Скопје
Герасимовски: За убави маалски дружби нов сквер пред платото на Општина Центар

„За убави маалски дружби“, Општина Центар доби нов сквер како донација од Стопанска банка – АД Скопје. Скверот е пред платото на Општина Центар на аголот од улицата „Михаил Цоков“ и улицата „Орце Николов“ и вклучува футуристичка инсталација т.н. „урбан атрактор“. Оваа урбана инсталација на платформи со неправилни облици, клупи, декоративно зеленило и паркинг за велосипеди се протега на површина од 56 метри квадратни. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и претставници од Стопанска банка го отворија новиот сквер порачувајќи дека ова катче ќе го оживее просторот и ќе биде ново збирно место за одмор и дружба.
„Ме радува што Дебар Маало добива нов сквер каде граѓаните и останатите минувачи ќе може да одморат. Овде има и паркинзи за велосипеди, па е одлично место за мала пауза од возењето или додека ги завршуваат обврските во околината. Слоганот „За убави маалски дружби“ доволно кажува дека скверот е ново место за дружење и социјализација и во вечерните часови, бидејќи ќе биде осветлен. Се надевам дека граѓаните и младите ќе го чуваат, со цел да го имаме и користиме сите ние подолго време“, вели Герасимовски.
Маалските дружби ја негуваат поврзаноста меѓу домот и соседите рекоа од Стопанска банка. Токму ова е и инспирација за нивната донација.
„Маалото е институција која треба да се негува, а маалските дружби играат голема улога за поголема приврзаност со домот и со соседите. Инспирацијата за оваа невообичаена урбана скулптура и сквер доаѓа од нашата традиција, веќе 80 години заедно да ја испишуваме најубавата приказна – ДОМА. Благодарни сме на Општина Центар за остварената соработка со нашиот тим како и на архитектонското студио за ова впечатливо здание“, изјави Бојан Стојаноски, Генерален директор за управување со ризици и Член на управниот одбор при Стопанска банка АД – Скопје.
„Општина Центар ќе продолжи да ги негува позитивните соработки со општествено одговорните компании и ќе работи на нови естетски уредувања и нови проекти за граѓаните. Воедно општината упатува благодарност за донацијата која е навистина ново футуристичко урбано издание кое го збогатува Центар“, велат од Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска делови од Центар, Гази Баба, Бутел и Ѓорче Петров

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Питу Гули од бр. 4 до бр. 20. (општина Центар)
– во периодот од 08.00 до 14.00 часот, корисниците од село Стајковци. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од ул. Рокомија. (општина Бутел)
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од улиците Ибе Паликуќа и Воин Драшковиќ. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Дел од Центар денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради уличен дефект од ф – 80 мм на улицата Пиринска бр. 45 без вода ќе останат дел од корисниците од улиците Ленинова и Чедомир Миндеровиќ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Костовски: Нов модерен затворен базен во Бутел

Актуелниот градоначалник на Бутел и кандидат на локалните избори од ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски им најави на граѓаните на Општината дека ќе добијат уште еден затворен базен во Бутел 1.
„Покрај затворениот базен кој се гради во дворот на ООУ „Ацо Шопов”, уште еден ќе се изради во дворот на ООУ „Св. Климент Охридски”.
Овој објект ќе биде симбол на она што претставува здрав живот за нашите деца.
Од моментот кога станав градоначалник на општина Бутел ветив дека грижата за нашите деца ќе биде мојот фокус.
На мое задоволство, покажавме дека со ефикасна работа и јасна визија можеме да го забрзаме развојот на спортската инфраструктура во нашата општина.
Пливањето како спорт има огромно значење за здравјето и развојот на младите генерации.
Со ова овозможуваме не само услови за развој на спортски таленти, туку и простор за рекреација и здрав живот за сите жители на општината.
Со силна динамика и посветеност ќе продолжиме да ги создаваме потребните услови за подобар живот и развој на граѓаните на општина Бутел“, вели Костовски.