Македонија
СДСМ: Обвинителството потврди дека работи по нарачка
Основното јавно обвинителство Скопје денеска потврди дека работи по нарачка, реагираат од опозициската СДСМ по соопштението од скопското обвинителство дека поведе постапка против Божидар Јанковски, управител на компанијата „Дајнерс клуб Македонија“ и сопруг на заменик претседателот на СДСМ, Радмила Шекеринска за злоупотреба на службена положба и овластување.
Според нив, обвинителството сега признава дека во претходна постапка утврдило дека не постои сомневање за кривично дело, а „официјален документ од Основното јавно обвинителство Скопје, потврдува дека овој креиран случај на ВМРО-ДПМНЕ издиша како дупнат балон уште во 2014 година!“.СДСМ обвинува дека Основното јавно обвинителство Скопје испорачува политички нарачки од ВМРО-ДПМНЕ. „Да потсетиме: конструкциите и манипулациите чија цел беше да се врши притисок врз заменик претседателката Радмила Шекеринска и нејзиното семејство започнаа откако Шекеринска го обелодени скандалот со скриениот имот на Сашо Мијалков од 1,6 милиони евра. Се направија истраги, се манипулираше јавноста, се вршеше притисок… за да на крајот, ОЈО утврди дека нема никакво кривично дело. Сега одеднаш истото се повторува, нецели пет дена по интервјуто на Радмила Шекеринска за Канал 5. Дали интервјуто толку ја повреди власта во заминување што е принудена повторно да манипулира со јавноста? Или се прави сѐ, преку лажни конструкции, да се оттргне вниманието на јавноста за скандалот дека целиот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ бил вклучен во злосторничко здружување. Никола Груевски не може да избега. Јавноста очекува одговори каква е неговата улога во злосторничкото здружување?“, реагираат од СДСМ./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коњановски даде отчет за првите 100 дена: фокусот е на инфраструктурата, образованието, спортот, културата и енергетска транзиција
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, го презентираше отчетот за првите 100 дена од новиот мандат, истакнувајќи дека фокусот е на инфраструктура, образование, спорт, култура и енергетска транзиција.
Во овој период беше отворена новата градинка „Пчеличка“ со капацитет за 76 деца, адаптирана од поранешниот „Дом за доенчиња и мали деца“. Во рамките на инфраструктурните проекти, се асфалтираа делови од улицата „16-та“, се поплочуваат тротоари на новата улица СРУ 5, а се изведуваат и три нови игралишта во месноста Областа.
Коњановски истакна дека во 2026 година се планирани 53 реконструкции на улици и локални патишта и изградба на шест нови паркинг простори на повеќе локации во градот. Во спортската инфраструктура се вклучени подготовки за мултифункционален спортски комплекс, атлетска патека и борилиште на стадионот „Петар Милошевски“.
Во образованието се продолжува со реконструкција на училишни спортски сали, изградба на нови игралишта и објекти за учениците, додека за заштита на животната средина се преземаат проекти за одводнување и прочистување на отпадни води на 25 локации и за системи за водоснабдување.
Градоначалникот нагласи дека дигитализацијата е приоритет, со промоција на националниот портал за електронски услуги „Е-услуги“, а општината активно се вклучува во праведната енергетска транзиција со поставување фотоволтаици во училишта и на јавни објекти.
Во рамките на културата и спортот, Битола беше домаќин на натпревари на македонската фудбалска репрезентација до 21 година, а се реализираа проекти за ракомет, бокс и други спортски активности. Општината организираше и јавни трибини, поддршка за волонтери, активности за лица со попреченост и старо население.
Коњановски истакна дека Битола го поттикнува туризмот преку проекти како физибилити студија за гондола на Пелистер и градежни активности за планинарскиот дом „Копанки“. Градоначалникот посочи дека секој проект ќе биде следен со транспарентно информирање до граѓаните, со цел локалната самоуправа да остане сервис на жителите.
„Не се фалиме, само работиме, а позитивните коментари доаѓаат од други. Критиките не не обесхрабруваат, туку нè мотивираат да продолжиме со нашата мисија“, изјави Коњановски.
Македонија
Работниците немаат за леб а владата мисли да купува авион за Мицкоски, велат од СДСМ
Додека работниците едвај врзуваат крај со крај, додека минималната плата не ги покрива ниту основните трошоци за живот, Владата мисли на купување авион за Мицкоски. За туристички патувања, како она во Давос велат од СДСМ.
„Очигледно затоа одбива да им ги покачи платите на работниците. Одбива да се откаже од лукзуот и вели нема пари за минимална плата од 600 евра.
За покачување на минималната плата и за поддршка на приватните компании се доволни 200 милиони евра, а за авион уште стотици милиони евра повеќе не се доволни.
Груевски со пари на граѓаните купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра.
Мицкоски има часовници од 60 илјади евра вредни 150 минимални плати и сака да купува авион од стотици милиони евра, за туристички патувања“.
Ученикот, додаваат од опозициската партија, сака да го надмине учителот во луксузирање врз грбот на народот.
„И Томовски запнал за авион од стотици милиони евра, како да се надева на процент од набавката за семејната фирма?
Малку да не им се 161 тендер досега?
Сè е бизнис во ВМРО“.
Македонија
Герасимовски: Финасиска поддршка за спортски проекти во Центар, заедно градиме здрави навики
Општина Центар објави Јавен повик за финансиска поддршка на проекти и програмски активности од областа на спортот.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува сите заинтересирани да аплицираат за поддршка на спортските активности и афирмација на младите спортисти.
„Спортот е основа за здрав живот на сите генерации, но најмногу за правилен развој на нашата младина. Фокусот го ставаме токму на тоа, на поддршка и градење на тимскиот дух кај младите и нивното физичко и ментално здравје“, рече Герасимовски.
Проектите што ќе конкурираат, според соопштеното, треба да содржат најмалку три од следниве услови: да имаат стручни кадри, добро формулирани цели и очекувани ефекти, план за вклученост на заедницата и активности за стимулирање и афирмација на младите потенцијални спортисти-поединци во општината.
Право на учество имаат спортисти-поединци, спортски клубови, здруженија и институции со седиште во Општина Центар кои исполнуваат законски и административни критериуми.
Рокот за поднесување на пријавите е десет дена од објавувањето на повикот. Пријавите може да се достават преку пошта или лично во Архивата на Општина Центар

