Скопје
По два пропаднати огласа, сега има пријавени приватни превозници за вршење јавен превоз
По два пропаднати огласа за приватни превозници во Град Скопје, овој пат има пријавени. Ова го потврди и скопската градоначалничка Данела Арсовска. Таа не кажа број на пријавени, туку посочи дека ќе чекаат до истекот на рокот за да видат колку вкупно апликации ќе има.
„Да, тие се пријавија. Ќе го причекаме и последниот рок, што е позитивна пракса, за да пристигнат ако има по пошта некои дополнителни апликации и во согласност со тоа од наредната недела комисијата треба да има одлука“, рече Арсовска.
Посочи дека добредојдени да вршат јавен превоз со приватни автобуси се сите превозници што имаат чесни намери и ќе работат во прилог на граѓаните.
„Она што верувам дека самите успеавте да видите во јавноста, дека ги повикавме сите што сакаат чесно и одговорно да си ја вршат оваа дејност, да се пријават на овој оглас со новото координативно тело на превозниците. Тие имаат чесни намери, навистина се заинтересирани да продолжат да работат, да работат како што се бара, да биде во интерес на граѓаните и да биде овозможена најдобрата можна услуга. Второ, разговаравме за адаптирање и приспособување кон стандардите важни за граѓаните за подобрување на состојбите во животната средина (за обновување на возниот парк)“, додаде Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Комунална хигиена-Скопје: Најголемо количество непрописно одложен отпад во февруари, 600 кубни метри, е подигнато во општината Центар
Во текот на месецот февруари 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 11 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, извести ЈП Комунална хигиена-Скопје.
„Отстранети се и 2505 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 600 кубни метри – е подигнато во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец февруари изготви вкупно 100 записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Записниците за прекршителите на Законот за јавна чистота беа врачени во следните општини:
1. Општина Чаир – 54 записници
2. Општина Карпош – 18 записници
3. Општина Аеродром – 11 записници
4. Општина Центар – 9 записници
4. Општина Ѓорче Петров – 6 записници
5. Општина Гази Баба – 2 записника
ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со реализација на еко-предавања и работилници во скопските основни училишта и предучилишни установи. Преку еко-едукацијата најмладите жители на нашиот град се запознаваат со активностите на Претпријатието, се едуцираат како правилно и совесно да постапуваат со својот комунален отпад, на кој начин се врши примарната селекција на отпадот и како се одвива процесот на рециклирање.

Во текот на минатиот месец, 253 ученици и 64 дечиња од основните училишта и градинките во општините Аеродром, Центар и Чаир имаа можност да ги проследат едукативните предавања за правилно постапување со отпадот и заштита на животната средина. Предавањата се одвиваа на македонски, албански и турски јазик“, соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
Посебен режим на сообраќај денеска во Скопје
Денеска, во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Н.Е. Марк Руте.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Без вода делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· Поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на улицата Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија, општина Центар;
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во село Бојане, во наредните 4 дена (03.03 до 06.03.2026 година) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане, општина Сарај.

