Скопје
Андоновска: Арсовска да објасни зошто итна седница за ЈСП за кое истураме пари, а пак нема автобуси, ако не знае да работи, да си даде оставка
Денеска, за седницата на Советот на Град Скопје гледам дошле сите колеги советници, од сите советнички групи, но ја нема таа што ја побара оваа седница, а тоа е Арсовска, да ни објасни зошто оваа седница мора да се случи токму сега, рече Марија Андоновска, советник во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Андоновска посочи дека за советниците да гласаат итност, градоначалничката Данела Арсовска треба да образложи зошто ја бара оваа итна седница и токму со оваа точка.
„Таа не е тука со месеци, како мисли да раководи со овој Град, без да дојде тука да се соочи со советниците, кои треба да ги поддржат или не точките што таа ги предлага и кои таа треба да ги реализира. Со оглед на фактот дека се работи за точка за ЈСП, да потсетам дека овој Совет со месеци бара информации за ЈСП за тешкотиите со кои се соочува ЈСП“, рече Андоновска.
Посочи дека во Советот се носат одлуки, меѓу кои и онакви со кои се издвојуваат финансиски средства.
„Тие пари не се наши лични, не се ни на Арсовска, тие се на граѓаните и треба да ни објасни и нам и на граѓаните зошто тоа претпријатие има тешкотии токму откога таа е градоначалник, зошто му се даваат најмногу средства, а има најмногу долгови. Должна е Арсовска да објасни ако сака ова претпријатие да работи и граѓаните да добијат соодветен јавен превоз. А што се случува – нема автобуси, доцнат, претпријатието има долгови, а се бара ние да истураме средства, а не знаеме каде завршиле претходните“, рече Андоновска.
Праша дали се работи за незнаење или за криминал.
„Затоа таа треба да е тука и да ни објасни и да се најде решение, ако не знае како да се справи со ова претпријатие, со Градот, нека си поднесе оставка. Нека не го малтретира Скопје, скопјани не се должни да живеат во вакво Скопје“, заклучи Андоновска, која побара да се обезбеди присуство на Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Засилени контроли во Центар, 50 евра глоба за непрописно паркирање, порача Герасимовски
Комуналните инспектори и редари на општина Центар спроведуваат засилени контроли на возила кои се непрописно паркирани на јавни и зелени површини.
На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, со предвидена казна од 50 евра во денарска противвредност, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на општина Центар.
Сторителот на прекршокот е должен веднаш да го подигне прекршочниот платен налог во Општина Центар, Сектор за инспекциски работи, барака 6А. Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот.
По истекот на рокот следува целосна наплата, односно се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд, извести Општината.

„Редот се спроведува доследно и без исклучоци. Жителите на Центар го бараат тоа од нас. Безбедноста на пешаците и заштитата на јавните и зелените површини ни се приоритет“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат правилата и да придонесат за подобра урбана и животна средина.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Собрание на Македонија на улицата „11-ти Октомври“ и улицата „Даме Груев“ и доколку се појави потреба од пренасочување, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.

