Скопје
Есенски садници за Денот на Општина Карпош
Во рамките на Денови на Општина Карпош, денеска ,градоначалникот Стевчо Јакимовски, заедно со делегациите од збратимените општини, засадија 12 висококвалитетни листопадни и зимзелени дрвја на улицата Бледски договор.
Општина Карпош како одговорен општествен субјект и оваа година придонесе за зазеленување на јавните површини, велат од таму. „Двапати годишно Општина Карпош издвојува сума од 1.400.000 денари за зазеленување и обновување на зелените површини со цел да се постигне здрава и чиста животна средина. Буџетот кој е издвоен за есенското садење изнесува 1.000.000 денари и набавени и засадени се 448 садници на територија на општина Карпош, од кои:
– црвен јавор 50, каталпа 25 садници, обичен јавор 158 садници, дрво фотонија 20 садници, туја смарагд 20, црвена слива 10 садници, туја пликата 50 садници, јапонска мушмула 5 садници, цветен пепел 20 садници, црвен костен 10 садници, див костен 15 садници, црвена гума 15 садници, јапонска цреша 10 садници, јапонска хризантема 20 садници и кипарис со три топки“.
Првиот човек на општината, Јакимовски, истакна дека е важно да се садат што повеќе дрвја за да може да се заштити животната средина.
„Задоволство ми е што заедно со збратимените градови засадивме 12 дрвца на целосно реконструираната улица Бледски договор. Инаку, во акцијата за есенско садење имаме над 450 нови садници. Секое дрвце што е насадено има заштитна ограда, со плочка на збратимени градови што нивните градоначалници или претставници од нивните општини го засадуваат. Би сакал да апелирам до граѓаните да се грижат за зелените површини бидејќи тоа ни е од особена важност за секој од нас, за чиста околина“, заврши Јакимовски.
Во пролетното садење од буџетот потрошени се 400.000 денари, од кои набавени се 116 садници, со кои е збогатена јавната зелена површина во општината. Дополнително, Советот на Општина Карпош на една од седниците одвои сума во износ од 1.000.000 денари за обновување тревни површини и нискогрмушести растенија. Општина Карпош е локална самоуправа која е посветена на создавање нови зелени површини бидејќи вложувањето во животната средина е трајна придобивка за сите сегашни и идни генерации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Поставени сите уреди за мерење бучава – инспекциските служби вршат контроли на 30 локации во Центар
Општина Центар ја заврши првата фаза од воспоставувањето систем за мониторинг на бучавата во јавниот простор со поставување на вкупно 30 уреди за мерење на бучава на повеќе фреквентни локации низ општината.
Уредите се поставени на улиците: „Народен фронт“, „Наум Наумовски Борче“, „Орце Николов“, „Михаил Цоков“, „Славка Недиќ“, „Живко Чинго“, „Радњанска“, Бул. „Климент Охридски“, „Ленинова“, „Самоилова“, „Отон Жупанчиќ“, „Мирослав Крлежа“, „Ѓорѓи Пешков“, „Пиринска“, „Јордан Мијалков“, како и на Кеј „13-ти Ноември“.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека уредите се наменети исклучиво за индикативни мерења и претставуваат значајна алатка за поддршка на инспекциските служби.

„Овие мерни единици не препознаваат гласови, туку ја мерат амбиенталната бучава во децибели и фреквенцијата на звукот. Со тоа овозможуваме побрза и поефикасна реакција на инспекциските служби и подобра заштита на јавниот ред и мир“, изјави Герасимовски.
Од општина Центар информираат дека податоците добиени од уредите за мерење на бучавата, служат како индикатор за дополнителна теренска контрола, а врз основа на нив не се покренуваат прекршочни постапки.
Инспекцијата за животна средина постапува согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, при што санкции се изрекуваат исклучиво врз основа на официјални мерења извршени од акредитирана лабораторија.

Согласно член 56 од Законот, прекршочните санкции се утврдуваат според големината на правниот субјект и изнесуваат од 6.000 до 7.000 евра за микро, од 13.000 до 14.000 евра за мали и од 37.000 до 41.000 евра за средни правни субјекти.
Уредите се користат со посебен фокус на бучавата која потекнува од угостителски објекти и сообраќајот, со цел унапредување на квалитетот на живот и заштита на јавниот мир на граѓаните во Центар, соопштуваат од Општината.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.

