Македонија
СДСМ: Трајановски може само да го извести Груевски дека нивното заврши
Наместо да свикува состаноци со скопските градоначалници, Коце Трајановски треба да се сретне со неговиот наредбодавач Никола Груевски и да го извести дека заврши времето на злоупотреби на парите на граѓаните за раскош, луксуз и за провизии, реагираат од СДСМ, по повод состанокот на градоначалниците, кој се одржува во понеделник на тема загаденост на воздухот.
Од СДСМ сметаат дека Трајановски треба да му каже на Груевски дека новата влада ќе изврши пренамена на парите од централниот буџет.
„Ќе се пренаменат 20-те милиони евра кои по наредба на Груевски се трошат за Панорамско тркало. Ќе се пренаменат 5,7 милиони евра кои само во 2017 година, Груевски сакаше да ги потроши на нови барокни фасади. Ќе се пренаменат 500 илјади евра, кои Груевски сакаше да ги потроши за партерно уредување на партиското седиште на ДПМНЕ. Новата влада ќе ги пренамени овие пари за намалување на загаденоста на воздухот“, порачаа од СДСМ.
Од таму велат дека со овие пари ќе се овозможи бесплатен јавен превоз за сите граѓани во денови на високо загадување и субвенции за греење за социјално најранливите категории. Ќе има и посебен сообраќаен режим и времен целосен прекин на сите градежни активности во Скопје.
Од СДСМ порачуваат дека единственото нешто што може Коце Трајановски сега да го направи за да го намали загадувањето е да си поднесе оставка и да остави проблемите да ги реши новата влада, а потоа и новиот градоначалник на Скопје кој ќе биде избран на локалните избори во 2017 година. /крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.

