Скопје
Герасимовски: Почнува реконструкција на улицата Столтенбергова пред Градскиот стадион
Како резултат од меѓуопштинската соработка со Град Скопје, денеска, почна реконструкција на улицата Столтенбергова, која ги поврзува Градскиот парк, Градскиот стадион и кејот на реката Вардар.
Градежните зафати, на кои работи ЈП „Улици и патишта“, се одвиваат на потегот пред Градскиот стадион, каде што е вградена камена коцка, односно калдрма, која со реконструкцијата ќе биде отстранета и на чие место ќе се постави нов алфалтен слој, извести Општина Центар.
„Денеска, почнаа градежните зафати на потегот пред Градскиот стадион ‘Тодор Проески’, кој беше покриен со калдрма, која со текот на времето беше оштетена и дотраена. Со овие реконструктивни зафати целата калдрма ќе биде извадена и ќе биде заменета со нов асфалтен слој. Со градежните зафати ќе го изедначат целиот круг околу градскиот стадион, со што ќе се добие целина затоа што калдрма имаше единствено на локацијата на која сега се работи“, вели Герасимовски.
Претходно, во август, со меѓуопштинска соработка со Град Скопје беше реконструирана улицата Славејко Арсов на Водно, каде што беше поставен нов асфалт и нови рабници.
Општина Центар ќе продолжи да вложува во инвестиции во инфраструктурата со цел да се зголеми безбедноста на пешаците и возачите, но и да се нормализира одвивањето на сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Општина Центар ги награди најдобрите наставници и ученици, првенци на генерацијата
Општина Центар додели награди и пофалници на 8 првенци на генерацијата и на најдобрите 13 наставници и стручни соработници во образовниот процес во општинските основни училишта за тековната учебна година.
„Како и секоја година досега, Општината ги мотивира учениците и наставниците да останат посветени и креативни, да создаваат нов квалитет и постигнуваат резултати со кои ќе се гордееме. Со овие награди сакаме да ги охрабриме нашите првенци да продолжат да бидат успешни средношколци и дополнително да го мотивираме наставниот и стручен кадар во нашите општински училишта. Воспитувањето и образованието на нашите деца е одговорна и важна работа од која зависи напредокот и развојот на целата држава, а за тоа ни е потребен кадар што максимално ќе се вложува во тој процес“, порача градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, честитајќи им на наградените првенции наставници во рамките на манифестација „Академско пладне“, што се одржа во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“.
Најдобрите ученици полуматуранти се наградени со паричен износ од 15.000,00 денари, а најдобрите одделенски и предметни наставници и стручни соработници со износ од 30.000,00 денари во согласност со програмата за образование за 2024 година.
Годишните награди се доделуваат по повод обележување на Денот на словенските просветители, свети Кирил и Методиј, врз основа на претходно утврдени критериуми за вреднување на работата на вработените во основните училишта во општина Центар, а првенците на генерација ги избира самото општинско училиште.
Финансиските средства ќе бидат исплатени по завршување на изборниот процес, односно до изборот на владата, соопшти Општината.
Скопје
Одбележан патрониот празник на ООУ „Браќа Миладиновци“ во општина Илинден
Со положување свежо цвеќе пред бистата на браќата Миладиновци беше одбележан патрониот празник на ООУ „Браќа Миладиновци“ во Миладиновци. Цвеќе положија градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, дирекротот на ООУ „Браќа Миладиновци“, Дарко Петковски, директори на училишта, јавните претпријатија, здруженија, известува Општината.
Од страна на децата од детската градинка во Миладиновци по повод патрониот празник беше подготвена приредба во чест на празникот.
Во рамките на одбележувањето на патрониот празник беше разгледан летниковецот, кој ќе служи како едукативно катче во дворот на училиштето. Во иднина се очекува да се користи како катче за дружење, настава на отворено и место, каде што ќе може да се разговара и дебатира за теми што ги засегаат учениците, се додава во соопштението на Општина Илинден.
Скопје
Ѓорѓиевски додели ваучери за летување за победниците на општинската лига во футсал од Основното училиште „Круме Кепески”
Екипата од ООУ „Круме Кепески“, која е победник на општинската лига во футсал бесплатно ќе летува во Охрид, како награда од општина Кисела Вода. Градоначалникот Орца Ѓорѓиевски денес им честиташе на младите спортисти, им го врачи ваучерот и им посака уште многу понатамошни успеси.
„Сакам да ви честитам, пред се’, за покажаната одлична игра, за цврстиот карактер и посветеноста без кои ваквиот успех немаше да биде можен. Наградата која ви ја обезбедува Општина Кисела Вода е само поттик за нови добри резултати за кои сум сигурен дека ќе ги постигнете. Вистинската награда е она што вие веќе сте го избрале како патека, вложувајќи во себе, градејќи се во силни личности кои во иднина ќе ја градат нашата држава. Од Кисела Вода имало и има многу спортски легенди и ваша задача е да го дадете својот максимум и да ни обезбедите тим за кој во иднина ќе навиваме и на кој ќе бидеме горди како нација“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тој разговараше и со тренерот на тимот, наставникот по физичко воспитување Игор Зафировски кој го информираше дека оваа екипа сочинета од осмо и деветтоодделенци веќе им помага на новите таленти од училиштето од пониските одделенија. Го искажа своето задоволство од начинот на кој се однесуваат на теренот и надвор од него и потенцираше дека во нив гледа многу идни успешни спортисти. Благодарност за поддршката од општина Кисела Вода и од покажаните резултати изрази и помошник тренерот, наставникот Горан Андоноски.
На настанот, присуствуваше и претседателот на Општинскиот сојуз за училишен спорт на општина Кисела Вода, м-р Дејан Стоимановски, како и членот на управниот одбор д-р Благоја Кечовски. Со градоначалникот разговараше и капитенот на тимот Матеј Ивановски кој во име на тимот му се заблагодари за наградата и кажа дека успехот се должи на сплотеноста на играчите и дека се надева дека и наредната година ќе имаат одлични резултати, извести општината.