Македонија
СЈО испрашало пет судијки од Управен суд, судиите не се над правдата
Пет судијки од Управниот суд биле повикани на испрашување во Специјалното јавно обвинителство, за пресуда и мислење по пресуда, а според претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, кој во четврток ја соопшти веста, никој не смее да се осмели да испрашува судија за негова пресуда.
Според Караџовски, Специјалното јавно обивинителство правело голем притисок врз судството. „СЈО повикало пет судијки. Не може судија да биде гонет за својата судска работа. Недоличното однесување од одредени субјекти кон нас судиите е поткопување на интегритетот на судиите, а во изминатиот период имаше и голем притисок од медиумите кои работеа или сѐ уште работат на одредени судски спорови“, рече Караџовски.„Судиите не се над правдата. Со нашето работење не се врши притисок врз судството. Ако работат како судии не значи дека се изземени од одговорност“, одговарајќи на новинарско прашање, возврати обвинителката Ленче Ристовска на прес-конференцијата на претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски кој денеска во јавноста обелодени дека СЈО повикало на распит пет судии од Управниот суд во врска со нивните пресуди поврзани со жалбите во изборните процеси.Според најавата и поканата која во среда пристигна до медиумите на денешната прес-конференција на Судскиот совет требаше да присуствуваат амбасадорите од земјите на ЕУ и на САД, но како што рече Караџовски, од нему непознати причини тие не дошле. Не дојде ни претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, за која Караџовски рече дека била уредно поканета.„Само тие знаат зошто не дојдоа денес“, рече Караџовски, кој појасни дека тој и неговите колеги се подготвени за бескомпромисна битка за зачувување на судскиот углед.„Им порачуваме на ЕУ и САД, но и на народот, да бидат без грижа, ако некој е со намера да не разедини, ние останува заедно“, додаде претседателот на Судскиот совет.
На голем број прашања од новинарите на пресот Караџовски одби да одговори. Рече дека тој не добивал инструкции за работа од премиерот како неговата претходничка, дека не ја испитувал работата за наводно дарување накит „сваровски“ во скопска единица бидејќи снимките на опозицијата биле измислени. Караџоски одби да коментира дали неизвршувањето на судска пресуда од страна на УБК е, исто така, притисок врз судството./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

