Скопје
Избран стратешки партнер за имплементација на проектот „Смарт Аеродром“ преку јавно-приватно партнерство

Паметните светилки, бесплатниот интернет и изнајмувањето велосипеди и тротинети, односно ветувањата и заложбите за попаметна општина стануваат реалност и тоа за прв пат во Аеродром. Општината Аеродром преку повик за јавно – приватно партнерство ја избра компанијата „Кресцент-смартсити дооел Скопје“ која во следниот период има обврска да го спроведе проектот „Смарт Аеродром“. Станува збор за конзорциум составен од успешни, домашни и меѓународни компании, велат од општината.
Советот на Општина Аеродром на вчерашната седница донесе одлука за прифаќање на предлогот за воспоставување јавно-приватно партнерство во чии рамки целата почетна инвестиција за реализација на проектот е на товар на компанијата – партнер во проектот.
Согласно, договорот за воспоставување јавно приватно партнерство, приватната компанија има обврска да имплементира смарт (штедливо) осветлување на територијата на целата општина што сериозно ќе влијае на заштедата на средства за електрична енергија и ќе биде одговор на зачестените забелешки за постоечкиот систем за осветлување кој е застарен и нефункционален. Дополнително, се предвидува компанијата да постави информативни и комерцијални дигитални дисплеи или т.н. тотеми кои општината ќе има право да ги користи за информирање на граѓаните; да нуди ефикасни услуги за изнајмување електрични велосипеди и електрични тротинети кои ќе може да ги користат граѓаните, да постави полначи за електрични автомобили на локации во Аеродром и на да формира т.н. хотспот точки со бесплатен безжичен интернет, соопшти општина Аеродром.
„Смарт Аеродром“ е важен технолошки исчекор напред, проект во чии рамки се пресретнуваат технологија и одржливоста, а се реализира за првпат во Македонија, токму во општината Аеродром. Станува збор за проект за кој освен што нема да има никакви директни трошоци за негова реализација, туку и преку намалување на потрошувачката на електрична енергија, сериозно ќе ги намали трошоците и ќе оствари заштеда на средства од буџетот.
Со имплементацијата на проектот, Општина Аеродром ќе стане технолошки лидер во државата, првата високотехнолошка и паметна општина, како и вистински пример на локална самоуправа која поддржува иновации и промовира одржливост, се додава во соопштението на општина Аеродром.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Посебен сообраќаен режим в недела поради трка во Скопје

В недела во организација на Здружение за спорт и рекреација „Прв до врв – Скопје“, ќе се одржи тринаесеттото издание на традиционалниот спортско рекреативен настан насловен како „Прв до врв“, со почеток во 09:45 часот.
Траса на движење на велосипедската трка: почеток од пред Музеј на град Скопје – ул.„Св. Кирил и Методиј“, лево по бул.„Св. Климент Охридски“, во продолжение право по бул.„Мајка Тереза“, лево по ул.„Тодор Александров“, во продолжение по локален пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски Крст“) и траса на движење на планинарите со почеток во 10:00 часот од пред О.У.„Кочо Рацин“ на бул.„Мајка Тереза“, право по ул.„Тодор Александров“ и кај ул.„Салвадор Аљенде“ десно по планинската патека кон Средно Водно, од Средно Водно кон Врв на Водно („Милениумски крст“) во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
Герасимовски на средба со центарци: Реконструирани 20 улици, подобрени условите во сите основни училишта и градинки

Градоначалникот Горан Герасимовски, директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Душко Коцевски и вработени од општина Центар, вчера се сретнаа со жители на Центар кај плочникот кај Агромеханика кадешто заеднички дискутираа за проектите што се имплементираат за развој на Центар и се отворија сите важни прашања – од собирањето на млади на игралиштата и нарушувањето на јавниот ред, сѐ до проблемот со паркирањето, зеленила и оштетени површини.
Герасимовски, потенцираше дека во изминатиот период се реконструирани 20 улици, а до крајот на месец мај треба да биде готова и реконструкцијата на улицата „Дебарца“ којашто во моментов се работи со полна пареа.
„Покрај подобрувањето на безбедноста и условите за движење, ги унапредивме и условите во сите основни училишта и градинки, а пред една недела ја пуштивме во употреба и ново изградената градинка „Пролет“. Ја подигнавме хигиената на повисоко ниво и покрај предизвиците со Комунална хигиена и Град Скопје. Во однос на осветлувањето, веќе поставивме ново осветлување, а детското игралиште е неколку пати санирано и реконструирано, затоа е многу важно заеднички да го чуваме. Да се грижиме за јавното добро“, истакнува Герасимовски.
На средбата, се отвори темата и за протекување во подземните гаражи, но и за потребата од санација на фасадите, теми што бараат итна интервенција, извести општина Центар.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Улицата Дебарца готова до крајот на месецот, се работи со полна пареа

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во градежните активности за реконструкција на улицата „Дебарца“, каде се работи со засилена динамика.
Во оваа фаза се врши гребење на старата и дотраена асфалтна подлога во должина од 240 метри, по што ќе следи поставување на нов асфалт. Завршена е и реконструкцијата на тротоарот со поставување нов бекатон, на површина од 900 квадратни метри, а поставени се и нови рабници од двете страни на улицата, извести Општината.
„Во моментов сме на терен, каде интензивно се изведува реконструкција на улицата ,,Дебарца”. Очекуваме работите целосно да завршат до крајот на месецот, согласно планираната динамика”, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Aктивностите се дел од пошироката реконструкција на улицата „Дебарца“, на потегот од улицата „Ленинова“ до студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“. Станува збор за целосна санација на коловозната површина од 1.700 квадратни метри.
Овој дел од улицата беше во многу лоша состојба, со сериозни оштетувања кои го отежнуваа нормалното одвивање на сообраќајот, соопшти Општината.
„Со реконструкцијата, ја подобруваме безбедноста и условите за движење, но даваме и нов, поуреден изглед на просторот“, посочи Герасимовски.
Оваа интервенција се реализира во рамки на инвестиција вредна 40 милиони денари, обезбедена од претходната Влада, со намена за обнова на улиците „Светозар Марковиќ“ и „Дебарца“, додаваат од општина Центар.