Скопје
Без вода дел од општина Карпош

Од ЈП „Водовод и канализација“ известуваат дека денеска, поради промена на затвроачи од ф 125 мм и од 100 мм на улицата Осло бр. 15 а, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Осло, улицата Будимпештанска, улицата Душко Бојковски, улицата Бањалучка, улицата Љубица Георгиева, улицата Урош Џудович и дел од улицата Женевска од 9 до завршување на интервенцијата (општина Карпош).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Кисела Вода: И оваа година булингот во училиштата може да се пријави телефонски

И оваа учебна година Општина Кисела Вода нуди системско решение за справување со булингот.
„Тргнувајќи оттаму дека насилството во основните училишта е сè поприсутно, повторно во функција е телефонскиот број 078/358 639, каде што жртвите на меѓуврсничкото насилство може бесплатно да добијат поддршка од тим од психолози од невладиниот сектор, кои потоа, во координација со општинските служби, ќе дејствуваат директно во училиштето за спречување на насилната појава“, велат од Општина Кисела Вода.
Оваа мерка, која лани беше промовирана првпат од Општина Кисела Вода, има цел да им понуди помош на жртвите од врсничко насилство или на нивните блиски.
„Тоа се спроведува заедно со младински центар ‘Крик’, чиј претседател, Мила Ангелевска-Кардафова, е еден од психолозите што овозможува бесплатна помош и поддршка. На овој начин ќе може да се надминат стравот и срамот за проблемот да се пријави, како и да се изнајде начин тој што побезболно да се реши“, додаваат од Општината.
Скопје
Пуштена во употреба новата општинска зграда на Општина Ѓорче Петров

На површина од 3.285 м2, поделена на 5 нивоа, со 66 нови канцеларии, 2 сали за состаноци, амфитеатар, 4 чајни кујни, тоалети и тоалети за лица со инвалидитет, два лифта и други технички простории, вчеравечер беше пуштена во употреба новата општинско-административна зграда на Општина Ѓорче Петров.
Граѓаните на Ѓорче Петров, по деценија градба, ќе добиваат централизирани услуги на едно место, а на вработените им се овозможуваат сите современи услови за работа.
На настанот присуствуваа голем број гости и соработници на Општината, советници, поранешни градоначалници итн. Гостин беше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, придружуван од пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, градоначалниците од партијата и други високи гости.
На отворањето се обрати градоначалникот Александар Стојкоски, кој рече дека нема сфера од општественото живеење што Општина Ѓорче Петров не ја опфати со работа во изминатите две години.
„Ѓорче Петров мора да продолжи да се развива. Ве уверувам дека ништо нема да нè поколеба на патот до реализација на паролата ‘Урбано Ѓорче’“, истакна Стојкоски.
Иднината зависи од она што го правите денес, додаде градоначалникот, а она што ние го правиме денес останува во рацете на нашата иднина.
„Нема поголем мир во душата од тоа да знаеш дека создаваш за генерациите. Моја желба е да оствариме уште многу капитални чекори заедно во годините што доаѓаат. За неполни две години, успеавме да оствариме голем процент од програмата за работа и да реализираме многу ветувања дадени пред граѓаните“, нагласи Стојкоски.
На свеченоста говор одржа и претседателот на Советот на Општина Ѓорче Петров, Ленче Нелоска, која истакна дека новата зграда е во корист на граѓаните и оти се надева дека овој грандиозен објект ќе остане во наследство на генерациите и потсетник за едно време кога вистински, отчетно, чесно и транспарентно се работи.
„Дозволете да им честитам и на вработените во Општина Ѓорче Петров што конечно ќе имаат услови за работа какви што заслужуваат. Тие се моторот на целиот процес и верувам во уште подобри резултати во иднина“, рече Нелоска.
Општина Ѓорче Петров со повеќе настани го одбележува 20 Септември – Денот на Општина Ѓорче Петров.
Скопје
Бесплатни училишни униформи за над 7 илјади ученици од општина Аеродром

Со јавен настан, кој се одржа во основното училиште „Александар Македонски“ во Реонски центар, и официјално почна процесот на доставување на бесплатните училишни униформи за повеќе од 7 илјади ученици од сите основни училишта во Аеродром. На настанот присуствуваа претседателот на Советот, Дејан Митески, и секретарот на Општина Аеродром, Јулијана Павковска-Боцевска.
Станува збор за комплетен пакет-униформа, кој вклучува целосна опрема за учениците. Средствата за реализација на набавката се обезбедени од буџетот на Општина Аеродром. Целта на овој проект да обезбеди подобри и посовремени услови за одвивање на наставата, истовремено водејќи сметка тоа да не предизвика дополнително оптоварување на семејниот буџет.
Реализацијата на овој проект, субвенциите и часовите за пливање за учениците од прво одделение, како и бесплатните таблети за учениците од четврто одделение, се само дел од активностите за унапредување и подобрување на условите за реализација на наставата, но и потврда дека Општина Аеродром вложува значителни средства во модернизацијата на образованието.
Новата учебна година учениците во неколку основни училишта ја почнаа во реконструирани и модерни простории, а веќе од следната недела сите ученици од Аеродром ќе посетуваат настава во нови и бесплатни униформи, обезбедени од страна на Општината.