Македонија
СЈО сѐ уште во УБК, утврдува кој и како прислушувал во Македонија
Обвинители и истражители од Специјалното јавно обвинителство сѐ уште се во Управата за безбедност и контраразузнавање речиси 24 часа за да обезбедат податоци за прислушувањата што се вршеле од 2008 до 2015 година и да утврдат дали прислушувала Управата за безбедност и контраразузнавање или странски служби.
Наскоро Специјалното јавно обвинителство ќе излезе на прес- конференција за да обелодени две нови истраги што ги отворило, но и да соопшти до каде е прибирањето на документацијата од УБК.Ноќеска еден час по полноќ, Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева изјави дека не наидуваат на соработка во Управата, дека не можат да ги обезбедат потребните податоци и нивната работа се опструира. Таа најави дека ќе останат во Управата сѐ додека не ги добијат доказите кои им се потребни. „Ние нема да си одиме сѐ додека не постапиме по судските наредби. Јас ќе бидам цела вечер тука сѐ додека можам да издржам“, изјави ноќеска Специјалната обвинителка Катица Јанева.Обвинителите велат дека УБК нема технички и човечки ресурси за да одговори на судската наредба, а од УБК, пак, велат дека не е можно да ги извадат тие податоци и да го прекинат системот за следење на комуникациите и дека може да го нарушат безбедносниот систем.„Со судска наредба по наше барање, бараме да ги обезбедиме сите податоци за броевите кои биле маркирани во УБК, а кои биле предмет на прислушување, за кои се сомневаме дека се наоѓаат во моменталните системи. Наша цел е да ги обезбедиме тие податоци, да видиме дали навистина тие податоци се таму и понатаму што можеме да утврдиме од тие податоци. Од досегашното постапување, УБК не само што не манифестираше волја, туку манифестирашe недостиг на технички и човечки капацитети. Не сакаме да инсинуириме кои се мотивите за тоа. Разочарани сме што државна институција нема ниту технички, ниту човечки ресурси да одговори на судска наредба за да може да пристапиме во системите за прислушување. Буквално тапкаме во место, немаме резултати. Товарот е на страна на УБК, тие треба да ги обезбедат условите за ние да ги обезбедиме доказите“, рече обвинителката Ленче Ристовска. Директорот на УБК, Владимир Атанасовски, пак, вели дека е убеден дека вработените во УБК соработуваат со обвинителите. „Со барањето се опфатени мерки за следење на комуникации во период од 2008ма до 2015 та, а проблем во системот и прекин на работата може да предизвика тоа што не може да се изделат следењата кои се почнати пред крајниот рок на барањето, а сѐ уште се активни“, рече Атанасовски.Освен Атанасовски во Управата цело време се и дополнителниот заменик министер, Оливер Андонов и директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков кои обвинија дека специјалните јавни обвинители се нестручни и оти во УБК дошле неподготвени со што може да предизвикаат упад во системот за следење на комуникации во тековни активности.„Во периодот од 2008 до 31.12.2015 постојат актуелни посебни истражни мерки кои се спроведуваат во различни области на криминал, меѓу кои и тероризам. Навистина сакаат да создадат перцепција дека некој во УБК ги опструира, а од системот самите сфатија дека не може да ги извадат податоците, односно да направат експорт на податоци. Тој систем не е сопственост на МВР, на УБК, сопственост е на операторот и само овластено лице од него може да пристапи до тој систем. Се уверија во тоа и испратиле писмо до операторот за да добие овластување нивниот претставник во Македонија“, рече Чавков. Од СЈО поднеле барање некаде околу 20 часот до операторот, односно до „Ериксон“, за тие да дадат овластување на нивниот претставник во Македонија да оствари пристап до системот кој е во сопственост и администрирање на операторот.„Доколку тие обезбедат експерт, стручно лице кое што ќе може да ги извлече сите тие податоци и пак ќе повторам не „имиџи“, зошто Катица Јанева употребува термини кои што не и се познати, туку експорт на сите тие податоци кои што ги бараат, едноставно можноста ја имаат ако сега успеат да ги извадат, сега да ги извадат, но видоа дека не се подготвени и не е тоа едноставно да се реализира“, заклучи Чавков.Обвинителите на СЈО со судска наредба во вторникот околу 11 часот влегоа во УБК за да обезбедат податоци и да утврдат кој, каде и зошто прислушувал, но попладнето се пожалија дека нивната работа се опструира.Според опозициската СДСМ која објави јавно дел од прислушуваните разговори меѓу високи функционери на власта во Македонија прислушувала Управата заедно со власта, додека според владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Македонија прислушувале странски служби со поддршка од опозицијата./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бислимоски го информирал Собранието за оставката, РКЕ му се заблагодарува за долгогодишната соработка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, го известил Собранието дека поднесува оставка од функцијата, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Согласно Законот за енергетика и Статутот на Комисијата, тој ќе ја извршува функцијата сè додека не биде донесена одлука за престанок на мандатот.
Од РКЕ информираат дека институцијата ќе продолжи да ги извршува своите надлежности согласно законските обврски. Од Комисијата, вработените и членовите му се заблагодаруваат на Бислимоски за долгогодишната соработка.
Марко Бислимоски го извршуваше својот втор петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот мандат му беше од јуни 2018 до јуни 2023 година, а во јули 2023 година повторно беше избран на функцијата.
Македонија
Скопскиот и Полошкиот регион со најмногу одобренија за градење во последниот период – доминира високоградбата
Бројот на одобренијата за градење во декември 2025 година е намален за 17.4 отсто во однос на истиот период од претходната година, соошти Државниот завод за статистика.
Во декември 2025 година се издадени 237 одобренија за градење, што е за 17.4 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3 988 378 илјади денари, што е за 19.5 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 140 (59.1 %) се наменети за објекти од високоградба, 42 (17.7 %) за објекти од нискоградба и 55 (23.2 %) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 237 објекти, на 132 (55.7 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 105 (44.3 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 411 станови со вкупна корисна површина од 38 300 м2.
Во Скопскиот и Полошкиот Регион се издадени најмногу одобренија за градење, 51.
Македонија
Декември со околу 60.000 туристи: најмногу пристигнале од Турција, Бугарија и Србија
Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември минатата година, во Македонија престојувале 59.521 туристи, кои оствариле вкупно 112.001 ноќевање.
Од вкупниот број туристи, 63,3 се странски, а 36,7 проценти домашни. Кај ноќевањата, странските туристи учествувале со 57,6, а домашните со 42,4 отсто.
Во периодот јануари – декември 2025 година, вкупниот број на туристи е зголемен за 6,0% во однос на истиот период лани. Детално по сегменти: Домашни туристи: намалување за 2,2%, Странски туристи: зголемување за 10,3%.
Кај вкупниот број на ноќевања е забележан раст од 0,8%, при што: Ноќевањата на домашни туристи се намалени за 4,1%. Ноќевањата на странски туристи се зголемени за 6,4%
Најмногу туристи пристигнале од Турција: 7.303, Бугарија: 5.214, Србија: 4.736 и Грција: 3.438.
Премиерот Христијан Мицкоски денес, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека очекува Македонија да ја достигне бројката од пет милиони туристички преноќувања до 2028 или 2029 година, доколку сè се одвива според планот.
Тој рече дека минатата 2025 година, според бројките коишто ги објави Државниот завод за статистика имаме зголемен број на туристи, а она коешто посебно охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи над 10 отсто. Мицкоски рече дека се ближиме на бројката од три и пол милиона преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок.

