Македонија
Седници на шест собраниски Комисии
Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за здравство, Комисијата за образование, наука и спорт, Комисијата за надворешна политика, Комисијата за култура и Комисијата за прашања на изборите и именувањата во среда имаат закажано активности и предвидено е да одржат седници во Собранието на Република Македонија.
Членовите на Комисијата за финансирање и буџет треба да расправаат по Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за ревизија, во второ читење, како и по Предлог – закон за задолжителни нафтени резерви, во прво читање.
На дневен ред на Комисијата за здравство за денешната седница поставени се повеќе Предлог – закони меѓу кои Предлог-закон за изменување на Законот за санитарната и здравствената инспекција, Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, Предлог-закон за изменување на Законот за јавно здравје, Предлог-закон за изменување на Законот за прекинување на бременоста, Предлог-закон за изменување на Законот за прекинување на бременоста, Предлог-закон за изменување на Законот за безбедност во снабдувањето со крв, сите во прво читање.
На седницата пред членовите на Комисијата за здравство предвидено е да се најдат и Предлог-закон за изменување на Законот за медицинските студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина, Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести и Предлог-закон за изменување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, трите во прво читање.
Комисијата за образование, наука и спот ќе расправа по Предлог-закон за дополнување на Законот за спортот, во второ читање, а пред членовите на оваа Комисија ќе се најде и Предлог-закон за изменување на Законот за образование на возрасните, во второ читање, како и Статутарна одлука за изменување на Статутот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје (I фаза).
Предлогот на дневниот ред на Комисијата за образование, наука и спорт се дополнува со Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование, по скратена постапка како и со Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование, по скратена постапка.
На седницата на Комисијата за надворешна политика предвидено е претставување на платформата за дипломатски активности на новоименуваниот амбасадор на Република Македонија во Република Казахстан, Илија Псалтиров како и претставување на платформата за дипломатски активности на новоименуваниот амбасадор на Република Македонија во Обединетите Арапски Емирати, Сашо Ташевски.
Членовите на Комисијата за култура на дневен ред на седницата имаат само една точка, а тоа е Предлог-закон за прогласување на Старото градско јадро на Кратово за културнио наследство од особено значење, во второ читање.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе ја утврдува предлог-одлука за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија.
На седницата на оваа Комисија предвидено е и утврдување предлог-одлука за разрешување на член на Комисијата за заштита на конкуренцијата./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре врнежи од дожд а на планините снег
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 25 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во понеделник во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец.
Во Скопје, од утре од попладневните часови до недела ќе има повремени врнежи од дожд, со услови за појава на грмежи. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец. Во вторник се очекуваат нови врнежи од дожд, кои на повисоките делови од котлината ќе преминуваат во снег.
Македонија
Ѓорѓиевски: Започна реконструкцијата на улицата ,,Лазар Трповски” во Чаир
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, го означија почетокот на реконструкцијата на улица „Лазар Трповски“, една од најзначајните сообраќајни артерии во овој дел од градот. Овој проект е клучен за обезбедување поголема безбедност, ред и ново достоинство за граѓаните на Чаир, посочуваат од Град Скопје.
„Станува збор за целосна реконструкција со нов асфалт на двете коловозни ленти, изградба на стандардизирани тротоари, велосипедски патеки од двете страни, уредени паркинг-простори и современ систем за јавно осветлување. Со ова се става безбедноста на прво место за сите учесници во сообраќајот, вклучително возачи, пешаци и велосипедисти. Улицата „Лазар Трповски“, која во минатото беше позната како критична точка за сообраќајни незгоди, добива инфраструктура по европски стандарди која обезбедува јасна сигнализација, подобрена прегледност и функционални решенија што одговараат на реалните потреби на граѓаните.
Градот Скопје продолжува со инфраструктурните инвестиции и до крајот на годината ќе започне постапката за целосна реконструкција и проширување на булеварот „Цветан Димов“, кој секојдневно го користат повеќе од 100.000 граѓани и кој поврзува неколку скопски општини. Овој проект ќе овозможи трајно решение за метежот и небезбедноста, ставајќи крај на долгогодишниот сообраќаен хаос на оваа делница“.
Македонија
Манасиевски: Обвинителката Кадриу сведочи дека Филипче немал ниту елаборат за струја за модуларната болница во Тетово
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изјави дека, според сведоштвото на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, поранешниот министер за здравство Венко Филипче ја составувал техничката спецификација за модуларната болница во Тетово, без да изготви елаборат за електрична енергија, а трагичниот пожар можел да биде спречен.
„Кадриу потврдува дека работата е забошотена. Таа била повикана вечерта на трагедијата да учествува во истрагата, а потоа дошол и Јовевски со свои обвинители, за кои таа вели дека имале обврска да ја држат истрагата под контрола“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека, според Кадриу, модуларните болници биле изградени од панели со пурпена кои чинеле 5–6 евра по метар, додека пожароотпорните панели со камена волна чинеле околу 17 евра.
„Сите модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, а за нив биле обезбедени 30 милиони евра од Светската банка. Каде се тие пари – нема одговор. Можеби се наоѓаат во некоја акција во индиска авиокомпанија, стан во Дубаи или фирма во Бугарија“, изјави Манасиевски.
Тој истакна дека трагедијата со 14 загинати во Тетово можела да биде избегната.
„За жал, трагедијата во Тетово во која загинаа 14 наши сограѓани, можела да биде и спречена доколку Филипче потпишал минимум технички спецификации и ако направил елаборат за електрична енергија, со кои не би дошло до спој во електричната енергија и доколку панелите биле малку поскапи и подобри, можеби и ќе се избегнел пожарот. Но, Филипче по се изгледа алчен за парите, искористил минимум од обезбедените средства. Згора на се, ова можеби би било спречено и доколку Филипче ја прифател понудата на тогашниот медицински директор во тетовската болница, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата кои биле слободни во истоимената болница каде тие биле оставени така празни. Филипче ова го одбил поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени“, рече Манасиевски.
Во изјавата, Манасиевски тврди дека вистинските виновници не се зад решетки, а дека „оние кои нуделе други решенија сега се осудени само на три години“.
„Вистинскиот виновник денес води политичка партија во опозиција“, заврши тој, најавувајќи нови информации утре, вклучително и околу тоа зошто обвинителката Кадриу била суспендирана.

