Скопје
Кисела Вода субвенционира печки на пелети, материјали за реконструкција на фасади на станбени згради и поправка на лифтови, наскоро субвенции и за пелети и огревно дрво
И оваа година Општина Кисела Вода излегува со сет мерки за финансиска поддршка на своите жители. Денес се објавени јавни повици за субвенционирање на набавка на печки за пелети, за кофинансирање при набавка на термоизолациони материјали за реконструкција на фасади на станбени згради, како и за поправка и санација на постоечки лифтови во станбени згради на подрачјето на општината. Во наредните месеци, ќе бидат објавени јавни повици и за субвенционирање на набавка на пелети и за огревно дрво, за што нашите граѓани ќе бидат дополнително информирани.
Сите критериуми и услови за учество се достапни на веб страницата на Општина Кисела Вода, а принципот врз кој ќе се врши селекција ќе биде по критериумот прв дојден-прв услужен.
Конкретно, за субвенцијата за набавка на термоизолациони материјали за реконструкција на фасади на станбени згради за колективно домување на територија на Општина Кисела Вода, можат да аплицираат заeдниците на сопственици или Управители на станбени згради за колективното домување чии станбени згради се изградени пред 2010 година. Јавниот повик ќе трае 60 дена од датумот на објавување, а локалната самоуправа финансиски учествува со парични средства во висина од 60% од вредноста.
За ова ќе треба да се достaви доказ, заедно со нотарски заверена изјава дека набавените материјали наведени во испратницата и предмерот на количини во целост ќе бидат наменети и вградени во соодветната станбена зграда за која се однесува барањето, во рок од 1 година од датумот на Решението за субвенционирање и финансиска поддршка донесено од страна на Градоначалникот на Општина Кисела Вода и дека ќе биде потпишан Договор. Ќе треба да се достави фискална сметка во ОРИГИНАЛНА ФОРМА или банкарска сметка за уплата на фактура заедно со испратница со детален материјален опис на материјалите.
Многу повеќе информации има на следниот линк.
Во поглед на финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки лифтови во станбени згради, Општина Кисела Вода ќе учествува со средства во износ од 30% од вредноста, но не повеќe од 200.000,00 денари. Право на учество имаат сите влезови поединечно кои имаат регистрирано заедница на сопственици на станови или имаат избрано управител на станбените згради и кои во потребната документација ќе достават и Одлука за поправка и санација на постоечкиот лифт/ови потпишана од мнозинството сопственици на посебни делови на станбената зграда, понуда од економски оператор со детален опис по позиции, како и одлука или изјава со која се потврдува дека ќе се обезбедат 70% од потребните средства за поправка и санација на лифт/ови на нивната станбена зграда. Јавниот повик ќе трае до исцрпување на предвидените средства за оваа намена, а најдоцна до 31.10.2024 година, а сите критериуми и услови се достапни на следниот линк.
Субвенционирањето на набавка на печки за пелети, од страна на Општина Кисела Вода ќе биде во износ од 50% од вредноста, но не повеќe од 20.000,00 денари со вклучен персонален данок на доход. За аплицирање ќе биде потребна изјава заверена на нотар дека се работи за индивидуален станбен објект кој не е поврзан на градско парно и за кои нема искористени субвенции за набавка на печка на пелети или инвертор од било кој извор во државата, како и доказ дека е извршено купувањето на печка на пелети, од 01.01.2024 година до завршување на јавниот оглас согласно Правилникот, со приложување на фискална сметка или фактура и извод од деловна банка за извршена уплата во ОРИГИНАЛНА форма. Во оригинална форма ќе се бараат фискалните сметки за сите потребни горенаведени трансакции за кои ќе се аплицира за субвенции, вклучително и за финансиската помош за пелетите и огревното дрво, за кои ќе се распишат јавните повици во наредниот период.
Согласно Програмата за локален економски развој на Општина Кисела Вода за 2024 година, вкупниот износ за овие три субвенции што ги обезбеди локалната самоуправа изнесува 2.100.000,00 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Ѓорѓиевски: По четири децении, нов асфалт на краците 1, 7, 9 и 11 од улицата ,Христо Татарчев
Се реконструираат краците на улицата „Христо Татарчев“ во Кисела Вода.
Според она што го изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, се работи за улици кои не биле реконтруирани четири децении. Реконструкцијата на овој дел од општината опфаќа 3500м2 површина, а обновата на целата патна инфраструктура продолжува и понатаму.
– Она за кое со доаѓањето на градоначалничката функција дадов збор пред мојот народ, а тоа е дека до крајот на мандатот нема да има неасфалтирани улици во Кисела Вода, се остварува според утврдениот план. Се работи за реконструкција улицата „Христо Татарчев“ со вкупна површина од 3500 метри квадратни, односно краците 1, 7, 9 и 11 кои со децении биле заборавени од минатите локални власти.
Реконструкцијата на целата патна инфраструктура во Кисела Вода беше голем предизвик. И денес, со гордост можам да кажам дека направивме повеќе од предвиденото, си поставивме цел и докажавме дека со многу труд, посветеност и желба за работа се стигнува до целта.
Нашата цел е населбите во општината да бидат модерни и да ги нудат сите потребни услови за живеење“, истакна Ѓорѓиевски.
Скопје
Герасимовски: Пријавете дупка на улица во вашето маало
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повика граѓаните да пријавуваат дупки на улиците со цел истите да бидат санирани.
Граѓаните, како што објави општината, тоа може да го направат преку пријавување на телефонскиот број 076381673 секој работен ден од 8 до 16 часот.
„Верувам дека овој начин на комуникација ќе донесе поголеми и побрзи резултати за граѓаните. Ние досега реконструиравме 17 улици, во моментов се работи на две тоа се улиците Елисие Поповски и Блаже Тодоровски и следуваат уште неколку за реконструкција. Но доколку станува збор за одредена дупка ги повикувам граѓаните да се јават на телефонскиот број, да ни остават точна локација и нашите службеници ќе ја пополнат,“ истакнува Герасимовски.
Општина Центар, како што е истакнато во соопштението, ќе продолжи да работи на редовно одржување на улиците со цел безбедно движење на граѓаните, велосипедите и автомобилите.
Скопје
„Комунална хигиена“ – Скопје отстрани диви депонии на пластичарската улица и во населбата Топанско Поле
Во текот на минатата ноќ, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираа активности за отстранување обемна дива депонија лоцирана на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), на аголот со улицата Максут Садик, во непосредна близина на Амбасадата на САД.
Воедно, интервенирано е и на булеварот Македонско-косовска бригада во населбата Топаана, каде што е извршено расчистување на повеќе помали диви депонии.
Посочените локации претставуваат „црни точки“ каде што веќе подолг период е забележано континуирано одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини. Во рамките на активностите се подигнати и транспортирани приближно 30 кубни метри непрописно одложен отпад на јавни и на сообраќајни површини, информираше ЈП Комунална хигиена-Скопје.