Скопје
Славески, чекајќи инструкции од својот партиски шеф, го блокира равојoт на градот, велат од Град Скопје
Срамно и неодговорно е однесувањето на претседателот на Советот, Трајко Славески, кој своеволно ја одложи седницата на Советот на Град Скопје, на која требаше да се гласа за проекти што се од клучно значење за скопјани, реагираат од Град Скопје.
Наместо да се разговара за капитални проекти, Славески, додаваат од Град Скопје, ја прекина и одложи седницата на која требаше да се најдат неколку круцијални инфраструктурни проекти, кои значително ќе го подобрат животниот стандард на граѓаните на Скопје во неколку населби во градот.
„Славески, веројатно, чекајќи инструкции од својот партиски шеф, денес го блокира рамномерниот равој на градот, кој самиот го промовира шетајќи од врата до врата со програмата ‘За модерно Скопје’ на градоначалничката Данела Арсовска.
ВМРО-ДПМНЕ денес ја попречи реконструкцијата на улицата Калош Дани која е руинирана, а по која секојдненво транзитираат илјадници жители од населбата Момин Поток.
Славески и ВМРО-ДПМНЕ ги оштетија и карпошани со блокадата на работата на Советот имајќи предвид дека денес советниците требаше да гласаат за изградба на две новопланирани улици 1 и 4 и изградба на мегапарк во општина Карпош“, истакнуваат од Град Скопје.
Чучер Сандево, кое повеќе од 30 години е заборавено од сите градски администрации, според информацијата од Градот, нема да добие реконструирана водоводна и нова фекална мрежа и реконструкција на улици во местата Кучевишка Бара и Бел Камен, само поради личните хирови на Славески.
„Апелираме до Мицкоски навреме да им ги каже инструкциите на своите советници, кои очигледно без негов амин не знаат како да гласаат кога станува збор за клучни инфраструктурни проекти во градот. На овој начин граѓаните барем ќе бидат свесни и ќе знаат кој работи во нивен интерес, а кој исклучиво гледајќи го теснопартискиот и личниот бизнис интерес“, се истакнува во соопштението од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

