Скопје
Герасимовски: Првачиња, вашите успеси се и наши успеси, вие сте нашата гордост и иднина

Радост, возбуденост и детска смеа во Паркот на франкофонијата. Првачињата, во рамките на Детската недела, денеска положија заклетва за прием во Светската детска организација. Во еден глас, сложно, ветија дека ќе бидат вредни и успешни ученици и дека ќе ги почитуваат наставниците. На свеченоста, што ја организира Општина Центар, првачињата ги поздрави и им упати честитки градоначалникот Горан Герасимовски.
„Драги првачиња, чест ми е што сум денеска овде со вас, на овој свечен ден кога со заклетва станувате дел од Детската организација, најголемото светско семејство, во кое рамноправно членуваат дечиња од сите светски меридијани, без разлика на бојата на кожата, без разлика на кој јазик зборуваат и со какво писмо пишуваат. Но, вие сигурно знаете дека оваа заклетва не е мала работа. Ветувањата што ги давате мора да ги исполните. Тоа значи дека треба да бидете вредни и дека треба да ги почитувате наставниците и тогаш петките сами ќе си дојдат! А ние возрасните ви ветуваме дека ќе ви обезбедиме среќно детство и квалитетно образованите бидејќи вие сте нашата гордост, богатство и иднина. Затоа правиме сè за да ги подобриме условите во кои учите, растете и се развивате. Вашите успеси се и наши успеси“, порача Герасимовски.
Градоначалникот Герасимовски на првоодделенците уште еднаш им посака успех во учењето, но и ги потсети дека сè уште се само деца и да не ги заборават дружењето и игрите.
Свеченоста ја збогатија и хористите од училиштата „Кочо Рацин“ и „Коле Неделковски“ со изведбите на „Ода на радоста“ и државната химна. На голема радост на децата театарот ХИТ од Скопје ја изведе детската комедија „Разгалениот принц“, велат од Општината.
Општина Центар обезбеди и пригодни подароци со дидактички материјали за првачињата. Приемот на учениците од првите одделенија во Детската организација традиционално се случува во рамките на неделата посветена на децата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Аеродром станува првата смарт-општина во Македонија – објавен повикот за избор на стратешки партнер

Општина Аеродром го објави повикот на избор на стратешки партнер кој преку јавно приватно партнерство треба да го реализира проектот „Смарт Аеродром“. Проект, кој претставува сеопфатен напор за беспрекорно интегрирање на напредните технологии во нашата општина, во насока на подобрување на различните аспекти на секојдневното живеење. Трошоците за реализација на проектот во целост ќе ги има приватната компанија, а Општина Аеродром освен што нема да има финансиски импликации за истиот, ќе оствари и заштеда на електрична енергија, а со тоа и заштеда на средства.
„Паметни светилки на територијата на целата општина кои треба да го решат проблемот со осветлувањето во Аеродром и да влијаат на заштедата на електрична енергија, електрични тротинети и велосипеди кои ќе ја зголемат мобилноста на граѓаните, а со тоа и кон намалување на загадувањето, дигитални дисплеи преку кои граѓаните ќе се информираат за работата на општината, бесплатни зони за интернет и полначи за електрични автомобили се само дел од придобивките за граѓаните на Аеродром кои ги предвидува проектот „Смарт Аеродром. Освен тоа, тој ќе влијае и на остварување на стратешките приоритети преку подигнување на безбедноста и сигурноста на граѓаните, придонес за почиста и позелена општина и директното влијание кое „Смарт Аеродром“ ќе го има на квалитетот на живеењето во општината“, велат од Општина Аеродром и додаваат:
„Проектот „Смарт Аеродром“ претставува реализација на ветување дадено во изборната програма и истиот е значаен исчекор напред за граѓаните и нашата општина, покажувајќи ја решеноста за прифаќање на новите технологии и воведување одржливи практики во насока на подигнување на квалитетот на живеење. Со имплементирање на овие иновативни решенија, го отвораме патот за посветла иднина во Аеродром – иднина каде технологијата, одржливоста и поврзувањето се спојуваат во еден проект кој пред се ќе донесе низа бенефити за граѓаните, а потоа ќе донесе технолошки напредна општина со која сите ќе се гордееме. „Смарт Аеродром“ е проект кој е важен технолошки исчекор напред, проект во чии рамки се пресретнуваат технологија и одржливоста, за првпат во Македонија, токму во општината Аеродром“
Скопје
Градски паркинг-Скопје утре нема да наплаќа за паркирање во зоните А, Б, Ц и Д

ЈП Градски паркинг-Скопје извести дека утре, на празникот Свети Климент Охридски, нема да се наплаќа зонско паркирање на јавните површини со кои стопанисува ова јавно претпријатие односно на зоните А, Б, Ц и Д.
Редовна наплата ќе се врши на следните паркиралишта:
– Зона А0- Водно,
– Катни гаражи: „Беко“ и „26ти Јули“ и
– Јавните паркиралишта: Кочо Рацин, Треска, Градска Болница, Нова Македонија, АМСМ, Народен фронт и клинички центар Мајка Тереза.
Скопје
Утре автобусите ќе возат по неделен возен ред

ЈСП Скопје извести дека утре, поради државниот празник Св.Климент Охридски, автобусите ќе возат по неделен возен ред.
Дежурна ќе биде билетарницата на Транспортен центар и ќе работи од 6 до 13 часот.
Жичарницата ќе работи од 10 до 17 часот.