Македонија
Има камери: Директорот на ЗОО не кажува зошто се сомневаат дека коњите се отруени, поранешниот уверен дека човек им пресудил

Директорот на скопската Зоолошка градина, Зоран Попов, се брани со молчење, а јавноста чека одговори како пцовисале трите коњи, кои се редок и скап вид. Во исто време, неговиот претходник Ѓорѓи Галетановски, за „Макфакс“ посочува дека камерите во Зоолошката може да го дадат одговорот кој ги отрул коњите. За случајот се дозна од полицијата, каде што е пријавено можно труење. Обдукцијата сѐ уште не е завршена.
„Макфакс“ стапи во контакт со Попов, кого, меѓу другото, го прашавме зошто има сомневања дека коњите се отруени. Наместо одговори за јавноста, тој продолжи со игнорантскиот однос што го имаше и претходно. Останува нејасно и кој е вработениот што го пријавил случајот во полиција, како и кои биле неговите мотиви.
Галетановски, кој речиси четири години раководеше со Зоолошката градина, за „Макфакс“ вели дека станувало збор за здрави животни. Тој посочува дека биле атракција. Дециден е дека во Зоолошката градина има камери на секој чекор, па може да дадат одговори на многу прашања.
„Дознав од порталите. Навистина тажно и голема штета. Во минатото ги донирал национален парк од Австрија. Особено боли фактот што беа атракција и се ретка раса и во Европа и во светот, како и дека се навистина заштитени. Беа диви, многу здрави. Таа раса е нескротлива. Тврдам дека се отруени. Не може три коњи, да угинат за 24 часа. Внатре има камери во целата Зоолошка градина, што ги поставивме во мојот мандат“, вели Галетановски за „Макфакс“.
Вкупно три коњи од расата пржевалскиев коњ – пцовисаа. Тие во скопската Зоолошка градина биле донација од национален парк од Австрија, а до неодамна важеле за изумрен вид во дивината и нивната вредност е голема.
Скопје ги загуби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.