Македонија
СДСМ ќе ја укинува радиодифузната такса, УЈП посочува дека тоа е законска обврска
Опозициската СДСМ повторно се заложи за укинување на радиодифузната такса, а овој пат тоа е дел и од нивните предизборни ветувања, особено по најавата дека УЈП ќе врши присилна наплата преку извршители за што веќе има изготвено решенија против 85.000 граѓани кои се најдоа на должничкиот список.
„После 11-ти декември никој повеќе во Македонија нема да плаќа радиодифузна такса. Ставаме крај на притисоците, блокираните сметки и стресот од извршителите за неплатените сметки од радиодифузната такса! Неодговорната власт преку УЈП ги толерира милионските долгови на МТВ за неплатени даноци, а се заканува со присилна наплата на радиодифузна такса на 85.000 граѓани“, соопшти СДСМ.СДСМ посочи дека МРТВ треба да се финансира целосно од буџетот и да профункционира како вистински јавен сервис за граѓаните. Рокот за подигнување на решенијата за присилна наплата на радиодифузна такса истекува денес и граѓаните треба да побрзаат да ги платат сметките издадени од УЈП во име на МРТВ. Од Управата за јавни приходи, пак, соопштуваат дека плаќањето на радиодифузната такса е законска обврска за граѓаните, а УЈП има обврска да ги спроведува законите. Управата за јавни приходи најостро реагира на денешното соопштение од политичката партија СДСМ. Апелираме одредени политичкии партии да престанат да ги квалификуваат надлежностите на УЈП и спроведувањето на законот како закана за граѓаните, наместо да поттикнуваат политики и мерки за зајакнување на даночната дисциплина. „Плаќањето на радиодифузната такса е законска обврска за граѓаните, а УЈП има обврска да ги спроведува законите. Да потсетиме, во изминатите години даночната администрација воведе и нови услуги со кои времето и трошоците за плаќање на оваа јавна давачка се намалени“, велат од УЈП. Потсетуваат дека во минатото бевме сведоци дека токму по вакви изјави, политички прозивки и препукување кои во пракса се покажуваат како дополнителен поттик за неплаќачите и создавање на револт кај граѓаните, вработените во УЈП беа жртви на вербални и физички напади, што е само дополнителен факт дека политичките партии треба да се воздржат од изјави со кои се пропагира даночна недисциплина и да не ги користат надлежностите на УЈП за дневна политика./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos
Македонија
Хоџа: Продолжува партнерството со Светска банка за системска борба против аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светската банка, предводени од Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на управувањето со квалитетот на воздухот.
Од Министерството информираат дека на средбата било констатирано дека во моментов се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон подобрување на состојбата со аерозагадувањето, но дека останува потребата од дополнителни инвестиции.
Министерот Хоџа истакнал дека негова цел е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, како клучен приоритет во неговата работа и во работата на Министерството. Тој нагласил дека долгорочните и одржливи решенија бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка во спроведувањето на реформите.
Во таа насока, Хоџа изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, нагласувајќи дека отворената комуникација ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
Министерот посочил дека Министерството и Владата континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и преку тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Притоа, било истакнато дека останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка, за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

