Скопје
Арсовска како главни проблеми на локалната власт ги посочи политичкото мешање и ограничените финансии

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска, на покана на Европскиот комитет на региони присуствуваше на 162. Пленарна седница во Европскиот парламент во Брисел, каде ги посочила предизвиците со кои се соочуваат институциите на локално ниво во земјава, соопштуваат од Град Скопје.
Како што стои во соопштението, Арсовска во своето обраќање истакнала дека главните предизвици со кои се соочува локалната самоуправа се политичкото мешање во нивната работа, обидите за влијание врз независноста на локалните институции од страна на централната власт, како и ограничените финансиски ресурси.
– Главни предизвици со кои се соочува локалната самоуправа се политичкото мешање во нивната работа и обиди за влијание врз независноста и интегритетот на локалните институции од страна на централната власт, но и ограничените финансиски ресурси и капацитети. Во заклучоците воедно акцентирани се и забелешките за еднаквост и правичност, оваа година има значителен пад на статусот на жената во локалната власт, а младите девојки и жени се обесхрабрени да учествуваат, знаејќи дека немаат системска поддршка и заштита од родово базирано насилство, што се рефлектира и преку големиот пад на процентот на жени градоначалници низ Европа, истакнала Арсовска.
Локалната власт во Македонија, додава, е составен дел на процесот на интеграција на земјата во ЕУ и севкупната рамка на управување. Вели локалните власти значително можат да придонесат кон аспирациите за членство во ЕУ, за што е неопходно зајакнување на локалните институции, промовирање на граѓанскиот ангажман и справување со уникатните потреби на локално ниво.
– Поради говорот на омраза, сајбер насилството, закани и континуираната загриженост за личната безбедност, бројот на жени градоначалници во Европа падна од 25 на 16%, во земјите од Југоисточна Европа на 8,3%, додека во Македонија на рекодно најниско за Европа на 2 отсто. Локалната власт во Македонија е составен дел на процесот на интеграција на земјата во ЕУ и севкупната рамка на управување. Локалните власти значително можат да придонесат кон аспирациите за членство во ЕУ, за што е неопходно зајакнување на локалните институции, промовирање на граѓанскиот ангажман и справување со уникатните потреби на локално ниво. Тековните напори за унапредување на децентрализацијата, подобрување на локалното управување и поттикнување меѓуетничка соработка ќе бидат од суштинско значење за градење стабилно, демократско и просперитетно општество кое ќе се усогласи со вредностите и стандардите на ЕУ, истакнала Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Герасимовски со водњанци: Реконструирани 20 улици во општината, приоритет се безбедноста и подобра инфраструктура во маалата

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, во рамките на караванот „Се гледаме во маало“, се сретна со жителите на Водно. Средбата помина во конструктивна атмосфера, каде отворено беа споделени проблемите и предлозите за унапредување на маалото.
Жителите побараа поставување урбана опрема на повеќе локации, а изразија загриженост за безбедноста во сообраќајот, поради несовесните возачи. Побараа „лежечки полицајци“ и сообраќајни знаци за намалување на брзината, како и редовно кастрење на зеленилото што го попречува пешачкиот простор. Ја пофалија и работата на хигиеничарите кои , како што рекоа , се постојано на терен и посветено се грижат за чистотата, известува општина Центар.
Герасимовски посочи дека континуирано се работи на подобрување на патната инфраструктура во општината. Во делот на Долно Водно е завршена реконструкцијата на улицата „Елисие Поповски“, на потег долг 700 метри, за што се издвоени 13 милиони денари.
Претходно беше реконструирана и улицата „Антон Панов“.
„Инфраструктурата и поврзаноста на Центар ни се приоритет. Реконструиравме 20 улици низ целата општина, затоа што секое маало заслужува уреден јавен простор и безбедни улици“, истакна градоначалникот Герасимовски.
Караванот продолжува денеска во Пајко Маало (кај Филхармонија), со почеток во 18:30 часот.
Македонија
Арсовска со отворено писмо до Михалис Рокас: Во секоја држава има мафија, само во Македонија мафијата си има своја држава

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска упати отворено писмо до Михалис Рокас, Амбасадор на Европската Унија во Македонија.
„Почитуван господин Рокас,
Денес сте домаќин на Еврокомесарката Марта Кос во Скопје на голем настан Самитот ЕУ – Западен Балкан посветен на Планот за раст.
Вчера излегоа на вонредна прес конференција институциите и пратеникот Бране Петрушевски, во одбрана на нивни партиски миленици кои добиле закани, а за жал нема никогаш да излезат во одбрана или осуда на насилие врз било кој друг, вклучително и врз мене.
Како човек и жена сум немала и немам заштита од ниту една институција за заканите кои континуирано ги добивам, кои сум ги пријавила и за кои јавно зборувам, затоа Ве замолувам на Еврокомесарката Марта Кос да и го пренесете следното од мое име:
ВО СЕКОЈА ДРЖАВА ИМА МАФИЈА, САМО ВО МАКЕДОНИЈА МАФИЈАТА СИ ИМА СВОЈА ДРЖАВА.
За заканите врз мене како жена и некој што не е од екипата на “јаките” партии, министерот за внатрешни работи наместо да постапува си тера политика, при загрозување на мојата, безбедноста на моето дете и семејство, како и безбедноста на вработените во град Скопје, МВР сè уште нема ни формално постапено по ниту една поднесена пријава.
Неодамна откривме значаен криминален скандал во кој е вклучен градоначалникот Висар Ганиу и неговата организирана криминална група од општина Чаир. Оваа група е вмешана во фалсификување и фабрикување на документи од повеќе институции, со што незаконски им овозможиле на одредени (дел малолетни) лица да стекнат милиони. Размерот и дрскоста на овие дела, кои во овој момент достигнуваат 152 откриени случаи, се алармантни и претставуваат сериозна закана за безбедноста на нашите жители.
Како одговор на доказите што ги прибавивме, Основното јавно обвинителство покрена истрага. Доказите ни се потврдени од повеќе јавни институции, како и од повеќе правни и физички лица. И покрај овие напори, заканите по мојата безбедност и безбедноста на вработените од Градот Скопјe кои работеа на откривање на овие кривични дела се интензивираат.
Нашите инспектори и вработените, кои вредно работат на овој случај, се подложени на насилство и брутална сила. Гумите на возилата им беа исечени со ножеви, при што и тие како и јас, добија директни закани по нивната безбедност, од лица вклучени со Висар Ганиу во овој скандал. Овие инциденти се официјално документирани и пријавени во Министерството за внатрешни работи, но бавното темпо на правдата ги става во ризик животот и безбедноста на секој од нас.
Со оглед на посветеноста на Европската Унија на владеењето на правото, што е дел од поглавјата за пристапување кон ЕУ, како и поддршката на напорите во борбата против криминалот и корупцијатата, ви се обраќам да пренесете дека Вашето вклучување не само што ќе го зајакне и придвижи постапувањето кон правдата, туку ќе испрати и јасна порака дека корупцијата и криминалните активности нема да бидат толерирани.
Ви благодарам на вниманието, се надевам ќе се одважите да ѝ ја пренесете на Еврокомесарката Марта Кос мојата порака“, се наведува во писмото на Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје.
Македонија
Дел од населбата Драчево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе остане дел од населбата Драчево.
Од 08:30 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Маркова Река во населба Драчево, општина Кисела Вода, ќе останат без струја.