Скопје
Османи: Чаир ќе стане центар на технологија, култура и младински идеи

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на средба со младите од општината ја претстави својата визија за „Новиот Чаир“, посветена на урбана преродба и создавање општина на иднината.
„Не можете да дизајнирате визија за Чаир без да ги вклучите младите кои сочинуваат речиси половина од населението. Тие се нашата најголема сила и највреден капитал“, истакна Османи.
Во рамки на својата програма, тој најави изградба на мултифункционален центар на плоштадот „Скендербег“, кој ќе вклучува дигитална и иновациска лабораторија, современа библиотека и културен центар за младинските уметнички и музички групи.
Според него, овој комплекс ќе биде „срцето на визијата за Новиот Чаир и симбол на урбаната преродба на општината“.
Програмата предвидува и општински стипендии за најдобрите студенти, создавање Фонд за иновации, како и Младински совет на Чаир, кој ќе управува со 5% од општинскиот буџет. Преку проектот „Таленти на Чаир“ најдобрите студенти ќе добијат можност за директно вработување во општинската администрација.
Османи вети и подобрување на јавните простори преку реновирање на парковите, воведување бесплатен интернет во јавните зони и организирање бесплатни обуки за дигитални вештини, програмирање и користење вештачка интелигенција.
„Чаир сакаме да го претвориме во центар на технологијата. Ако половина од жителите се млади, тогаш мораме да го искористиме овој капитал и да изградиме општина на иднината“, порача Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Комунална хигиена мора да се освести ни се спрема катастрофа, вели Герасимовски

Градоначалникот Горан Герасимовски, во изјава за медиуми пред почетокот на средбата со претставниците на ЗЕЛС за хаосот со сметот во Општина Центар, но и на територија на градот Скопје потенцираше дека мора да се најде итно решение за овој проблем кој веќе ги помина сите граници на нормално живеење.
„Изминатите пет дена немаше воопшто ниту еден камион од комуналното претпријатие на територија на Општина Центар. Ние имаме дополнително изнајмена механизација, нашите хигиеничари работат во две смени за отстранување на сметот од улиците. За жал, и тоа не е доволно, искрено не е доволно. Гледаме што секојдневно се случува, немаме ингеренции да го отстрануваме сметот од самите контејнери, немаме ни таква механизација, туку го отстрануваме само сметот покрај самите контејнери. И тоа не е доволно. Дополнително, имаме кучиња скитници кои го разнесуваат целото ѓубре по улиците и ни прави дополнителен проблем на нашите хигиеничари. Но, даваме се од себе да го подигнеме нивото на хигиена на повисоко ниво. Верувам дека јавното претпријатие ќе се свести и дека во наредните денови ќе се појави низ Општина Центар и другите општини за да го тргне сметот од улиците“, рече Герасимовски.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во центарот на Скопје

Утре во 10:00 часот поради одржување на атлетска трка во централното градско подрачје на Скопје, со траса на движење од паркот „Жена борец“ преку Камени мост, ул. „Иљо Војвода“, тротоарот на мостот „Гоце Делчев“ и по кејот на реката Вардар и обратно, за сообраќај ќе биде затворена ул.„Иљо Војвода“, пешачките површини и делот од кејот по кој ќе се движат учесниците во трката.
Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
(Фото) Делегација од општина Илинден положи цвеќе пред споменикот на Васил Стојанов-Аџиларски

По повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, во населеното место Миладиновци се одржа пригоден настан со кој достоинствено беше одбележан овој значаен историски датум. Со положување свежо цвеќе пред споменикот на македонскиот револуционер Васил Стојанов-Аџаларски, присутните изразија почит кон неговата херојска борба за слободна татковина, извести општина Илинден.
Свежо цвеќе пред споменикот положија делегација од Општина Илинден предводена од градоначалникот Александар Георгиевски, пратеничката Драгана Бојковска, советници, претставници на општинските јавни претпријатија и училиштата, Сојузот на борци, Здружението на пензионери од Општина Илинден, претставници на невладини организации и бројни граѓани.
Васил Стојанов-Аџаларски е роден во 1880 година во селото Аџалари, денешно Миладиновци. Тој бил истакнат војвода и борец за национална слобода, кој предводел чета составена од комити од поширокиот регион на денешна општина Илинден. Аџиларски херојски загинал во 1909 година.
Во рамки на свеченото одбележување, во Домот на културата во Миладиновци се одржа и шаховски турнир организиран од Здружението на пензионери „Илинден“. На турнирот учествуваа 18 шахисти поделени во две групи, а натпреварувањето се одвиваше според ФИДЕ правилата за забрзан шах со темпо од 10 минути по играч.
Покровител на настанот беше градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој на крајот на турнирот им додели пригодни награди и плакети на најдобрите учесници, при што истакна дека ваквите активности претставуваат важен дел од заложбата на Општината за активно вклучување на повозрасните генерации во јавниот живот, но и за негување на традицијата и сеќавањето на историските вредности. Првото место го освои Сурловски Душан, второ место го освои Стефановски Христијан, трето место го освои Спасовски Миле и четврто место освои Мицевски Диме, се вели во соопштението на општина Илинден.