Скопје
Герасимовски: 150 семејства со новороденче добија по 7.000 денари еднократна парична помош

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска додели 150 решенија за еднократна парична помош за новороденчиња во износ од 7.000 денари. Приновата во семејствата е најдрагоцениот дар и најголемата љубов. За да запознае дел од најмалите жители на Центар, градоначалникот Герасимовски ги покани во општината каде што лично им ги врачи решенијата за принова.
„Новите членови на семејството носат најголема среќа, безброј насмевки и милувања, но и големи предизвици. Се надевам дека оваа наша помош ќе покрие дел од семејниот буџет кој во овој период има дополнителни трошоци. Ова се најсреќни мигови во вашиот живот, уживајте, посветете се, затоа што најважната грижа е грижата за семејството и тоа да биде здраво и среќно. Општина Центар непрекинато ќе работи да им обезбеди безгрижно и исполнето детство“, порача Герасимовски.
Покрај еднократната парична помош, семејствата на новите жители на општината добија и пакет производи од компаниите Европа Лек Фарма и Веледа, како и педијатриски услуги од Клиничката болница „Жан Митрев“.
Општина Центар редовно доделува еднократна парична помош за новите родители во рамки на проектите од областа на детската заштита и грижата за најмладите жители на Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска делови од Центар, Гази Баба, Бутел и Ѓорче Петров

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Питу Гули од бр. 4 до бр. 20. (општина Центар)
– во периодот од 08.00 до 14.00 часот, корисниците од село Стајковци. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од ул. Рокомија. (општина Бутел)
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од улиците Ибе Паликуќа и Воин Драшковиќ. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Дел од Центар денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради уличен дефект од ф – 80 мм на улицата Пиринска бр. 45 без вода ќе останат дел од корисниците од улиците Ленинова и Чедомир Миндеровиќ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Костовски: Нов модерен затворен базен во Бутел

Актуелниот градоначалник на Бутел и кандидат на локалните избори од ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски им најави на граѓаните на Општината дека ќе добијат уште еден затворен базен во Бутел 1.
„Покрај затворениот базен кој се гради во дворот на ООУ „Ацо Шопов”, уште еден ќе се изради во дворот на ООУ „Св. Климент Охридски”.
Овој објект ќе биде симбол на она што претставува здрав живот за нашите деца.
Од моментот кога станав градоначалник на општина Бутел ветив дека грижата за нашите деца ќе биде мојот фокус.
На мое задоволство, покажавме дека со ефикасна работа и јасна визија можеме да го забрзаме развојот на спортската инфраструктура во нашата општина.
Пливањето како спорт има огромно значење за здравјето и развојот на младите генерации.
Со ова овозможуваме не само услови за развој на спортски таленти, туку и простор за рекреација и здрав живот за сите жители на општината.
Со силна динамика и посветеност ќе продолжиме да ги создаваме потребните услови за подобар живот и развој на граѓаните на општина Бутел“, вели Костовски.