Скопје
(Видео) Вандалско однесување на малолетници во Капиштец, Герасимовски бара итна реакција
Во населбата Капиштец синоќа повторно беше нарушен јавниот ред и мир, откако група малолетни лица со непримерно однесување извршија серија вандалски активности. Тие кршеа шишиња, палеа петарди и предизвикуваа тепачки, со што ја загрозија безбедноста на локалното население.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, остро го осуди овој чин и побара итна интервенција од надлежните институции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку континуиран проблем кој бара итна реакција. Како одговорни граѓани, веќе поднесовме пријава до надлежните институции и апелираме до Министерството за внатрешни работи веднаш да преземе мерки за справување со овие недолични активности и да поведе детална истрага,“ истакна Герасимовски.
Општината апелира до Министерството за внатрешни работи да преземе брзи и ефикасни мерки за справување со ваквите појави, со цел да се спречат потенцијални трагични последици.
Градоначалникот предупреди дека малолетниците вклучени во ваквите дејства не само што им наштетуваат на другите, туку ризикуваат и да се повредат самите.
„Очекуваме брза и ефикасна реакција за да се спречи некоја поголема трагедија“, додаде Герасимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Во завршна фаза целосната реконструкција на салата „Расадник“
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес заедно со министерот за спорт, Борко Ристовски, изврши увид во градежните активности за комплетната реконструкција на спортската сала „Расадник“.
Tемелната обнова на оваа култна сала, која долги години беше оставена во руинирана состојба, се одвива со забрзана динамика. На реконструкцијата, која започна кон крајот на 2024 година и е финансирана од Министерството за спорт, ѝ претходеше комплексна правна постапка што целосно ја спроведе Општина Кисела Вода, вклучувајќи го и финансирањето и нарачката на проектот за целосна реконструкција.
-Денес, заедно со министерот Борко Ристовски, направивме детален увид во тековните градежни активности во салата “Расадник”. Како локална самоуправа, Општина Кисела Вода ,тогаш предводена од мојот претходник Ѓорѓиевски, ја водеше целата постапка, од правната подготовка до изработката на проектот, со што беа обезбедени услови овој процес да започне и успешно да се реализира. Задоволна сум од тоа што го видовме на терен и од степенот на досега извршените работи. Искрено сум му благодарна на министерот Ристовски за обезбедените средства од Министерството за спорт, затоа што токму ваквата силна институционална поддршка овозможува “Расадник” конечно да се обнови и да го врати своето вистинско место во спортскиот живот на општината.
Голема благодарност упатувам и до Владата на Република Македонија и премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски, чии заложби за унапредување на спортот и спортската инфраструктура се видливи токму преку вакви капитални проекти. Тука навистина гледаме како се менува приказната, од објект кој со години пропаѓаше и претставуваше срамен пример за негрижа, “Расадник” повторно ќе стане место каде што ќе се собираат граѓаните, ќе се слави спортот и ќе се раѓаат нови спортски имиња, како што беше случај и во минатото.
Оваа сала некогаш беше дом на спортскиот клуб “Вардар” и искрено се надевам дека повторно ќе го добие тој статус, затоа што “Расадник” не е само објект, туку и емоција, традиција и симбол за многу генерации од Кисела Вода- изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Вредноста на реконструкцијата изнесува 120 милиони денари. Реконструкцијата на салата треба да заврши до крајот на декември годинава, додека партерното уредување ќе биде завршено во текот на следната година.
Македонија
Дел од Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 10.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Михаил и Ефтихиј и Георги Димитров. (општина Кисела Вода)
Скопје
Се санира паркот во близина на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Кисела Вода
Во завршна фаза е санацијата на паркот во близина на црквата „Св. Ѓорѓија“, проект што се реализира преку партнерство меѓу Општина Кисела Вода и компанијата „Пелистерка АД Скопје“. Станува збор за значајна интервенција на простор кој долго време се наоѓаше во незавидна состојба и бараше целосно обновување.
Во рамките на активностите извршено е целосно поплочување со нови павер елементи на површина од 420 м². Изградени се две нови пешачки патеки, санирани се скалите од амфитеатарот, обновен е споменикот, поставена е нова водоводна инсталација на која ќе бидат монтирани нови чешми, а во тек се работите на новата фонтана.
Паралелно со овие зафати, Општина Кисела Вода постави нови даски за седење кај амфитеатарот, го оплеменува просторот со ново зеленило, поставува ново парковско осветлување и современа урбана опрема, со што паркот добива попријатен изглед.
Очекувањата се дека за три седмици целиот простор ќе биде целосно готов и ставен во функција.

