Македонија
Шилегов: Речиси двојно го намаливме загадувањето на воздухот за четири години

Загадувањето веќе не е топ-тема во Скопје и тоа е добра вест за скопјани, смета градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Официјалните бројки, како што вели, покажуваат нешто многу поинакво од тоа што го покажувале пред 4 години, односно може да се забележи дека просечната вредност на ПМ-честичките на кубен метар е намалена речиси двојно. Ако во 2016 година сме имале 71,9 микрограм на кубен метар ПМ-честички, во 2020 имаме само 40, што е одличен резултат.
„Иако се верува дека метеоролошките услови се тие што значително влијаат на квалитетот на воздухот, гледаме дека на годишно ниво брзината на ветерот и температурата биле со речиси константни вредности. Ова значи дека токму мерките дале резултати, а не временските услови“, рече Шилегов.
Градот, како што нагласува Шилегов, презема многу мерки против загадувањето, а резултатите и мерењата покажуваат дека стратегијата функционира. Се обезбедија субвенции за купување инвертери, чистење оџаци, 15.000 велосипеди. Се набавија нови 33 автобуси на гас, се подигнаа 300.000 м2 ново зеленило, а инспекциските контроли се зајакнаа. Многу важен аспект на борбата со загадувањето е враќањето на „Дрисла“ во владение на Градот, каде што веќе се користи новиот инсенератор за третирање на медицинскиот отпад.
„Сите овие мерки дадоа одличен резултат и резултираа со 10.000 активни оџаци помалку во Скопје и 100-ина заменети котли за греење на државни згради. Затворивме 10 диви депонии и ги исчистивме сите во рамките на ГУП, а на нивно место посадивме дрвја и зеленило“, истакна Шилегов.
Додаде дека овие добри стратегии продолжуваат и во следниот мандат.
„Издвоивме 4 милиони евра субвенции за инвертери и средства за 30.000 субвенционирани велосипеди. Градот ја заврши секундарната гасификација и подготвени сме да реализираме финална фаза и да донесеме гас до домаќинствата“, вели Шилегов.
„Да не заборавиме дека градежните активности на Градот не се мегаломански и непотребни проекти што дополнително го задушуваат нашиот град, неговиот воздух и естетски. Овие бројки се доказ дека се движиме на вистинскиот пат кога станува збор за загадувањето и мојата намера, нашата намера, е да продолжиме во таа насока“, заклучи градоначалникот на Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времен прекин на сообраќајот на патниот правец Росоман-Кавадарци

АМСМ информира дека денеска сообраќајот на патниот правец Росоман-Кавадарци ќе биде во прекин во периодот од 10:00 до 14:00 часот.
Македонија
Зад смената на Јовев, апсолутно политика не стои, секаде каде што има злоупотреби, ќе има санкционирање, уверува Меџити

Смената на директорот на Клиниката за кардиологија Сашко Јовев кој ги предводеше трансплантациите на срце во земјава не е политичка, вели министерот за здравство Фатмир Меџити. Тој денес по посетата на реновирани простории на Клиниката за ендокринологија, не сакаше да зборува за причините поради кои го разреши Јовев и најави дека попладнево на брифинг ќе ги изнесе сите детали.
„Политика апсолутно не стои зад смената на Јовев, секаде каде што ќе има злоупотреби со мене како министер, ќе има и санкционирање“, рече министерот Меџити и нагласи дека заедно со Јовев на успешните трансплантаци работел цел тим.
Мецити вчера го разреши Јовев од функцијата директор, а смената наиде на лавина неодобрување кај јавноста, посебно кај пациентите со трансплантантирано срце и нивните семејства.
Македонија
Вмровски пратеници пред лидерската на Мицкоски: Уставни измени? Ма ни под разно!

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го потврдија веќе познатиот став околу уставните измени. Во објави на социјалните мрежи, тие реагираат, дека нема да дозволат преку уставните измени да се случи, како што велат, исполнување на поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта.
Со статус на социјалните мрежи, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески порачува дека нема наметнување на бугарски диктат и нема предавство на државата.
„Уставни измени??? Ма ни под разно! Нема наметнување на бугарски диктат и нема предавство на Македонија!
Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и националните интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани“, пишува Јаулески.
Додава дека Собранието не треба да се доведе во позиција за исполнување поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта, туку да служи на суверенот – граѓаните.
Ние, како што рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, нема да го дозволиме тоа.
И неговиот сопартиец, Бојан Стојаноски го повтори вчерашниот став на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во пресрет на лидерската средба.
Нема промена на Уставот под бугарски диктат, напиша тој.
Според напишаното, уставните измени кои ги прифаќа македонската влада предводена од СДСМ и ДУИ се производ на диктат и под услови кои не се прифатливи за македонските граѓани.
Апелираат до Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и национални интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење на таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани.
„Собранието не треба да се доведе во позиција за исполнување на поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта туку да служи на суверенот – граѓаните“, се додава во ставот на ВМРО-ДПМНЕ.
И Мицкоски вчера на ист став со неговите сопартијци, дека кога ќе отиде на лидерска средба со Ковачевски нема да дозволи уставни измени.