Скопје
Герасимовски: Две години фокусирани на реалните потреби на жителите
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/gerasimovski.jpg)
Инвестиции во современо и инклузивно образование, нови паркинг-места, енергетска ефикасност, инфраструктура, развој на културата и спортот, градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, го претстави отчетот за сработеното во изминатите две години. Тој на прес-конференција посочи дека од почетокот на мандатот Општината е фокусирана и посветено работи на реалните потреби на жителите и локалната самоуправа, нејзиниот развој и поставување нови стандарди и иновативни проекти за поквалитетен живот и исполнето секојдневие.
„Оваа година го основавме трговското друштво ‘Енергија Центар’ за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори. Со овој проект Општина Центар ги носи иновациите и ќе биде првата енергетски независна и самоодржлива општина во државата. Првиот фотоволтаичен систем е веќе поставен на покривната површина на градинката ‘Раде Јовчевски-Корчагин’ во објектот ‘Пепелашка’ и тој треба да ги задоволи капацитетите за снабдување со електрична енергија и во зимскиот период. Преку основањето на ‘Енергија Центар’ ќе вложуваме и во нови енергетски фасади, поголемо зеленило, инфраструктурни решенија и проекти што ќе бидат од корист на сите граѓаните“, потенцира Герасимовски.
Тој порача дека грижата за најмладите е најважна поради што изминатите две години Општината посветено работеше на инвестиции во образованието.
„Грижата за најмладите е наша најважна работа, затоа инвестиравме и во нови енергетско-ефикасни фасади и реконструкција на покривните површини во градинките ’13 Ноември’, објект ‘Јасмин’ и објект ‘Пинокио’, а во објектот ‘Парк’ ги реконструиравме сите занимални. По 65 години ги проширивме капацитетите на училиштето ‘Коле Неделковски’. Инвестираме во доградба на 4 нови училници за повеќе од 100 ученици. Вложуваме и во инклузивно образование затоа по реконструкцијата, ‘Коле Неделковски’ ќе има и лифт, пристапна рампа и тоалет за учениците со тешкотии во движењето. Обезбедивме сензорни соби во училиштата ‘Киро Глигоров’, ’11 Октомври’, ‘Песталоци’ и во ‘Гоце Делчев’. Ангажиравме и 50 лични асистенти за учениците со посебни образовни потреби. Тие беа ангажирани и за време на летниот распуст за што во овие две години издвоивме 4 милиони и 800 илјади денари. Исто така, набавивме информатичка опрема за сите училишта во вредност од 4 милиони денари, со што вложуваме во дигитализација, подобри услови и квалитетна настава за сите учениците. Општина Центар со сопствени средства во вредност од 2,5 милиона евра ја гради и најголемата, инклузивна и најмодерна градинка „Пролет“, со капацитет за 150 дечиња во 9 занимални“, рече Герасимовски.
Градоначалникот на Центар ги наброи реконструираните детските и спортски игралишта во Капиштец, Славејко Арсов, фудбалското игралиште кај „Кам маркет“ во Дебар Маало, во близина на трговскиот центар „Зебра“, Градски ѕид кај „Коктел бар“ и уште едно кај Зеленото пазарче, како и двете спортски игралишта во дворот на училиштето „Ј. Х. Песталоци“, но не ги изостави ниту проектите за пензионерите.
„Ветеното кон пензионерите целосно е исполнето. За помалку од една година отворени се сите три пензионерски клубови што беа нивно предизборно барање. Општина Центар исто така за пензионерите го спроведува и проектот ‘Нега на стари лица во домашни услови’, со што обезбедува домашна нега од лиценцирани негуватели, физиотерапевти и психолози за 90 корисници. Во соработка со Банката за храна“, Општина Центар секој месец доделува пакети со храна и хигиенски производи за пензионерите со ниски примања. За нашите највозрасни сограѓани обезбедивме и бесплатни стоматолошки услуги“, истакна Герасимовски.
Тој исто така рече дека локалната власт го исполнила предизборното ветување Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ да стане и комунално претпријатие. Притоа потсети на акциите за чистење во Паркот на франкофонијата, Паркот „Капиштец“, „Сквер Јадран“, Паркот на новинарите, поранешен „Технометал – Вардар“, околу Фондот за здравствено осигурување, на Калето, како и дивите депонии на Водно, Крњево, Маџир Маало, Нова железничка, Буњаковец, каналите на Загрепска и Водњанска.
Во изминатите две години Општината реконструира 17 улици, обезбеди резидентни паркинзи, постави нова урбана опрема и столпчиња за регулирање на сообраќајот, нова атмосферска, водоводната и фекалната канализација каде што беше потребно, а развивањето на вело-мрежата беше потврдена со наградата „Највело општина за 2023“.
Оваа година, потенцира Герасимовски, фокусот на Општината бил урбанизмот за што градежните инспектори извршиле 269 вонредни инспекциски контроли, препишале 90 казни за правни лица и 208 казни на физички лица.
Годините во Општината ги одбележаа и проектите во културата и спортот, меѓу кои Детската недела, Маалскиот фестивал и големиот концерт „Нешто што ќе остане“, кој ќе стане новото обележје на Центар. Во спортот, рече Герасимовски, обезбедени се нови спонзори, кои го враќаат тимот на старите победнички патеки.
За крај, Герасимовски порача дека Општината останува посветена на реализирање на ветувања за сите проекти што носат бенефит за граѓаните, ја развиваат општината и го подобруваат животот во Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Скопје
Свечено одбележан патрониот празник на општина Илинден, „Илинден 2 Август“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/DSC_6298.jpg)
Со пригодна свеченост и настап на музички гости беше одбележан патрониот празник на општина Илинден, „Илинден 2 Август“ и национален празник на македонскиот народ.
На централната манифестација, која се одржа во комплексот на Домот на култура ,,Илинден“, пред присутните се обрати градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, кој во своето поздравно обраќање им го честита празникот на сите жители од општина Илинден.
Градоначалникот воедно изрази голема благодарност до граѓаните на општина Илинден за несебичната поддршка, како и на сите други фактори во нашата заедница: здруженијата на граѓани, бизнис-секторот, благодарност и до членовите на Советот на Општина Илинден, вработените во општинската администрација, вработените во општинските претпријатија, просветните работници од нашите јавни установи, кои даваат особен придонес во развојот на нашата убава општина.
„Токму оваа поддршка ни дава голем поттк за да продолжиме да се развиваме во вистински правец и со уште посилно темпо да создаваме нови проекти, кои ќе значат подобри услови и, генерално, ќе го подобрат животот во Илинден. Успехот на општествата денес зависи од способноста на локалните самоуправи да се приспособуваат на брзите промени во светот и од способноста да ја зајакнат сопствената конкурентност. Во изминатите три години успеавме да покажеме дека Општина Илинден со тоа одлично се справи, а за тоа говорат многуте реализирани проекти и активности во сите области од општественото живеење, како што се комуналната и патната инфраструктура, заштитата на животната средина, образованието и младите, здравството, економијата, спортот, културата и сите други области“, изјави градоначалникот Георгиевски.
На настанот присуствуваа голем број граѓани од општината и пошироко, кои уживаа слушајќи ги познатите хитови на Андријана Јаневска и Александар Тарабунов, како и преубавиот настап на хорот на Здружението на пензионерите „Илинден“.
Скопје
Делегација од Кисела Вода предводена од градоначалникот Ѓорѓиевски положи цвеќе пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотресот во Скопје
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/02-1-1.jpg)
Делегација од Општина Кисела Вода предводена од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес положи свежо цвеќе пред Споменикот на жртвите од земјотресот во Скопје во 1963 година, на гробиштата во Бутел.
– Секој 26 јули, стоиме заедно, со мисли и срца полни со почит и незаборав кон оние кои ги загубивме во катастрофалниот земјотрес што го погоди нашиот главен град пред точно 61 година. Овој споменик не само што го чува споменот за жртвите, туку и не потсетува на силата и издржливоста на нашиот град и на сите негови граѓани. По катастрофата, Скопје повторно се изгради, а ние, како општество, покажавме дека можеме да се издигнеме од пепелта и да продолжиме напред со обновена енергија и решителност.
Денес, додека положуваме цвеќе пред овој споменик, ветуваме дека ќе продолжиме да се сеќаваме на нашите загинати сограѓани. Нивната жртва нема да биде заборавена, а нашата обврска е да направиме се што е во наша моќ вакви трагедии никогаш да не се повторат. Работиме на зголемување на безбедноста и подготвеноста на нашиот град, за да обезбедиме иднината на следните генерации. Нека овој ден биде потсетник за нашата заедничка одговорност и нека не обедини во нашата цел да создадеме побезбедна и посигурна иднина за сите нас-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски
Скопје
Отворен спортско-рекреативен центaр на Теферич во чест на момчето за кое прерано згасна животот, Александар Ивановски
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/02.jpg)
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски синоќа заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, го отвори спортскиот центар во Теферич, Припор, кое го носи името на момчето за кое прерано згасна животот, Александар Ивановски. Во негова чест, настанот започна со едноминутно молчење. Новиот спортско-рекреативен центар се протега на околу 800 квадратни метри. Со градежниот зафат, тој доби ново осветлување, детско катче и урбана опрема, фудбалско игралиште со вештачка трева, а обезбедени се и паркинг места. Припор не смее да биде заборавено место како што било во минатото, истакна во своето обраќање градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој додаде дека наскоро започнува рекострукција на игралиштето во ПОУ “Круме Кепески” и дека во моментот активно се работи на обнова на улиците во ова населено место.
–Александар Ивановски, ова малечок е во твоја чест! Денес, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски го отворивме спортскиот центар во Теферич, Припор, кое име го носи на момчето за кое прерано згасна животот, Александар Ивановски. Младо момче, наш сограѓанин и другар, ученик и син за кого животот само што требаше да започне…Нека ти е вечна слава! Твојот спомен засекогаш ќе остане врежан во нашите срца! Обично ваквите настани ги започнуваме со аплауз, но сега, оддаваме почит со едно минутно молчење. Во негова чест.
Почитувани, Припор, како што знаете, е едно од местата кое беше заборавено од моите претходници, но тој третман останува таму, во минатото. Ние, во изминатиот период се потрудивме и сѐ уште силно работиме на рамномерен развој како за Припор, така и за останатите населби. Поддршката од припорчани сум ја имал секогаш и затоа го давам својот максимум да ги исполнам очекувањата и барања на мојот народ. Така е и со овој спортски центар во Теферич, кој доби ново осветлување, детско катче и урбана опрема, вештачка трева за фудбалското игралиште, како и паркинг места. Така ќе биде и со игралиштето во подрачното училиште каде што никој шајка нема заковано со години, игралиште на кое му е потребна реконструкција и таму започнуваме со работа. Моментално работиме и на реконструкција на повеќе улици овде во Припор и се трудам максимално да одговорам на сите ваши потреби за кои во минатото никој немал слух. Заедно со вас, во иднина ќе направиме уште повеќе. Го имате мојот збор.
Нека е аирлија, а јас и понатаму ќе продолжам со работа и само работа за поквалитетен живот на мојот народ-изјави градоачалникот Орце Ѓорѓиевски.