Скопје
Во општина Ѓорче Петров 2.465 кавдрати нови подови во основните училишта

Во продолжение на напорите за подобрување на условите за образование, градоначалникот Александар Стојкоски изврши увид во тековните активности за реновирање на подовите во основните училишта на територијата на општината. Во фокусот на вниманието беа подрачното училиште на ООУ „Димитар Поп Георгиев-Беровски“ и ООУ „Мирче Ацев“, каде што се реализираше замена на оштетените подови.
Вкупно 2.465 квадратни метри подови ќе бидат обновени во сите училишни објекти, со цел да се осигураат подобри и побезбедни услови за учениците и наставниот кадар. Оваа иницијатива е дел од поширокиот план за модернизација на образовната инфраструктура, која има за цел да ги подобри условите за престој и работа во сите училишта на територијата на општината.
-Образованието е приоритет, а наша должност е да обезбедиме квалитетни и безбедни услови за нашите ученици. Со овие активности, ја осигураме иднината на нашите деца и истакнуваме дека инвестициите во образование се најдобриот можен избор за една заедница“, истакна Стојкоски.
Општината останува посветена на продолжување на ваквите проекти, со цел да се осигура дека секој ученик ќе има пристап до модерни и инспиративни училишни простории.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Градоначалникот Ѓорѓиевски на одбележувањето на Националниот ден на Власите

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вечерва присуствуваше на Свечената академија што се одржа во Македонскиот Народен театар по повод 120 години од официјалното признавање на Власите како посебен народ.
На настанот беше присутен државниот врв, претставници на институции, организации и бројни членови на влашката заедница во Македонија.
„Влашкиот народ има длабоки историски корени и значајна трага во македонското културно и општествено ткиво. Со својот труд, со својата култура и посветеност, тие оставиле и сѐ уште оставаат длабоки траги во економскиот, културниот и општествениот развој на нашата држава.
Ова е ден кога се потсетуваме дека секоја етничка заедница е непроценлив дел од мозаикот на македонската државност. И токму затоа, наша обврска како институции е да продолжиме да создаваме општество во кое секој ќе се чувствува виден, вреднуван и подеднакво вклучен.
Горди сме што Општина Кисела Вода е дом и на бројни припадници на влашката заедница и ќе продолжиме да ги поддржуваме сите иницијативи што водат кон градење на почит, соработка и траен соживот“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Аеродром и Студеничани денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов крак – 5, општина Аеродром;
– од 09:00 до 15:00 часот, корисниците на потегот од Китка кон Солунска Глава, вклучувајќи ги и викендиците на Китка и местата: Алдинци, Преслап, Палиград и Караџица, општина Студеничани.
Македонија
Кисела Вода со субвенции за пелети и печки на пелети

Во насока на унапредување на енергетската ефикасност и поддршка на домаќинствата, Општина Кисела Вода објави два јавни повици – за субвенционирање на набавка на пелети и за печки на пелети. Средствата се обезбедени од Буџетот на општината за 2025 година, преку Програмата за локален економски развој, потпрограма за енергетска ефикасност, извести Општината.
Право на учество имаат сопственици на индивидуални станбени објекти на територија на општината, кои немаат приклучок на централно парно греење и кои претходно не искористиле ваков вид субвенција. При аплицирање, потребно е да се достави документација што го потврдува сопствеништвото, лична идентификација, доказ за извршена набавка (фискална сметка, фактура и извод од банка) од 01.01.2025 година до завршување на јавниот повик, нотарски заверена изјава и пополнет образец кој може да се преземе од веб-страницата или од архивата на Општина Кисела Вода.
Субвенцијата за набавка на пелети изнесува 50% од вредноста, но не повеќе од 10.000 денари, додека за набавка на печки на пелети се надоместуваат исто така 50% од вредноста, но не повеќе од 20.000 денари, и во двата случаи со вклучен персонален данок на доход.
– И оваа година, продолжуваме со имплементација на мерки кои директно ги поддржуваат нашите сограѓани. Субвенционирањето на набавката на пелети и печки на пелети е дел од нашата заложба да обезбедиме конкретна поддршка за домаќинствата, за полесно и поквалитетно затоплување на нивните домови, но и за заштита на животната средина. Ваквите мерки се дел од поширокиот пристап кој го применуваме како локална самоуправа – пристап кој значи грижа, континуитет и визија за одржлива иднина. Кисела Вода веќе го гради својот препознатлив печат на општина која работи темелно, одговорно и со видливи резултати. Ги повикувам сите граѓани кои ги исполнуваат условите да аплицираат и да ја искористат оваа поддршка. Ние, како локална власт, остануваме посветени на политиките кои носат конкретни придобивки – за секој жител, за секој дом во Кисела Вода, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Барањата се поднесуваат во затворен плик преку Архивата на општина Кисела Вода, по принципот „прв дојден, прв услужен“, сѐ до исцрпување на средствата или најдоцна до 31 октомври 2025 година, додаваат од Општината.