Скопје
Во Скопје се реализира третата фаза од проектот за испитување и студија за магистралните водоводни цевководи
Град Скопје продолжува со трета фаза за реализација на стратешкиот проект од програмата „За модерно Скопје“ за испитување и студија за магистралните водоводни цевководи. Со изработката на стратешката студија, како што информираат, се добива дијагностика и утврдување на состојбата на двата постојни челични водоводни цевководи, со димензија Ф1600, првпат од нивната изградба.
Во третата фаза се анализира состојбата на самите цевки во нивниот надземен и подземен дел во општина Гази Баба, состојбата на објектите што се изградени за правилна експлоатација на цевководот, односно армирано-бетонските шахти со хидромашинска опрема, мостовска конструкција на надземниот дел од цевководот, како и опремата за активна катодна и друга заштита. Со третата фаза од студијата за магистралните водоводни цевководи базирана на темелни испитувања и анализи, која се прави првпат по 60 години, се испитува водоснабдувањето на град Скопје од количини вода што се расположливи од двата каптажни објекта, кое се движи преку двa челични цевковода.
Испитувањата на терен ги вршат експерти и професори од Машинскиот факултет, со цел да се добие прецизна студија за магистралните водоводни цевководи, кои се изградени пред 60 години, а студијата треба да даде информации какви мерки треба да се преземат за да се превенираат несакани појави во иднина и да се имаат сите информации за овие клучни цевководи во Скопје.
Имајќи предвид дека цевководите се челични и градени во постземјотресниот период почнати во 1964 година, по нивната 60-годишна функционалност, со оваа студија би се добила детаљна слика за состојбата и би се оформиле насоки за идни потреби на инвестиции во овој сегмент. Суштината на изработката на стратешката студија е утврдување на состојбата на двата главни магистрални метални цевковода – едниот кој оди по трасата на булеварот Партизански одреди и другиот по булеварите Словенечка и Босна и Херцеговина, велат од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

