Македонија
СЈО: Пуч е одложен оти судот не ни ги доставува доказите
Специјалното обвинителство побарало одложување на главната расправа за предметот Пуч бидејќи Судот не доставил копија од сите докази кои се потребни за да може ова Јавно обвинителство да се впушти во главна расправа, информираат од Специјалното обвинителство.
„Првото наше барање кон Судот за достава на копии од списи и електронски докази е упатено на ден 21.12.2015 година и истото е прецизирано со барање од 09.02.2016 година. Барањето е поднесено во смисла на членот 81 од ЗКП, кој ја уредува меѓуинституционалната соработка. Судот и после две наши ургенции со кои е укажано на неопходноста од доставување на копии, дури на ден 29.02.2016 година донел Решение со кое го одбива нашето барање за доставување копии на списи и електронски докази“, се вели во соопштението.Понатаму од СЈО додаваат дека ваквото решение е обжалено, од причина што сметаат дека наводите на Судот врз основа на кои е одбиено нивното барање во целост се неосновани.„Начелата на акузаторност и легалитет на постапката налагаат јавниот обвинител да ги поседува доказите на кои се заснова обвинението. Поради тоа се добива впечаток дека Судот врши опструкција на работата на ова Јавно обвинителство, одолговлекувајќи ја кривичната постапка и оневозможувајќи на ова Јавно обвинителство да се впушти во главната расправа“, се вели во соопштението.Освен со начинот на постапување во предметот Пуч, Основниот суд Скопје 1 Скопје, како што тврдат од СЈО, ја отежнува работата на ова Јавно обвинителство и во сите други предмети во кои побарале предметите да им бидат доставени на увид.„Од наша страна до Судскиот совет на Република Македонија ќе бидат поднесени претставки за ваквото работење на Судот“, порачуваат од СЈО.Тие уште додаваат дека имаат проблеми во соработката со повеќето институции, кои одбиваат да им ги достават информациите кои ги бараат од нив.„Определени јавни службеници и државни функционери, наместо да соработуваат со ова Јавно обвинителство и да ја почитуваат обврската за пријавување на кривични дела, се ставаат во функција да ја отежнат работата на ова Јавно обвинителство и да го прикријат криминалот“, велат од СЈО. Од таму како институциите кои одбиваат соработка со ова Јавно обвинителство ги споменуват Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за безбедност и контраразузнавање, односно Одделот за оперативно техничка поддршка (познат како петта управа), Единицата за заштита на сведоци при МВР, Општина Битола, одредени Министерства, а на оваа листа се надоврзуваат и Управниот суд, Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. „Кога се работи за барање за доставување предмети на увид упатено од страна на други обвинителства во Република Македонија, на ваквите барања во целост се удоволува, додека доколку од наша страна е упатено барање, Судот одбива да постапи по истото“, реагираат од СЈО. Од Специјалното обвинителство најавуваат дека поради неконзистентната пракса на работењето на Управниот суд исто така ќе бидат поднесени претставки до Судскиот совет на Република Македонија.„Што се однесува до Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција укажуваме дека и овие две обвинителства одбиваат да постапат по наши барања“, се вели во соопштението.Од СЈО нагласуваат дека овие две обвинителства не постапуваат по нивните барања, тврдејќи дека овие дела не произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.„Појаснуваме дека ниту една друга институција нема на увид со какви се разговори ние располагаме и во оваа насока единствено ние можеме да се произнесеме дали одредени предмети се поврзани или произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Во оваа насока законот е јасен и сите институции се должни да ги почитуваат обврските кои произлегуваат од законските одредби. Предвид наведеното ќе бидат поднесени претставки за работа на овие две обвинителства до Советот на јавни обвинители“, се вели во соопштението.Од овие причини, СЈО предлага измени на Кривичниот законик и воведување на ново кривично дело – Попречување на правдата, кое ќе биде во главата на кривични дела против правосудството.„Исто така, продолжува трендот на интерпретирање на работата на ова Јавно обвинителство во насока на реализација на дневно политички цели, при што повторно укажуваме дека ова Јавно обвинителство е професионална и независна институција чиј единствен фокус е борбата против криминалот“, реагира СЈО.Од таму информираат дека во рамки на ова Јавно обвинителство започнати се нови 15 предистражни постапки кои се однесуваат на проверки во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, злоупотреби на постапките кои се однесуваат на градежни работи итн. /крај/со/ст
Извор: СЈО
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На едно семејство со четири члена му биле потребни близу 1.100 евра за да го помине декември
Вредноста на синдикалната минимална кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за декември годинава изнесува 65.492 денари и е за 319 денари зголемена во однос на минималната кошница за минатиот месец кога изнесуваше 65.173.
ССМ денеска информираше дека со изнајмен стан од 60 метри квадратни за декември синдикалната минимална кошница изнесува 80 .867 денари.
Според пресметките на ССМ, во декември за храна и пијалаци се потребни 23.640 денари, за Образование 7.159 денари, за Станарина, вода, електрична енергија, и греење 6.130 денари, Облека и обувки 5.875 денари, Транспорт 4.636 денари, Ресторани и хотели 4.131 денар, Комуникации 3.417, Лична хигиена и оддржување на хигиена во домот 2.620 денари.
Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески на 17-ти месецов најави дека од 1 јануари освен што синдикатите ќе ја пресметуваат минималната потрошувачка кошничка и тие како Влада ќе прават пресметка за просечна потрошувачка кошничка, која ќе биде за најмалку четиричлено семејство. На оваа тема ќе се разговара на Економско –социјалниот совет, кој е закажан на 22 декември (понеделнк).
– Ќе бидат земени параметри од најголемите маркети во Македонија, ќе бидат земени параметри од страна на основните прехранбени производи, за се она што е потребно за еден просечен живот, за едно просечно македонско семејство. Исто така ќе бидат земени и од различни региони и најчесто овошјето и зеленчукот ќе биде земен она коешто е карактеристично за периодот, кога се пресметува во текот на годината, изјави Ристески.
Македонија
Боки 13 ја вознемирувал Русковска, таа го пријави во полиција
Поранешната обвинителка Вилма Русковска поднела пријава до полицијата против Бојан Јовановски – Боки 13 за телефонско вознемирување.
Според пријавата, инцидентот се случил вечерта на 18 декември 2025 година, кога Јовановски, додека бил во живо вклучување на „Јутуб“, повеќепати телефонски ја контактирал Русковска, и покрај нејзиното одбивање на повиците.
Од снимката што циркулира на социјалните мрежи може да се види дека разговорот бил проследен со навредливи и вознемирувачки изјави од страна на Јовановски. Русковска во еден момент го предупредила дека доколку продолжи со повиците, ќе го пријави во полиција, по што повиците сепак продолжиле.
Од Министерството за внатрешни работи за медиумите ја потврдија пријавата и информираа дека работат на расчистување на случајот.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.

