрана од другите центри, нуди амбулантски здравствени услуги за пациентите, организира акции за дарување крв и ги снабдува клиниките и болниците во овој регион со крв и крвни продукти“, истакна министерот Алиу при посетата.

Тој нагласи дека Министерството во континуитет работи и на зајакнување на кадарот, посебно таму каде што се затекнати лица кои подолго време биле ангажирани со договор на дело.
„Во Институтот за трансфузиона медицина, кој има свои подрачни служби низ државата, кон крајот на минатата година заврши огласот за вработување и веќе се вработени вкупно 48 лица, а дел од нив се и тука во Институтот за трансфузиона медицина во Тетово. Продолжуваат нашите заложби за зајакнување на инфраструктурните и човечките капацитети во јавните здравствени установи, со цел подостапни и поквалитетни здравствени услуги за сите граѓани во државата“, додаде Алиу.
Македонија
Сите патни правци во државата се проодни, магла на патот Штип – Неготино
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, информира АМСМ.
Слаби врнежи од снег има на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри има на патниот правец Штип – Неготино кај Серта.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

