Скопје
Бочварски го потврди сомнежот дека зад ДУП-от во Ѓорче се кријат криминални интереси: преписка меѓу Град Скопје и Министерството за транспорт
Од Град Скопје оценуваат дека реакцијата на Министерството за транспорт и врски уште еднаш докажува дека во Македонија ниту владее, ниту пак има изгледи правото да завладее во догледна иднина.
„Благој Бочварски, поставен за министер за транспорт и врски во владата на Зоран Заев со денешната реакција дополнително го потврди сомнежот дека зад ДУП-от во општина Ѓорче Петров со кој се предвидува изградба на преку 50 станбени згради со површина од 240.000м2 и три индустриски деловни објекти од хемиската индустрија на површина од 157.000м2 се кријат коруптивни и криминални интереси.
Иако се повикува на закон, Бочварски како министер за транспорт и врски би требало да знае дека за да стави параф на согласност на ДУП во Градот Скопје, мора односно е неопходно да добие и согласност на конечен предлог ДУП од страна на град Скопје“, се нагчасува во реакцијата од Град Скопје.
Дополнително, како што велат од оваа институција, Бочварски треба да одговори зошто при барање за одобрување на ДУП-ови од страна на други општини во град Скопје, министерството ги препраќа да достават два, три или повеќе пати согласност од градот Скопје и не им издал одобрение, но истото не го направил и за овој ДУП од Ѓорче Петров.
Бочварски, се истакнува во дописот, треба да одговори и зошто не постапил согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој во член 36 став еден децидно вели дека согласност од Град Скопје е неопходно да биде обезбедена пред министерството да ја даде својата согласност.
„Бочварски исто така треба да одговори зошто се повикува на непостоечка одредба за наводни рокови, во обид да ги оправда своите постапки и лажно да ги претстави како исправни, а зошто во случаи со ДУП-ови од други општини каде што неговите диригенти Заев и Мицкоски немаат интерес, не постапил на истиот начин. Одговорност мора да има. Градот Скопје нема да дозволи ваков нелегален план да стане реалност“, потенцираат од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

