Скопје
Герасимовски: Исполнето уште едно ветување, нови училници во училиштето „Коле Неделковски“ по цели 66 години
Учебната година во ООУ „Коле Неделковски“ започна со нов дограден дел на училиштето кој вклучува четири пространи и осветлени училници, два кабинети, една библиотека, лифт, тоалет и пристапна рампа за полесен пристап за влез за учениците со посебни потреби. Ова е прва доградба која Општина Центар ја прави по цели 66 години.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска на првиот училиштен ден го отвори новото крило во училиштето заедно со првачињата кои ќе ја следат наставата во овие проширени капацитети. Герасимовски на отворањето порача дека со отворањето на новото крило учениците добиваат нови училници направени по сите светски стандарди за модерно образование.

„Денеска, со големо задоволство можам да објавам дека го исполнивме ветувањето кое го дадовме пред една година. Денес сме сведоци на историски момент за нашето училиште и нашата заедница. По цели 66 години, првпат се врши значително проширување на капацитетите на нашето училиште. Ова не е само зграда или инфраструктура, туку вложување во иднината на нашите деца. Со оваа доградба, училиштето доби четири нови училници, два кабинета за психолог и педагог, како и нова библиотека. Особено сме горди што просториите се целосно инклузивни, со лифт за учениците со потешкотии во движењето, специјализиран тоалет за ученици со посебни потреби и пристапна рампа за полесен пристап до училиштето. Нашата цел е сите ученици да се чувствуваат прифатени, поддржани и охрабрени да го достигнат својот целосен потенцијал. Овие подобрувања се дел од нашата заложба за создавање на инклузивна средина во која сите деца имаат еднакви можности за успех и напредок. Оваа инвестиција е направена со највисоки стандарди за енергетска ефикасност и квалитет. Фасадата е енергетски ефикасна, скалишното јадро е изработено од природен гранит, а подовите во ходниците се од терацо. Училниците се опремени со дабов паркет, клима уреди, и подни инсталации за смарт табли и компјутери, што ги прави модерни и функционални“, истакна Герасимовски.
Инвестицијата, вредна околу 43 милиони денари, е целосно финансирана од општинскиот буџет. Општина Центар продолжува да инвестира во инклузивно образование и квалитетна настава за учениците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

