Скопје
Аеродром станува првата смарт-општина во Македонија – објавен повикот за избор на стратешки партнер
Општина Аеродром го објави повикот на избор на стратешки партнер кој преку јавно приватно партнерство треба да го реализира проектот „Смарт Аеродром“. Проект, кој претставува сеопфатен напор за беспрекорно интегрирање на напредните технологии во нашата општина, во насока на подобрување на различните аспекти на секојдневното живеење. Трошоците за реализација на проектот во целост ќе ги има приватната компанија, а Општина Аеродром освен што нема да има финансиски импликации за истиот, ќе оствари и заштеда на електрична енергија, а со тоа и заштеда на средства.
„Паметни светилки на територијата на целата општина кои треба да го решат проблемот со осветлувањето во Аеродром и да влијаат на заштедата на електрична енергија, електрични тротинети и велосипеди кои ќе ја зголемат мобилноста на граѓаните, а со тоа и кон намалување на загадувањето, дигитални дисплеи преку кои граѓаните ќе се информираат за работата на општината, бесплатни зони за интернет и полначи за електрични автомобили се само дел од придобивките за граѓаните на Аеродром кои ги предвидува проектот „Смарт Аеродром. Освен тоа, тој ќе влијае и на остварување на стратешките приоритети преку подигнување на безбедноста и сигурноста на граѓаните, придонес за почиста и позелена општина и директното влијание кое „Смарт Аеродром“ ќе го има на квалитетот на живеењето во општината“, велат од Општина Аеродром и додаваат:
„Проектот „Смарт Аеродром“ претставува реализација на ветување дадено во изборната програма и истиот е значаен исчекор напред за граѓаните и нашата општина, покажувајќи ја решеноста за прифаќање на новите технологии и воведување одржливи практики во насока на подигнување на квалитетот на живеење. Со имплементирање на овие иновативни решенија, го отвораме патот за посветла иднина во Аеродром – иднина каде технологијата, одржливоста и поврзувањето се спојуваат во еден проект кој пред се ќе донесе низа бенефити за граѓаните, а потоа ќе донесе технолошки напредна општина со која сите ќе се гордееме. „Смарт Аеродром“ е проект кој е важен технолошки исчекор напред, проект во чии рамки се пресретнуваат технологија и одржливоста, за првпат во Македонија, токму во општината Аеродром“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Уште 20 нови дигитални услуги на интернет-страницата на Општина Кисела Вода
Запишување на децата во градинка по електронски пат, пријава за инспекциски служби, поставување директни прашања до градоначалникот или до советниците се едни од 20 нови дигитални услуги што Општината Кисела Вода ги воведе денеска.
Овие услуги се достапни на новата општинска интернет-страница и со ова продолжува дигитализацијата на Општината почната пред речиси две години.
„Дигитализацијата на Општината претставува значаен чекор кон подобрување на транспарентноста, отвореноста и ефикасноста на локалната самоуправа. Воведувањето дигитални услуги овозможува значително олеснување на процедурите за граѓаните и бизнис-заедницата и истовремено го намалува ризикот од коруптивни дејства. Овие промени ја поставуваат основата за една модерна, ефективна и отворена општина, која е насочена кон потребите на своите граѓани“, изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Со новите услуги ќе биде овозможено следење на системот на јавни набавки, плаќање на такси поврзани со Општината.
„Нема да има повеќе уписи преку врски во градинки. Родителот од дома ќе може да аплицира, да наведе за која градинка е заинтересиран и за неа да аплицира. Со тоа и ние како локална самоуправа точно ќе знаеме во секој момент колкав број деца има за упис, каде има потреба од отворање дополнителни капацитети. Преку апликациите ‘Прашај го градоначалникот’ и ‘Прашај го својот советник’ нашите жители ќе може да комуницираат во прво лице со лицата што ги избрале да ги решаваат нивните проблеми“, додаде Ѓорѓиевски.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Скопје
Без струја делови од општините Илинден и Кисела Вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат делови од општините Илинден и Кисела Вода.
Од 08:30 – 09:30 часот, корисниците од улицата бр. 34 во населба Илинден, општина Илинден ќе немаат струја.
Без електрична енергија од 09:00 – 13:00 часот, ќе бидат корисниците од дел од улицата Востаничка во општина Кисела Вода.