Скопје
(Видео) Данилоски: Општина Аеродром го скрати спонзорството за МЗТ од 24 на 12 милиони денари
„Општина Аеродром е во толку лоша финансиска кондиција што почна да штеди дури и на спонзорството за кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје. Дејан Митески и ВМРО-ДПМНЕ преку Советот на Општина Аеродром ја преполовија сумата која се доделуваше како спонзорство на најголемата аеродромска гордост МЗТ. Само 12 милиони денари Општина Аеродром одвои за спонзорство на МЗТ за 2025 година. Само за потсетување во 2021 и 2022 година овој износ беше 24 милиони денари што е двојно повеќе во однос на износот кој Митески го предвиде за оваа година“, вели Марко Данилоски, секретар на ОО СДСМ Аеродром.
„Митески, Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ пред само 4 години ветуваа враќање на МЗТ во АБА 1 лигата. Наместо тоа МЗТ испадна и од АБА 2 лигата. За тоа време финансиските извештаи за работењето на МЗТ се најстрого чувана тајна во Општина Аеродром. Јавно го прашуваме градоначалникот Дејан Митески, дали е точно дека МЗТ должи на играчите? Дали и колку должи по основ тужби заради неисплатени плаќања кон играчи? Дали е точно дека тоа е една од причините за блокадата на сметката на клубот во текот на минатата година? Прашуваме зошто не се објавени јавно финансиските извештаи за работењето на МЗТ? Зошто истите не се разгледуваат на седниците на Советот на Општина Аеродром?“, додава Данилоски.
Според него, Митески и ВМРО-ДПМНЕ должат многу одговори.
„Нема да дозволиме МЗТ да се претвори во пералница на пари и инструмент за богатење на поединци. На МЗТ му е потребна помош и искрена поддршка, а не лажни предизборни ветувања. МЗТ денес е понижен, а неговите искерни поддржувачи се прелажани. Памтиме времиња кога играчите вадеа срце на терен, а од навивањето на Фемили Аеродром се тресеше цел Балкан. На МЗТ му е потребно обединување од страна на сите политички, партиски и непартиски субјекти. Само со искрена поддршка ќе го вратиме МЗТ на победничките патеки“, завршува Данилоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Засилени контроли во Центар, 50 евра глоба за непрописно паркирање, порача Герасимовски
Комуналните инспектори и редари на општина Центар спроведуваат засилени контроли на возила кои се непрописно паркирани на јавни и зелени површини.
На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, со предвидена казна од 50 евра во денарска противвредност, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на општина Центар.
Сторителот на прекршокот е должен веднаш да го подигне прекршочниот платен налог во Општина Центар, Сектор за инспекциски работи, барака 6А. Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот.
По истекот на рокот следува целосна наплата, односно се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд, извести Општината.

„Редот се спроведува доследно и без исклучоци. Жителите на Центар го бараат тоа од нас. Безбедноста на пешаците и заштитата на јавните и зелените површини ни се приоритет“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат правилата и да придонесат за подобра урбана и животна средина.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Собрание на Македонија на улицата „11-ти Октомври“ и улицата „Даме Груев“ и доколку се појави потреба од пренасочување, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.

